Борбата за права на жените е и машка борба

22.10.2014 09:18
Борбата за права на жените е и машка борба

Имам 21 година. Јас сум маж, белец, „стрејт“ и живеам во патријархално општество. Ги имам сите бенефиции, но не ги уживам. Не сакам мојот пол, сексуална определба или боја на кожа да ми бидат предност. Ниту пак сакам да бидам нешто подолу од другите во однос на правата заради истите.

Пред повеќе од една година, нашата влада во име на здравјето на жените го оневозможи абортусот. Се грижиме за нивното здравје, велеа, се грижиме за наталитетот. Маж сум, ама ќе кажам, фала ви, ама немојте. Не можам повеќе да читам за вести како некој жена со денови носи мртов плод во утробата заради вашата грижа за нејзиното здравје. Не се виновни докторите, не ги обвинувам нив. Прават сè што можат, нормално, во согласност со вашиот ептен грижлив закон и остават мртов плод во нечија утроба. Разбирам дека мораат да чекаат некој таму во министерство за здравство, седнат во некоја канцеларија, да го стави својот потпис за конечно таа жена да биде медицински згрижена како што треба. Каде е грижата тука? Ајде, можеби жената во таков случај нема да има никаков проблем и ќе може уште еднаш да има деца, но што прави со психолошката штета од сознанието дека носела мртов плод во себе со денови зашто некој таму министер сметал дека има право врз нечие тело?

Можеби некој ќе рече „маж си, немаш матка, и затоа немаш право да зборуваш за ова“. Да – ќе одговорам – немам матка, ама мојата сакана има. Мојата другарка има, мојата колешка има. За нив го пишувам ова. Како што јас сакам да имам право над сопственото тело, сакам и тие да имаат над нивното. Каде е логиката ако е обратно, ако сакам да имам права, а да не дозволувам другите да ги уживаат истите?

Лицемерие се вика тоа, драги министри и законопишувачи.

Помина законот, го изгласавте, Уставниот суд рече дека насилното влегување во нечија матка е уставно.

Деновиве се открија неколку спорни дефиниции во учебници за основно образование. Се прашувам, колку ли само ве малтретирале, какво е тоа психичко насилство што ви се случило па денес ви доаѓа да правите вакви работи?

Ќе цитирам еден дел од учебник: Исфлувањето на семето во родилниот канал на женската единка се вика ејакулација.

Откако насилно влеговте во женската матка, сега се поставивте и како газди на мојот пенис, моето семе и повторно над нејзината матка. Ми кажувате како да живеам, кого да љубам, како да имам секс, ги сменивте правилата за контрацепција… Сè во име на моето и нејзиното здравје, и наталитетот, секако.

Сте се запрашале ли дали имате право? Не верувам.

Немате право! Немате никакво право да одлучувате за моето семе, за мојот пенис, за нејзината матка, воопшто за нашите тела! Дали прашавте дали сакаме да се грижите за нас? Дали се прашавте дали младите на моја возраст се спремни да бидат родители, или уште подобро прашање, дали имаат можност да бидат родители? Дали можат лесно да најдат работа? Видете, еден ден ќе бидам родител, ама не додека не бидам финансиски спремен и надвор од оваа држава. Нема да бидам родител во земја каде владата се става како сопственик над моето тело и ги учи децата на фашистички дефиниции.

Мажи, време е да кажеме доста. Ова е и наша борба! Ова е борба за слободата и правото на сопственост над своето тело на жените и мажите. Законот за абортус не е само женски проблем. Дефинициите за ејакулација не се само женски проблем. Сменетите правила за контрацепија, не се само женски проблем. Сите овие работи се и машки проблеми. Нè погодуваат и нас, на овој или на оној начин.

Што е следно, ќе забраните кондоми или ќе вработите некого за да ги дупи со игла?

П.С. овој повик кон мажите за борба за женските права не е затоа што жените се слаби да се изборат сами. Ова е затоа што законот нè опфаќа сите, и мажи и жени, директно или индиректно. Верувам дека не постои маж што би останал рамнодушен кон ваквите фашистички закони ако неговата сакана е директно погодена од ваков закон.

Извор: sandokanblog.wordpress.com
Слики: Carol Rosseti