Младина без бог

22.10.2014 13:18
Младина без бог

Во деновите кога се појавија бројни примери за бескрајно затапувачки па и фашизоидни содржини од македонските учебници за основно и средно образование, пренесуваме одломка од романот „Младина без бог“ од Еден фон Хорват напишан 1937 година. Оваа славна книга предупредува на опасностите од сериското креирање сурови малограѓани кое води кон тоталитарна дехуманизираност и институционално злосторство.

 

Врне

Следното утро, кога дојдов во гимназијата, качувајќи се по скалите кон професорската канцеларија, чув некаква врева која доаѓаше од вториот кат. Побрзав нагоре и видов како пет момчиња и тоа Е, Г, Р, Х и Т го тепаат Ф.

„Што ви е вам?“ им подвикнав. „Ако сметате дека морате да се тепате како ученици од основно училиште, тогаш тепајте се еден против еден, но петмина на еден, тоа е веќе кукавичлук!“

Тие ме погледаа збунето. Збунето ме гледаше и Ф врз кого се беа нафрлиле петмина. Јаката му беше искината. „Што ви сторил?“ прашав, но јунаците не сакаа да зборуваат, а не сакаше ни тепаниот. По мало натегање успеав да дознаам дека Ф не им сторил ништо на оние петмина, напротив, тие нему му го украле сендвичот, но не за да го изедат, туку само тој да го нема. Сендвичот го фрлиле низ прозорецот.

Гледам долу. Кон сивиот камен сендвич. Сè уште врне, а сендвичот сјае. Си мислам: можеби оние петмина немат сендвич и ги лути тоа што Ф има. Не, сите тие имаат свој сендвич, а Г има два. Прашувам уште еднаш: „Зошто го сторивте тоа?“ Тие ни самите не знаат. Стојат пред мене и скришно се потсмевнуваат. Да, човекот може да биде зол, тоа стои и во Библијата. Кога дождот престана и водите од потопот се повлекоа, Бог рече: „Нема веќе да ја проколнувам земјата поради човекот, затоа што помислите на срцето човечко се зли уште од младини.“

Го одржал ли Бог своето ветување? Уште не знам. Веќе не прашувам зошто сендвичот го фрлиле во дворот. Сакам само да знам дали некогаш чуле дека од секогаш, од дамнешни времиња, од почетокот на човечката цивилизација, постои едно непишано правило, еден убав машки закон: Ако веќе треба да се биете, тогаш бијте се еден спрема еден! Бидете вистински витези! Повторно им се обраќам на оние петмина и ги прашувам: „Се срамите ли поради ова?“

Тие не се срамат. Јас зборувам некој друг јазик. Ме гледаат зачудено, а тепаниот се потсмевнува. Тој ми се потсмева.

„Затворете го прозорецот“, велам, „инаку дождот ќе почне да паѓа внатре!“

Го затвораат.

Каква ќе биде оваа генерација? Силна или само сурова?

Веќе не велам ништо и одам во професорската канцеларија. Подзастанувам на скалите и прислушкувам: да не се тепаат повторно? Не, мирно е. Се чудат.

Богатите плебејци

Од 10 до 11 часот имав географија. На овој час требаше да се занимаваме со вчерашната училишна задача за колонијалното прашање. Како што веќе споменав, врз содржината на составите не смееше да се прави каква и да е забелешка.

Додека им ги делев тетратките на учениците, зборував за чувството за јазик, ортографијата и други формалности. Така, на еден Б му забележав дека треба да внимава кога пишува да не излегува од левата маргина, на Р дека новиот ред секогаш треба да биде понагласено вовлечен, на Ц дека колонији е погрешно и дека требал да напише колонии. Кога требаше да му ја дадам тетратката на Н, не можев да се воздржам: „Пишуваш дека ние, припадниците на белата раса културно и цивилизациски сме на повисоко ниво од црнците и тоа може да се прифати како точно. Но не смееш да напишеш дека не зависи од црнците дали тие можат да живеат или не. И црнците се луѓе.“

Еден миг тој ме гледаше вкочането, а потоа низ лицето му прелета непријатна гримаса. Или можеби ми се причинува? Ја зеде својата тетратка со добра оценка, се поклони како што е ред и се врати на своето место.

Наскоро дознав дека воопшто не ми се причинувало.

Следниот ден татко му на Н се појави во терминот кој еднаш неделно ми беше определен за разговор и контакт со родителите. Тогаш тие имаа можност да се распрашаат како напредуваат нивните деца, се информираа и за други проблеми, најчесто безначајни и во врска со воспитувањето. Тоа беа чесни граѓани, службеници, офицери, трговци. Меѓу нив немаше работници.

Имав чувство дека некои од татковците, во однос на содржината на училишните работи на нивните наследници, мислат исто како и јас. Но ние се гледавме еден со друг, се насмевнувавме и зборувавме за времето. Повеќето од татковците беа постари од мене, еден беше вистински старец. Најмладиот од нив пред две недели наполни дваесет и осум години. Кога имал седумнаесет ја завел ќерката на еден индустријалец. Тој е елегантен господин. Секогаш доаѓа со својот спортски автомобил. Жена му останува долу во автомобилот и јас одозгора можам да ја гледам. Нејзината шапка, рацете, нозете. Ништо повеќе. Но таа ми се допаѓа. И ти би можел веќе да имаш син, си мислам. Но јас умеам да се совладувам. Зарем да имам дете само за да може некој да го застрела во некоја војна!

Татко му на Н застана пред мене. Имаше надмено држење и ме гледаше право во очи. „Јас сум таткото на Ото Н.“ „Драго ми е што ве запознав господине Н“, одговорив јас, се поклонив како што е ред, му понудив да седне, но тој не седна. „Господине професоре“, почна тој, „причина за моето присуство овде е една извонредно сериозна работа која може да има тешки последици. Вчера попладне мојот син Ото беше крајно возбуден кога ме извести дека вие господине професоре, сте си дозволиле да направите нечуена забелешка - “

„Јас?“
„Да, вие!“
„Кога?“
„На вчерашниот час по географија. Учениците пишувале состав во врска со колонијалните проблеми, а вие на мојот син Ото сте му рекле: И црнците се луѓе. Вие секако знаете на што мислам?“
„Не.“

Навистина не знаев. Тој ме гледаше испитувачки. Боже, мора да е многу глупав, си мислев.

„Моето присуство овде“, почна одново полека и нагласено, „се должи на фактот што јас уште од мојата најрана младост се стремам кон справедливост. Ве прашувам: дали онаа злобна забелешка во врска со црнците, во таква форма и во тој контекст потекна од вас или не?“
„Да“, му одговорив и морав да се насмевнам: „Вашето доаѓање не е попусто“ -
„Жалам“, ме прекина тој грубо, „не сум расположен за шеги! Вам секако не ви е јасно што значи таква изјава во врска со црнците. Тоа е саботажа кон татковината! О, не преправајте се пред мене! Јас многу добро знам по кои тајни патишта и со каква перфидност сакате отровот на вашите хуманистички будалаштини да го внесете во невините детски души!“

Сега мене веќе ми преседна!

„Дозволете“, подвикнав, „и во Библијата се вели дека сите луѓе се луѓе!“
„Кога Библијата била пишувана, немало колонии во денешна смисла“, ме подучуваше пекарот.
„Библијата треба да се сфаќа преносно и сликовито или воопшто да не се чита!“
„Господине, верувате ли дека Адам и Ева постоеле телесно или само сликовито?! Ете гледате!“
„Нема да можете да се правдате со драгиот Бог, за тоа јас ќе се погрижам.“
„За ништо вие не треба да се грижите“ му одговорив и го поканив да излезе надвор. Го набркав.
„Ќе се видиме кај Филипи!“, извика тој и исчезна.

Два дена подоцна јас веќе стоев кај Филипи.

Директорот ме повика. „Видете“, рече, „дојдено е едно писмо од Училишната управа. Некој пекар Н се пожалил на вас поради некои ваши забелешки. - Мене ми е познато сето тоа и знам како доаѓа до вакви поплаки, не морате ништо да ми објаснувате! Сепак, драг колега, должност ми е да ви обрнам внимание, вакво нешто да не се повтори. Вие заборавивте на тајното циркуларно писмо 5679 и /33! Ние мораме да ја заштитиме младината од сè она што на кој и да е начин во иднина би можело да ги намали нејзините воени способности - а тоа значи: ние мораме морално да ја воспитуваме за војна. Точка!“

Го погледнав директорот, тој се насмевнуваше - знаеше што мислам. Потоа стана и почна да оди таму-ваму. Убав старец, си мислев.

„Зачудени сте“, проговори ненадејно, „што дувам во воената труба и со право се чудите! Сега си мислите, види каков човек! Само пред неколку години го ставаше потписот на пламени пораки за мир, а денес - денес веќе повикува на војна!“
„Знам дека сте принудени да постапувате така“, се обидував да го успокојам.

Тој ме слушаше, застана пред мене и внимателно ме погледа. „Млад човеку“, продолжи сериозно, „запаметете само едно: нема принуда. Јас би можел да му противречам на духот на ова време и да дозволам еден господин пекар да ме уапси, би можел и да си одам одовде, ама не сакам, да, токму така, не сакам! Сакам да ја достигнам старосната граница за да можам да добијам полна пензија.“

Баш убаво, си помислив.

„Вие ме сметате за циник“, продолжи тој и ме погледна татковски. „О, не! Сите ние кои се стремиме кон повисоките врвови на човештвото, забораваме едно: времето! Времето во кое живееме. Драг колега, оној кој има искуство како моето, тој постепено ја сфаќа суштината на нештата.“

Лесно ти е да зборуваш, си помислив, имаше можност да живееш во она убаво предвоено време. А јас? Дури во последната година од војната можев да љубам и не прашувам што.

„Живееме во еден плебејски свет“, кимна тажно со главата. „Помислете само на стариот Рим, 287 година пред Христовото раѓање. Борбата помеѓу патрициите и плебејците уште траеше, но плебејците веќе ги заземаа најважните државни служби.“
„Дозволете ми, господине директоре“, се осмелив да му се обратам, „колку јас што знам, кај нас не владее сиромашниот плебеец, туку единствени кои владеат се парите.“ Тој ме погледна со раширени очи и скришно се поднасмевна: „Така е. Но јас веднаш ќе ви дадам слаба оценка по историја! Заборавате дека имало и богати плебејци. Се сеќавате?“

Се потсетувам. Се разбира! Богатите плебејци го напуштиле народот и заедно со декадентните патриции го формирале новото благородништво, таканаречените оптимати.

„Немојте пак да заборавите!“
„Нема“.

Леб

Следниот час, кога влегов во класот во кој си дозволив да кажам нешто за црнците, веднаш почувствував дека нешто не е в ред. Да не ми го намачкале столот со мастило? Не. Само, зошто ме гледаат така злобно?

Еден од нив крева рака. Што е сега? Тој доаѓа до мене, се поклонува малку, ми подава едно писмо и седнува на место.

Што треба ова да значи?

Го отворам писмото, прелетувам со поглед преку текстот, за малку да збеснам, но се воздржувам и се правам дека внимателно го читам. Сите се потпишале, сите дваесет и пет – В сè уште е болен.

Во писмото стои: „Веќе ние не сакаме вие да ни предавате, затоа што по она што се случи, ние долупотпишаните немаме веќе доверба во вас и бараме нов професор.“

Ги гледам долупотпишаните еден по еден. Молчат и не ме погледнуваат. Ја потиснувам својата возбуда и прашувам небрежно: „Кој го напиша ова?“ Никој не се јавува.

„Ајде не бидете страшливци!“

Никој не се мрда.

„Убаво“, велам јас и станувам, „не ме ни интересира кој го напишал, сите вие сте се потпишале. Добро, што се однесува до мене, и јас немам ни најмала желба да предавам во клас во кој учениците немаат доверба во мене. Но верувајте ми, сакав да постапам според сопствената совест“ - одненадеж прекинувам затоа што забележувам дека еден од нив пишува нешто под клупата.

„Што пишуваш ти таму?“

Тој се обидува да го сокрие ливчето.

„Дај го ваму!“

Му го земам напишаното, а тој се смешка подбивно. Го забележал секој збор што сум го изговорил.

„Аха, сакате да ме шпионирате?“

Се клештат.

Само вие клештете се, јас ве презирам. Добога, па овде немам што да изгубам. Некој друг нека се бори со вас!

Одам кај директорот, му го соопштувам она што се случи и го молам да ми даде друг клас. Тој се насмевнува: „Мислите дека другите се подобри?“ Потоа заедно се враќаме во класот. Тој беснее, вика, ги кара - извонреден актер! Дрскост било тоа, вреска тој, подлост, тие никаквеци немале право да бараат друг професор, да не се спобудалеле и сè така! Потоа одново ме остава сам.

Сега тие седат пред мене. Ме мразат. Сакаат да ме уништат, мојата егзистенција и сè друго, затоа што не можат да поднесат еден црнец да биде човек. Не, вие не сте луѓе!

Но, почекајте само пријателчиња! Поради вас нема да си навлекувам дисциплинска казна, а камо ли да го изгубам своето парче леб. Сакате да немам што да јадам, да немам пари за облека, чевли? Да немам покрив над глава? Така би ви одговарало! Не, отсега натаму јас само ќе ви раскажувам за тоа дека освен вас нема други луѓе, ќе ви раскажувам долго додека црнците ве печат на тивок оган! Поинаку не сакате!

Чума

Таа вечер не ми се спиеше. Пред очи постојано ми беа белешките на оној ученик - да, тие сакаа да ме уништат.

Кога би биле Индијанци, би ме врзале за столб и би ме скалпирале без да имаат грижа на совест.

Убедени се дека имаа право.

Ужасна банда!

Или можеби јас не ги разбирам? Дали со моиве триесет и четири години веќе сум престар? Дали бездната меѓу нас е подлабока отколку што е вообичаено да биде помеѓу генерациите?

Денес верувам дека таа е непремостива.

Сознанието дека овие момчиња го отфрлаат сè она што мене ми е свето не ми изгледаше толку страшно. Пострашен беше начинот како го отфрлаа – без да го запознаат. Но најстрашно беше тоа што тие и не сакаа да го запознаат!

Мразат да мислат.

Што им е грижа за луѓето! Тие сакаат да бидат машини, да бидат завртки, тркала, клипови, ремени - но најмногу од сè би сакале да бидат муниција: бомби, шрапнели, гранати. Колку би им било драго да прицркаат на некое бојно поле! Сонот на нивниот пубертет е името да им биде врежано во каменот на некој споменик на паднати борци.

Сепак застани! Зарем таа подготвеност за најголеми жртви не е добродетел?

Секако, ако станува збор за праведна работа.

А за што станува збор овде?

„Праведно е она што е корисно за сопствениот род“, се вели на радио. Она што не ни одговара, е неправедно. Значи, сè е дозволено, убиства, кражби, палежи, кривоклетства – да, не само што се дозволени, туку и не се сметаат за злосторства доколку се направени во интерес на родот. Што е тоа?

Гледиште на злосторник.

Кога богатите плебејци во стариот Рим стравуваа дека народот би можел да се избори за своите барања во однос на намалување на даноците, се повлекоа под закрилата на диктатурата. Манлиус Капитолинус, патрициј кој со својот имот сакаше да ги ослободи од затвор плебејските должници, го осудија на смрт како најголем предавник и го турнаа од Тарпејската карпа.

Откако постои, човечкото општество не се откажува од злосторството, затоа што тоа е услов за неговото одржување. Но злосторствата се премолчуваат, се ретушираат, луѓето се срамат од нив.

Денес луѓето се горди на нив.

Тоа е чума.

Сите сме заразени. Пријатели и непријатели. Нашите души се исполнети со црни лимфни јазли кои набргу ќе изумрат. Ние ќе продолжиме да живееме, но ќе бидеме мртви.

Мојата душа е исто така уморна. Кога читам во весниците дека еден од нив го изгубил животот, си велам: „Малку е! Малку е!“

Зарем и денес не си помислив: „Изгинете сите?“ Не сакам веќе да размислувам! Ќе си ги измијам рацете и ќе одам во кафеана. Таму секогаш има некој со кого би можел да играм шах! Само да излезам од собава! Ми треба воздух! -

Цвеќето што го добив од мојата газдарица за роденденот свенало. Ќе го фрлам. Утре е недела.

Во кафеаната нема мои познати. Никој.

Што да правам?

Одам на кино.

Во журналот се прикажуваат богатите плебејци. Ги откриваат сопствените споменици, поставуваат камен темелник, организираат паради на своите телесни гарди. Потоа едно глувче ги победуваше и најголемите мачки, а на крајот беше прикажана една напната криминална приказна во која многу се пукаше со цел да триумфира принципот на доброто.

Излегувам од киното, веќе е ноќ.

Не одам дома. Се плашам од мојата соба.

Отспротива има еден бар, ќе се напијам нешто ако не е скапо.

Не е скапо.

Влегувам. Една дама сака да ми прави друштво.

“Сосема сам?” прашува.
“Да”, се насмевнувам, “за жал -”
“Можам ли да поседам со вас?”
“Не.”

Се повлекува навредено. Не сакав да ви нанесам
бол, девојко. Не лутете се, јас сум сам.

(1937)

Еден Фон Хорват (1901-1938), австриски писател од унгарско потекло, роден во Риека, детството и раната младост ги поминува во Белград, Будимпешта и Минхен, каде што студирал театрологија, филозофија и германистика. После студиите живеел и како слободен писател во Мурнау и во Берлин. По доаѓањето на Хитлер на власт емигрирал во Австрија, а кога германските трупи влегле и таму, побегнал во Швајцарија. Кон крајот на мај 1938 престојувал во Париз. На први јуни истата година загинал на доста банален начин: на Елисејските полиња, за време на бура, се засолнал под костеново дрво; ветрот откорнал една гранка и таа го убила. Хорват е познат пред сè по своето драмско творештво (германските театри и денес го играат доста често). За првиот негов театарски успех индиректно се заслужни нацистичките јуришници. Имено, тој случајно се затекнал на еден социјалистички собир кој брутално бил растурен од младинци со кукасти крстови, што го инспирирало за драмата Италијанска ноќ или Забава во градината. По оваа драма, истата 1931 година, следува и круната на неговата театарска работа – Приказните од Виенската шума поставена на сцената на берлинскиот Deutsches Theater, и за која ја добива Клајстовата награда, најпрестижната книжевна награда во Германија. Се разбира, не треба ни да се спомнува дека лауреатот врз себе го навлекол гневот на збеснатиот рајховски печат. Освен драми Хорват пишувал и кратки раскази, а објавил и три романи: Вечниот малограѓанин, Младина без бог и Дете на нашето време.

Извор: Еден фон Хорват, Младина без бог, Темплум, Скопје, 2004.
Слики: Brendan Monroe