Успешна диктатура е таа во која граѓаните мислат дека се слободни

20.10.2014 11:10
Успешна диктатура е таа во која граѓаните мислат дека се слободни

На прв поглед, сите диктатури се исти: недостиг на економска и медиумска слобода, немање основни човекови права, немање можност за менување на работите во општеството, страв од полицијата и власта и слично. Изгледаат слично, но диктатурите во еден дел се различни: начинот на кој диктаторот се оддржува на власт.

Луѓето сакаат да бидат слободни или поточно кажано, луѓето сакаат да мислат дека се слободни. Разликата меѓу успешен и неуспешен диктатор е во тоа колку луѓето сметаат дека се слободни. Ако луѓето мислат дека не се слободни, тогаш, порано или подоцна, ќе се изборат за слобода.

Ако луѓето мислат дека се слободни во диктатура, тогаш нема сила на земјата што ќе ги натера да застанат против власта. До ваква ситуација се доаѓа преку менување на дефиницијата за слобода, општествено одговорни граѓани и власт во самиот образовен систем.

Многу често, читам и слушам разговори за тоа зошто луѓето во Македонија не се грижат за слободата. Луѓето се прашуваат како може цела држава да остане глува и нема за работите во општеството и за губењето на слободата. Ова е погрешно. Луѓето во Македонија се слободни, според нивната дефиниција. Ако за некој граѓанин од некоја западноевропска земја да се биде слободен значи да може да прави што сака со сопствените пари, ставови и своето тело, за просечниот Македонец значи да има влада која ќе се грижи за сите негови проблеми, како економија, човекови права, безбедност, здравје и слично.

Просечниот Македонец добро ги знае двете дефиниции за слобода, неговата и таа од некој граѓанин на запад, но ја прифаќа својата. Зошто? Зашто така го научило образованието.

Погоре е илустрацијата за власт од учебник за граѓанско општество во осмо одделение. Власта е силна, а луѓето се сиви, мали, слаби и неколку нивоа под неа. Оваа слика, во очите на 15-годишник, значи единствена вистина за тоа кому каде му е местото во општеството и како треба да се однесува. Ученикот, знаејќи дека нема моќ да промени некои работи во своето училиште, сфаќа дека е беспомошен и се идентификува со сивите фигури на сликата. Ова му се случува во години кои се многу важни за неговата изградба како личност.

Ако некој ученик е приморан да учи ваква дефиниција за власт, слобода и лојални граѓани, тогаш повеќе од јасно е како тој ќе гледа на работите во општеството. Повеќе од јасно е дека ако некого научите дека е сосема ОК да се откаже од своите слободи, тогаш не е чуден молкот за окупацијата од страна на власта на џебовите, телото и насилното влегување во спалните на граѓаните.

Успешна диктатура е таа во која граѓаните мислат дека се слободни. Диктатурата станува неуспешна тогаш кога ќе се скрши тоа меурче околу луѓето и ќе видат дека нивната дефиниција за слобода е погрешна, а тоа е многу тешко да се постигне ако знаеме дека, уште од мали, децата се научени дека мораат да го почитуваат авторитетот и да му бидат покорни.

Извор: sandokanblog.wordpress.com