Каде е четкичката за заби на Александар Велики?

23.10.2014 11:15
Каде е четкичката за заби на Александар Велики?

Проектот „Скопје 2014“ е разубавување на историјата и идентитетот со мермер, камен и железо, со други зборови, проект за „изградба на нација“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг во репортажата од Скопје.

„Со неверојатно темпо на Балканот се одвива еден од најголемите и најчудните градежни проекти во Европа. Ниту еден друг европски главен град во последните четири години не го промени толку својот изглед како Скопје. Иако Скопје е релативно мал град со околу 500 илјади жители, сепак има доволно место за преку десетици нови згради, и стотици нови споменици, мостови и фонтани да се создаде силен впечаток. Новиот помпезен Национален театар, речиси 30 метри високиот споменик на Александар Велики, и речиси исто толку големиот споменик на неговиот татко Филип Втори, покажуваат дека во Скопје не се гради само нов град. Тука станува збор за разубавување на историјата и идентитетот со мермер, камен и железо, со други зборови за 'изградба на нација'.“

Авторот на репортажата од Скопје натаму дава приказ на сите објекти кои се изградени од двете страни на Вардар, потенцирајќи дека на плоштадот и во околината се изградени повеќе од 150 споменици и скулптури, заклучувајќи дека „за некој што се плаши од отворен простор, Скопје е идеалната бања“.

Според ФАЦ, во основата на „Скопје 2014“ се два музеи. „Постариот, отворен во 2011 година има малку комплицирано име 'Музеј на македонската борба за државност и самостојност. Музеј на Македонската револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим'. Тој е контра-одговор на 'Музејот на македонската борба' отворен во Солун во 1982 година, кој ја раскажува историјата на регионот од грчки аспект. Интересно е тоа што Музејот во Скопје не може да се обиколи без придружба. Македонската историја е компликувана и странецот лесно може да се збуни, ни ја објаснува забраната еден историчар на почетокот на речиси двочасовната тура. Но, вистинската причина можеби е и поинаква: Владата сака од збор до збор да го контролира ваквиот поглед на историјата“.

Патриотизам и лојалност

Споредувајќи го виденото во Музејот со хорор-видео, ФАЦ наведува дека Владата се обидува да го зајакне патриотското чувство и во училиштата: „Во еден учебник од 2010 година се наведува: Лојалните граѓани ги почитуваат оние кои се на власт во општеството. Тие се секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството, дури и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“, пишува ФАЦ.

Осврнувајќи се на минатонеделното отворање на Археолошкиот музеј, авторот ги цитира изјавите на македонскиот премиер и на министерката за култура кои говорат за „значењето на археологијата за македонската државност“, но и со доза на иронија заклучува дека во Музејот сепак ја нема „четкичката за заби на Александар Велики“.

Во Скопје не се работи само за споменици и артефакти. Преку Археолошкиот музеј во Скопје треба да се засили неофицијалната државна доктрина, според која, Македонците се потомци на Александар Велики. Иако Словените дошле на тие простори дури во 6 век од новата ера, тие се измешале со локалното население, па тоа ги прави потомци на Александар, гласи објаснувањето во Скопје“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Извор: Deutsche Welle/ FAZ

ОкоБоли главаВицФото