Компир и ејакулација

24.10.2014 09:34
Компир и ејакулација

Кампањата за здрава храна и за здрави навики целосно ми го промени животот. Секој ден пасам салата, делкам моркови, зобам пченка, пченица и друга зрнеста храна, бројам калории и лижам по 6 грама сол. Учам да се хранам здраво. Според советите на премиерот нутриционист, консумирам пет вида овошје дневно и обилни количества зеленчук. Компир ни на сон. Од месо само пилешко и рибешко. Освен тоа, двапати неделно одам на фитнес и секоја втора вечер си го врзувам околувратникот и го замолувам моето куче да ме прошета до „Панорама“. Ако направам 8.500 чекори, добивам бисквитче.

Знам дека мислите дека ве лажам. Деновиве бил забележан некој брадосан и елегантно пополнет тип со сурат како мојов, на ќебапи во „Рио“, а потоа зануркан во неповторливиот хамбургер од „Седмица“ кај Грчка амбасада. Ако сте го забележале типот, знајте дека не сум јас - тоа е мојот двојник, кој бунтовно ровари по градот и ми гo подрива имиџот на лојален граѓанин.
Си купив и учебници за осмо одделение. По Граѓанско образование и Биологија. Го менувам својот светоглед. Не сакам веќе да бидам бунтовен, нелојален и несреќен. Ги проучувам дури и демохристијанските сексуални навики и вештини. Никогаш до сега, на пример, не сум знаел што е тоа ејакулација. А тоа да ти било исфрлање на семето во родилниот канал на женската единка. Од родот хомо сапиенс, претпоставувам, иако не е прецизирано.

И видете, овој последен пример ни покажува колку демохристијанските правила за здраво и општествено полезно живеење, всушност, ни го олеснуваат животот. Можеби ова со ејакулацијата може да биде компликација за некој осмоодделенец навикнат да упразнува секс најчесто во позата десанка шакиќ, ама може да биде корисно за луѓе на мои години и за повозрасни, на кои понекогаш и баш не им е до таа здодевна ејакулација. Сега има човек алиби бе – жено, спремен ли е тоа родилниот канал? Цврц!

Во право е Грујо, луѓе. Сега сфаќам дека со децении сум живеел во незнаење, кое ме однело на маргините на животот. Сте помислиле ли некогаш колку вреќи компири имате изедено во вашите нездрави и безвредни животи? И колку кондоми и влажни марамчиња залудно сте потрошиле на нешто за што сте мислеле дека е ерекција, ејакулација и секс? Страшно!

ПС. Последна вест: Владата на Република Македонија, во рамките на проектот „Здрава храна“, донесе одлука да се забранат манифестациите пивофест, ракијада, пивтијада, питијада, пастрмајлијада, чваркијада и слични, со кои се промовираат штетни навики во исхраната. Стапката за ДДВ за дупнати кондоми ќе се намали од 18 на 5 отсто.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња