Тој беше Кошарка

22.10.2014 11:26
Тој беше Кошарка

Сеќавање: Дражен Петровиќ (22.10.1964 – 07.06.1993)

 

Од сите години, мали и големи, значајни и тешки, тоа одлучи да ми се врати баш оваа. Баш напролет, како да влета низ прозорецот, кога ќе го раскрилиш во март, првпат по зимата, ширум. Моето прво сеќавање, прва слика во главата. Тригодишно девојче седи на подот пред телевизорот и гледа кошарка. И никој и ништо не може да ја тргне од таму. Не можеш да ја залажеш ни со чоколадо, ни со играчка... можеби со топка, ама тешко. А на екранот има слика, среде која памтам една широка насмевка, исплазен јазик, длабоки „адидаски“, во скок, оној луд кросоувер, и многу коса. Го читам тоа име. И знам дека е поинаков. Другите се добри, можеби и подобри, но само тој е тоа, „the thing“.

Да останеше со нас, денес би имал точно 50 години. Често се прашував како би изгледал. Очите, насмевката, гласот - сигурно би останале непроменети. Никогаш не ми беше лесно да го опишам неговиот дух. Единственото што го знам, а ме радува, е дека тој дух сигурно сè уште живее. Таа неуништлива, позитивно исчашена волја, горењето за подобро, за повеќе, за понатаму - тоа е она што не познава ни почеток ни крај, а својата кулминација ја наоѓа во оние кои се способни да ја изнесат таа сила, во избраните, каков што беше Дражен. Кога не играше, не ни постоеше. Само од онаа тага во гласот поради ниската минутажа во Блејзерси, екранот ќе се стопеше. Зашто, Дражен не само што играше кошарка - тој беше Кошарка.

Тогаш, пред некои три децении, не можев да си објаснам зошто, но со својот детинест мозок некаде сфаќав дека сакам да бидам „како него“. Што и да значеше тоа тогаш. Меѓутоа, некој што денес ме знае малку подобро, препознава кои места во мојата личност се токму одблесоци на Дражен. А сигурно сум само една од многуте, кои во тој човечки феномен, како што велеа: „ангел во животот и ѓавол на теренот“, пронашле мотив за некој од најдобрите и најпозитивни потези, одлуки и дела во својот живот. Што собрале пламен од таа светлина, која не осиромаши со тоа, туку преку пренесувањето и споделувањето стана сè помоќна. И остана таква.

Во онаа соба и понатаму е мрачно. Само денес, можеби, не сосема. Покрај нејзиниот надворешен ѕид растеше, паралелно со мене, и еден орев. Секогаш мислев дека ми го попречува сонцето, а сега, откако го исекоа, ми недостасуваат неговите гранки, кои буквално се туркаа низ отворениот прозорец кон внатрешноста. Додека беше жив, мирисаше низ собата дење и шуштеше со лисјата навечер. Беше палав и силен, посилен од животот и смртта. Од неговата пенушка птиците и понатаму ги собираат капките живот.

Знаеш ли што е 14 години кариера? Малку! Но, за такви извори на чиста сила, каков што беше ти, доволно да се испише вечност. И понатаму си инспирација. И понатаму неуморен во нашите срца и сеќавања. Ти благодарам за тоа.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото