Across the mountains - Компилација на македонска амбиентална музика

22.10.2014 08:50
Across the mountains - Компилација на македонска амбиентална музика

Across the mountains е доживување. Соничен пат низ префинето доловените предели на природата и внатрешните предели на умот на слушателот, каде што звуците ги разоткриваат длабоките слоеви под кои лежи парче незагадено себство од сивилото на градот и секојдневието.

Седум автори на амбиентална музика од Македонија со својот префинет и специфичен музички сензибилитет го пронајдоа своето место на компилацијата Across the Mountains: a Macedonian ambient music compilation издадена од американската издавачка етикета Silber recordings.

Артистите доаѓаат од различни градови на државата и континуирано творат во амбиенталните и експериментални музички води како поединци или преку меѓусебна соработка во заеднички проекти. Некои од нив се веќе добро етаблирани како имиња на светската сцена на амбиент музика. На Across the mountains можеме да ги чуеме: Шерифидан Курт, Димитар Додовски и проектите Amplidyne Effect, Airless Project , Fydhws, Post Global Trio и Sound_00.

Оваа компилација е одлична можност конкретнава линија на артисти да се презентира пред странската и домашната публика. За слушателите пак, кои што веќе ја следат македонска продукција во овој жанр, компилацијава е прекрасна можност да ги преслушаат на едно место најистакнатите артисти обединети преку концептот на ова музичко издание.

Инаку, изданието е реализирано преку комуникацијата на македонската етикета Post Global Recordings на Тони Димитров и американската Silber Recordings на Brian John Mitchell. Целта на соработката е да се придонесе кон градење на една покохерентна музичка сцена на конкретниов жанр и да се промовира квалитетот и потенцијалот на македонските артисти. Компилацијата официјално се појави во август 2014, а може да се набави преку веб страната на издавачот или преку сајтови како iTunes, Spotify, Amazon.

Во вибрантните звуци на македонскиот амбиент можете да запловите на Bandcamp профилот на Silber Recordings, каде што оваа компилација е во целост достапна за бесплатно преслушување.