Панкерската основа на македонската самоутепанција!?

21.10.2014 01:38
Панкерската основа на македонската самоутепанција!?

Јас повеќе би сакал да ја гледам спектакуларната претстава на коњите липицанери, лузитано коњите, андалузиските, арапските и фризиските коњи од петте најелитни школи на јавање (The Royal Horse Gala, 25 и 26 октомври во Комбанк арената во Белград), но и парадата на српската војска не беше лоша претстава!

Ги минусирам, тука, се разбира, инструментализираната медиумска хистеризација на нацијата на темите за војните, војските и за Русија матушката која, наводно, секогаш била со Србија дури и тогаш кога спасувајќи ја Србија се загрозувала себеси и патетичниот говор на претседателот Николиќ во кој само будалите не можеа да ја препознаат тажната газиместанска дефанзивна агресивност на Милошевиќ!

Величењето на сопствената историја, сведувањето на сопствената историја на воените аспекти на животот на нацијата и ненормалното вознесување на Путин и на Русија ѝ беше понудено на Србија како волшебен лек за мамурлакот од воените, културните, економските и моралните порази, од ништавилото во кое со децении тонат и државата и општеството заборавени на парадните перони од кои одамна имаат заминато сите возови на модерноста. Тоа величење е основа на која наивните маси можат да мислат дека можат да ја закачат надежта дека времето на тоа што им е дадено да го мислат како национално величество, не е неповратно заминато! Како неповторливо лигав и недостоинствен изблив, како самоинсталација на Србија во руска губернија, како невидена самоциркузација на нацијата која на прагот на модерноста нема одговор на прашањето зошто со толкава слава упорно се стиска во координатите на белградскиот пашалак и ја нема никаде да ја растегне гибаничната кора на нацијата меѓу Атлантскиот и Тивкиот Океан, најмалку!!! Како вашарска компензација за намалените пензии, плати и работни места!

Дури и без сеќавањата на улогата на Србија во крвавиот распад на Југославија, српскиот воен ресентиман добива милитаристички контури зашто не е само политички рефлекс туку е културен феномен. И без Косово, Србија е на многу начини најважна балканска држава, која би морала повнимателно да се манифестира и мобилизира. Медиумската односно општествената клима што со денови беше создавана околу парадата, го измести целиот регион од зоната на подзаборавените страдања и го принуди да размислува околу тоа дека на менито има уште трагедии! Никој, се разбира, нема намера да се плетка во „братските“ односи на Србија со Русија, но најмалку што мора да се каже е дека парадата и особено композицијата на парадата со Путин во овој момент беше многу загрижувачка варијанта и дека европската политика на новото раководство е ставена под огромни сомневања, да не речам дека е елиминирана, ако не друго, можната културна основа на една таква политика. А тоа е најсериозен знак за тревога во регионот, па и во Европа! Војската се врзува со територии што во културната матрица што ја негуваат Николиќ и неговата академска и поширока база, по силата на историската неправда, денеска не се во Србија! Путин тука, се разбира, не е некој што ѝ го откинал кримското Косово на Украина туку како некој што си ги повратил своите „косовски“ и други руски територии! И затоа е тој поклон до земјата!

Неколку часа пред парадата бев на промоцијата на македонското издание на книгата на Хана Арент за тоталитаризмот! Ние го знаеме тој текст, безброј пати сме го цитирале, тој е културно евангелие, но ми се виде дека денеска можеме да ја нагласиме рокерската димензија на тоталитаризмот, лудоста, уште поголемата лудост, осаменоста и самотијата, атомноста, структурата на растурените структури, разелитизираноста, нивелацијата на најниското културно ниво, илузијата на минималното достоинство во услови не неумитната пропаст како основни елементи на тоталитарната куќа. Панкерството на тоталитаризмот колку и да звучи тоа контрадикторно! Кајшто припадноста на страната на егзекуторот или жртвата (не, во крајна смисла, на етникумот или нацијата) е сè: диплома, работа, постигнувања, профити, без каков и да е напор надвор од напорот да ѝ припаѓаш на лудоста на тоталитаризмот. Дури и ако утре си жртва! Парадата во Белград во Скопјанг се одржува како „Скопје 2014“, а улогата на гробарот од Белград ја игра Неговата Екселенција Гр Уевс Ки; тоа што за Србите е Првата светска војна за Македонците е војната на Александар со Дарие, битките кај Херонеа и другите елементи на кретенистичката дијагноза и анамнеза и така натаму односно и тако даље!
Тоталитаризмот кај Македонците е културен, а не политички феномен каков што го третира овдешната опозиција. Тој е и антинационален зашто неговата историска легитимација е стварна за разлика од македонската самоиздадена историска пропусница! Опозицијата се однесува како смехотворна публика во телевизиските спектакли: таа е битен дел на впечатокот, но не и на дејството. На историското дејство! Ниту може да биде!

Опозицијата го третира на многу инфантилен политички начин феноменот кој е културолошки, пред сè. Македонската мрза да се занимава со сопствените општествени работи, примитивноста и страста да се пренесуваат одговорноста и правата за најниска можна цена кон најблиската будала, тоа се феномени што ќе го претстават како идиот секој што ќе ги третира само на политичко рамниште! И ќе го фаворизираат, како што го фаворизираат, оној што жонглира со глупоста! Спасот, се разбира, не е во тоа Шекеринска да научи да жонглира со тие топки, туку во тоа некој да им ги дупне топките на лудаците, некој што ќе им каже на масите дека со тие топки играат само луѓе што ги заебаваат и експлоатираат!

Слики: Keith Boadwee
Извор: Слободен печат