Пуси Рајот ја бранат Сесили Мекмилан

22.10.2014 09:22
Пуси Рајот ја бранат Сесили Мекмилан

Дали се сеќавате на Сесили Мекмилан? Оваа граѓанска активистка (Cecily McMillan), родена пред 25 години, беше една од лидерите на движењето Окупирај го Вол Стрит, претходно позната како поборник за правата на затворениците во САД. Во март 2012 година, таа беше уапсена додека демонстрираше во „окупираниот“ парк Зукоти. Потоа беше осудена за напад на полицаец во Њујорк и осудена на 90 дена затвор и условна казна за следните пет години во траење од седум години. Излезе на слобода летово, откако мина 58 дена во затворот на островот Рикерс.

Сесили Мекмилан беше осудена при крајот на март 2014 од страна на Високиот суд на Менхетен за напад на полицаец за време на протестите пред две години. За криминалното дело таа ја доби споменатата затворска казна. Пресудата предизвика голем гнев кај пошироката јавност зашто судските органи не го воделе случајот како што треба, потоа заради фактот дека таа и нејзиното семејство две години биле соочени со постојани притисоци, и конечно, затоа што никој од судството не се сетил на проблемот со прекумерното полициско насилство.

На судењето Мекмилан се бранеше дека рефлексно го удрила полицаецот Грентли Бовел, откако тој ѝ пришол одзади и ја грабнал за едната града. Потоа таа го удрила со лактот во окото. На сведочењето Мекмилан рече дека не се сеќава оти го удрила полицаецот. Откако пресудата беше прочитана, група нејзини поддржувачи во судницата извикуваа „Срамота! Срамота!“

„За време на судскиот процес се направија повеќе грешки“, изјави Мартин Столар, адвокатот на Мекмилан, најавувајќи дека ќе ја обжали пресудата.

Тие што добро ја познаваат Сесили истакнуваат дека таа, откако се вклучила во движењето во 2010 година, е позната по нејзиното ненасилно однесување и тоа го барала и од другите за време на протестите. Од друга страна, полицаецот, кој се смета за жртва, имал досие за прекумерна употреба на сила, а бил и дел од голем скандал во Бронкс со местење тикети, меѓутоа судијата Роналд Цвибел не одобрил да се отвори неговото полициско досие.

Адвокатот Столар, кој брани и други членови на Окупирај го Волстрит, истакнува дека пресудата е предупредувачка порака за сите што спроведуваат мирни протести зашто „внимавајте, можете да бидете удрени и испратени во затвор“. Шоун Шредер, активист на Окупирај го Волстрит, кој беше уапсен и префрлен во болница во исто време кога и Мекмилан, смета дека полицијата ја добива битката. „Фактот што вие одите на протести на кои можете да бидете шутнати или уапсени сам по себе ве одвраќа од намерата“, вели тој.

Од друга страна, неколку групи кои се занимаваат со правни прашања имаат документирано рутинска употреба на сила од њујоршката полиција против членови на ова движење, но тоа досие засега не е интересно за правдата.

По објавувањето на пресудата пред половина година со соопштение на социјалните мрежи се појави „Правда за Сесили“, во кое се истакнува шокираноста од таквата судска одлука. „Уште од првиот ден беше јасно дека Сесили нема фер и отворено судење. Судијата Цвибел, кој постојано ги отфрлаше доказите на одбраната, покажа јасна пристрасност и постојано беше на страната на обвинителите. Kако доказ за притисокот е и тоа што на адвокатите на Сесили им наложи молчење, што е јасно кршење на Првиот амандман. Тој е обвинител во судска облека“, се истакнува во соопштението.

Во уредничкиот коментар весникот Гардијан потенцираше дека пресудата претставува опасен преседан. „Загрижувачки е што таа е прогласена за виновна, особено што случувањата во нејзиниот судски процес се поврзани со една потресна реалност - што полициското насилство стана нормална работа и непропорционално висока казна за Мекмилан. Иако нема ништо ново во преполицскиот Њујорк, тоа што ѝ се случи на Мекмилан открива колку моќна и нескротлива може да биде масивната полициска сила во борбата со обичните луѓе кои е задолжена да ги штити.“

Но, на ова веројатно и би заборавиле ако на сајтот на групата Пуси рајот, онаа легендарна московска група чии членки беа осудени заради подбивање со православието и со Путин, не се појавеа интересни фотографии и коментари.

Панкерката Маша Аљехина на 6 мај во Сенатот на САД разговарала со членови на Хелсиншкиот комитет на Америка и со четворица сенатори, на чело со конгресменот Коен. Според нејзините записи, тие разговарале и за заштита на човечките права во Русија ама и ... во САД! Таа рекла дека во условите кои се создадени во источна Украина има атмосфера руската опозиција да се притиска посилно и тоа да не предизвикува внимание како порано. „Опозицијата може да се дави почесто и поуспешно“ - се согласила Аљехина. Таа набројала неколку судења на активисти кои не биле фер - на Никишин, Карпов, Солопова, Москаленко, што покажува отсуство на судство во земјата. Тие говореле и за условите во затворите кои ги нарекле робовладетелски - во Перм и Мордовија а нејзината сопатничка во отпорот Надежда Толоконикова говорела за своето искуство во логорот број 28, каде престојувала.

Се работи од 14 до 16 часови на ден, со многу казни и малтретирања.

Но, доаѓаме до поентата - и обете панкерки барале да се преземе нешто за Сесил Мекмилан, активистката од Окупирај го Волстрит. Тие ја посетиле додека била во затворот (побарале да влезат и во други затвори за кои имале список, за да се видат со активисти за човекови права, ама не им било дозволено). Значи, сепак влегле во затворот на островот Рикерс. „Во принцип, приказната со неа е само болна асоцијација за сите оние кои демонстрираат и бараат правда, било да се работи за Плоштадот Блатнаја или за Паркот Зукоти“, им рекле на сенаторите. Тие говореле за постојано тормозење на семејството на Мекмилан, за нивното прислушкување и други нарушувања на човековите права.

Приказната можеби е малку застарена, ама вреди да се објави и да се запомни!

Извор: Глобус, 21.10.2014.

ОкоБоли главаВицФото