1025 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 03:59
И јас не можам да го прифатам, не само твоето искажување (се мисли на написот на Стојан Андов), ни твоето искажување, ниту твоето премолчување. За да бидам полесно разбран, ќе се фокусирам само на неколку прашања, а тие се:
- дали навистина ВМРО длабоко се пасивизира за време на НОБ?
- во што е разликата меѓу НОБ и НОВ (Народноослободителна војна), не според мене и уважениот автор, туку според правната и воената наука?
- што фактички значи ако НОВ и АФБ се сведат на учество и учесници во борбата против фашизмот?
Да одиме по ред. Авторот може и да се офајди од овие мои неколку реда, ако колумната е дел од некој поопсежен труд, прилагоден на ова време и ако навистина сака историски да биде покоректен.
Пред сè, нужно е да се расчисти на кое ВМРО мисли авторот, на она од времето на НОБ или на ова сегашното. На партијата (сега) или на движењето тогаш, за да не удриме „тој во клин, а јас во плоча“ и да не сееме заблуди меѓу недолжните читатели. Сугерирам да прифатиме дека ова сегашно ВМРО им го одзеде правото на Македонците, го исприватизира НО (Националноослободително) движење (ВМРО, ТМРО и слично), го сведе на партија, на релативно тесна интересна група и ги собира сите придобивки само за себе веќе четвртина век.
Ако е така, а така е, ред е да си ја земе и сегашната и историската одговорност за стореното во тоа време и сега, како и за нестореното што требало да се стори.
ВМРО (тогаш) во НОБ не беше длабоко пасивизирано. Тоа движење во домашна верзија не постоело во која било и каква било форма. Некои поединечни субјекти, како Китинчев, Чкартов, Ѓузелов, Чулев и други, штотуку излезени од занданите на СХС, не успеваат да создадат никаква ВМРО-организација. Тие ги прифаќаат директивите на софиската врховистичка (бугаро-врховистичка) ВМРО и се определуваат за фашистичката страна - учествуваат во организирањето некакви граѓански одбори, а тие, пак, организираат свечени дочеци на бугарските фашистички „брзи“ дивизии, полициски одреди и ешалони, агентури и во нив интегрирани членови на ВМРО од Бугарија
Тие, „нашите“, од бугарското ВМРО масовно дојдоа овде и се вклучија во анексијата на овој дел од Македонија, а анектор беше фашистичкото царство Б'лгарија. Анексијата ја помагаа со сите сили и на сите позиции: во администрацијата, во економското пустошење, во образованието, во побугарчувањето, дури и со оружје во прочуените контрачети. Дали треба да го потсетам нашиот, несомнено, учен, пеан и шетан автор - на Атанас Калчев - војводата на тиквешката контрачета.
Со исто презиме бугарски полковник крстосува низ преубавото мегленско, агитирајќи во полза на фашизмот со тесна поддршка од пауџидите на Наполеон Зервас. Иван Иванов-Ивче, директорот на гимназијата во Кавадарци, нели, беше од софиското ВМРО. Полковникот Апостолов - командантот на „14 пехотен полк“ од „14 пехотна дивизија“ (скопска) е, исто така, од ВМРО од Бугарија, по потекло од Крива Паланка.
Ако и двајцата мислиме на тоа ВМРО со кое не еднаш се идентификува и денешното, тогаш не само што не било длабоко пасивизирано во времето на НОБ, туку суперактивно, ама на фашистичката страна и, конкретно овде, во директна служба на бугарските фашистички анектори, а потоа и окупатори (по АСНОМ) на асномска Република Македонија.
Тодор Атанасовски (втор оддесно) како комесар на 14. македонска младинска бригада „Димитар Влахов“, која се борела на Сремскиот фронт
Имаше уште една страна, наши овдешни луѓе што како млади, дури и како деца, биле учесници во нашето национално и народноослободително движење. Нема да ја ширам приказната за нив, такви ги има во секое семејство. Тие некогаш млади и самите се идентификуваа како „илинденци“. И тие не беа длабоко пасивизирани, не им требаше многу време да разберат кој е кој и за што се бори и почнаа да се приклучуваат на НОБ без да менуваат што било кај себеси.
Би било добро целата ситуација и разликите меѓу нашите „илинденци“ и бугароврховистичкото ВМРО темелно да се изучат со методите на објективната наука.
Затоа за Стојана ќе наведам неколку кавадаречки имиња: Ифтим Грбавиот-Дранго, по војната имаше една пензија, ама две споменици, илинденска и партизанска, како докажано организиран и многу корисен учесник во НОВ и АФБ 1941-1945 г. Овој поинаков од скопскиот Ефтим и неговиот „бунт“. Пане Аџитефов, па итрецот Даскал Тасе Јосифов, стариот Методија Џунов сосе целото семејство. Да редам ли уште? Република Македонија на повеќе од 1.300 илинденци им стокмила илинденски споменици и исто толку скромни пензии.
Уште само збор-два за вмровските вооружени контрачети. Тие навистина беа вооружени платеници во служба на фашистичка Бугарија - „квислинзи“.
Меѓутоа, нивната појава беше сериозно сфатена како намера да се предизвика меѓусебен колеж. Еве, како и зошто:
Набргу по нивната појава, низ Македонија во 1941 година се растрчаа и цела сурија кралски офицери со цел да создаваат кралска војска во отечеството „Јужна Србија“ - се разбира и тие да ти биле покриени со антикомунистички превез.
И денес, нели, сите сме антикомунисти, и учени и недоучени политичари, колумнисти, партијци и непартијци, министри и потрчковци, судии и академици, адвокати, богати и сиромаси - поголемо единство, здравје! Не остана покусо и „комбатори“ во лицето на фашистичкиот протекторат Голема Албанија, со нејзините „volintore“, вооружените балисти, всушност, изнасобран целиот оној качаклук, кој во кралството СХС со џандарите рака под рака ги малтретираше чесните Албанци, Македонци, исламизирани Македонци, Турци, Власи и други.
Потем, во целиот тек на НОБ се нема случено ниту еден судир меѓу бугаромакедонските контрачети, големосрпските четници и балистите. Сите тие заедно и здушно, како браќа, се бореа жестоко против НО-војска. А денес, ѓоамити, секој ден меѓусебно се тепаат. А, дали е тоа така? Значи, тогаш, нашинец, ВМРО во таа смисла не беше длабоко пасивно, туку суперактивно.
Свечен пречек на бугарските окупациони сили од страна на т.н. бугарски комитети во Македонија
Во што е разликата меѓу дефинициите НОБ и НОВ?
Не само С.А., туку и цел корпус историчари, периодот 1941-1945 година го дефинираат и како востание или како НОБ, дури и како „револуција“, а многу ретко како НОВ. Нашата историографија со голем комодитет и лефтерно (некритички) прифати повеќе дефиниции, кои не само што не ја отсликуваат посебноста и вистинската природа на НОВ 1941-1945 година, туку создаваат магла и магливи состојби, со што, пак, се олеснува занемарувањето на посебноста на НОВ во Македонија.
Да не завлегувам во поопфатна компаративна анализа на тоа време, ќе се потпрам само на релациите Србија - Македонија и Југославија - Македонија. Дефиницијата НОБ е во ред доколку е во прашање Србија, па и Југославија.
Србија веќе има држава, дури и повеќе од тоа. И онаа држава што е претставена со кралот Петар и со владата во Лондон ја смета за своја, а дома ја има и владата на генерал Милан Недиќ. Значи, целта за Србите и Србија е да се победат фашизмот и фашистичките окупатори и да се ослободи земјата, а не допрва да се создава српска држава.
И кога е во прашање југословенската стратегија (КПЈ и Ј.Б. Тито), не е цел создавање заедничка држава, бидејќи таква сè уште постои во лицето на кралството СХС, кое е претставено со кралот и владата во егзил (Лондон), каде што се уредно застапени со министри и С (Словенците), и Х (Хрватите), и С (Србите). Тито е за нова Југославија, замислена како федерација на рамноправни федерални единици, меѓу кои е и Македонија. Меѓутоа, таа не е наша стратегија, туку Титова и стратегија на КПЈ.
Таа стратегија е за нас и шанса и услов, извонредно совпаѓање на нашите интереси со концептот нова Југославија. Тој концепт, не само што ќе ни овозможи реализација на нашите народни и национални цели - национална слобода и сопствена држава, туку е и одговорот на прашањето НОБ или НОВ.
Според мене, според воената наука и посебно според јуристиката и нејзината теорија за државата, нам овде и во услови на Втора светска војна, ни се случи НОВ 1941-1945 година. Еве, зошто:
Во периодот 1941-1945 година, НОБ е чекор над барањата за автономија во рамките на некоја друга држава и веќе не е мотив да слушнат големите сили и да ни дозволат да организираме своја (наша) држава, туку ние сега и овде сами ќе се избориме и за национална слобода и за сопствена држава. Високите цели - национална слобода и сопствена држава се тие што борбата ја подигаат на ниво на војна.
Генерал Атанасовски бил првак во стрелаштво во ЈНА
Војните се феномен на релациите во меѓудржавните односи, а поради тоа и учениот Клаузевиц ја стокмил општоприфатената дефиниција за војната како продолжување на политиката со насилни средства.
Достигнувањето на споменатите цели во нашиот случај е потврда дека во периодот 1941-1945 година овде се водеше наша војна, која е битно различна од претходните востанија. Ако не се случеше АСНОМ, кога е формирана и јавно прокламирана државата Република Македонија и кога е објавена декларацијата за национална слобода, не ќе имавме војна 1941-1945 година, туку тоа ќе беше уште едно наше востание.
Во тој случај дефиницијата НОБ ќе беше вистинска, меѓутоа сега не е вистинска затоа што случувањето на АСНОМ и формирањето нова балканска држава, Република Македонија, е над таа дефиниција.
Секогаш треба да се прави разлика меѓу стратегијата и стратегиските прашања. Стратегијата ја дефинира целта, додека стратегиските прашања се во функција да се достигне таа цел.
Водечките политички фактори во НОВ и АФБ 1941-1945 успешно осмислија за сите во Македонија прифатлива стратегија - национална слобода и сопствена држава, а стратегијата тогаш успешно ги реши и круцијалните стратегиски прашања, како што се:
Правилен избор на страната - антифашистичката коалиција и глобалниот фронт, правилен избор на сојузниците, како и можен ефикасен начин на борба. Внатре се најде начин стратегијата на НОВ да биде прифатена за сите. ВМРО, не само што не беше пасивна, туку се впушти во директна колаборација со анекторите и фашистичките окупатори - ВМРО ја одбра другата страна.
Како поука за целото време и пат, низ кои поминувал нашиот национален развој, екстерниот фактор се наметнувал како цела стратегија, а не како стратегиско прашање. И денес е така. Во 1941-1945 г. првпат Македонија се одлепува од таквиот однос. Екстерниот фактор, со неговата евидентна моќ, во нашите услови ќе биде многу важна компонента, меѓутоа не повеќе од стратегиско прашање. И сега нашата стратегија ќе мораме да ја стокмиме ние самите и во таа работа никој не ќе може да нè замени.
А за „пасивноста“ на ВМРО ќе се повикам на сведочењето на Асен Богданов, првенецот на бугарската фашистичка полиција во Скопската област: „заради разбивањето и уништувањето на шарскиот партизански одред формиравме две казнени единици… во оваа акција учествува и локалната контрачета на војводата Крсто од с. Требош.“
Да не се меша времето на војната со времето по војната - тие времиња се битно различни.
Извор: Фокус, 19.12.2013