За хомофобичното дивјаштво толерирано и охрабрувано од власта

24.10.2014 13:33
За хомофобичното дивјаштво толерирано и охрабрувано од власта

Кочо Андоновски по нападот во „Дамар“: Триесетина мажи фрлаа со камења и шишиња кон нас

Откако вчера вечер, на прославата на двегодишнината од работењето на ЛГБТИ центарот во Македонија, триесетина маскирани напаѓачи го демолираа кафе барот „Дамар“ и повредија неколку луѓе, нема информации дали се пронајдени или приведени осомничени за овој напад Кочо Андоновски од ЛГБТИ центарот за А1он сведочи дека се работело за брутален напад, во кој биле повредени една девојка и едно момче. Напаѓачите биле немилосрдни.

„Ова е веќе шести напад за две години и досега никој не е уапсен, никој не е казнет и не знаеме што мислат овие институции да прават понатаму, дали треба по улица да нè тепаат и убиваат? Вакви случаи на насилство врз ЛГБТИ заедницата веројатно постојат надвор од светот кон кој ние гравитираме, значи Африка, веројатно некои арапски држави, Азија, Русија, Уганда… меѓутоа во демократскиот западен свет, каде што ние сакаме да се приклучиме, барем така декларативно се вели – вакво нешто не може да се случи. И да има ваков инцидент, потоа државата, институциите спороведуваат такви акции во кои не само што ќе ги најдат напаѓачите и тие ќе бидат казнети за да се обесхрабрат и други, туку ќе започнат и со промотивни кампањи за зголемување на свесноста на луѓето за тоа прашање“, вели Андоновски за А1он.

По овој најнов напад, на фејсбук има коментари кои покажуваат згрозеност за овој најнов брутален напад, но има и такви што ликуваат и кои изобилуваат со говор на омраза.

„Што треба да се случи уште? Да биде убиен некој за да некој помисли дека треба нешто да преземе? Се дозволуваат и толерираат напади без никој да биде гонет и да сноси одговорност! Сосема доволно за да бидат охрабрени оние што се борат против секаков изблик на индивидуалност и различност! Срамно! Сурово и неправедно! Но сето тоа нема да го спречи поривот на слободните индивидуи да се борат за својата слобода и за својата гордост дека се различни!“, напиша Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет – Македонија.

„Страшно. Многу беше страшно. Омраза, густа омраза со нож да ја сечеш. Маса од 30 разулавени маскирани мажи нè каменуваше со цел да нè повредат, не да нè заплашат. Со цел да повредат. Дожд од шишиња. Срчи и парчиња стакло на сите страни. Врисоци и плачење. И страв. Толку присутен страв што миризбата уште му ја осеќам. На едно девојче му ја дупнаа главата, десетици се со исекотини на лице, на врат, на раце, со срчи во очи. Следно, по улици со бејзбол палки ќе нè тепаат. Другари, тоа е тоа право на живот за кое често ме прашувате кој ни го загрозува. Ова е повторно таа ноќ на малите куриња за која пишуваше другарот Беличанец.

Сакам ова да запре, ова да биде последна таква ноќ. Овде да се стави крај. Сакам, не туку БАРАМ одговорните да ги преземат сите мерки за симнување на титулата херој од градите на напаѓачите. БАРАМ да ги преземат сите мерки за пронаоѓање и спроведување на сторителите пред судот на правдата. БАРАМ да се спроведат сите потребни мерки за обезбедување на безбедноста на сите граѓани на Република Македонија без оглед на нивната сексуална ориентација и родов идентитет. БАРАМ ПРАВДА!!!“, напиша Билјана Гинова на својот фејсбук профил.

Мрежата на организации кои се занимаваат со хомофобијата најавуваат конкретни акции, Андоновски оценува дека заплашувањето нема да вроди со плод.

„Секако дека се раѓа страв при вакви напади, затоа е шок, но, исто така, ова нè прави уште подетерминирани, нè прави уште посилни и уште поуверени дека се бориме за правда и нема никогаш да престанеме да се бориме за правда, вели Андоновски за А1он.

А1он

Ирена Цветковиќ: Неказнувањето на насилниците е охрабрувачка порака за нив

„Во Дамар се повтори она што се случи пред две години во ЛГБТ центарот. Поголема група маскирани дојдоа, го демолираа кафулето „Дамар“ додека внатре имаше луѓе и заминаа. Не бараме ништо повеќе освен да се фатат и казнaт, затоа што секое неказнување ги охрабрува и тоа е причината зошто тие толку лесно доаѓаат да кршат и да напаѓаат луѓе. Вчера немаше многу повредени, за среќа, но состојбата ќе беше многу поинаква доколку некој од нив влезеше внатре. Од кршењето, една девојка заврши со дупната глава погодена од поголемо парче стакло. Ние не можеме да бидеме безбедни сè додека државата не ги казни оние кои што вршат насилство“, вели за Република Ирена Цветковиќ од „Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, сведок на вчерашното кршење на кафулето „Дамар“ во старата скопска чаршија, но и на демолирањето на ЛГБТ Центарот кој беше отворен во тој дел од Скопје.

Дали ова се поврзува само со прославата на ЛГБТ? Неодамна беше нападнато и искршено друго кафуле во чаршијата исто така од маскирани насилници, наводно „заради македонска музика“ во кафулето.

„'Дамар' е таму повеќе од 5 години и никогаш ништо не се случило, оваа слика е позната од центарот кога постоеше во Чаршијата. Истите луѓе се тие. Но, сега друга е причината, не може да се правиме слепи. Точно се знаеше кој беше внатре и кој е настанот. Ние бевме внатре затворени, никој од нас не беше надвор, имаше тивка музика, ништо повеќе од тоа…

ЛГБТ Центарот повеќе не работи во Чаршијата? Ја нема таблата, спуштени се металните завеси…

„Центарот повеќе не е во чаршијата, токму од тие причини е и префрлен на друга адреса. Оваа заедница постои и ќе постои, таа заедница е тука и е дел од градот. Ниедно кршење на излог нема да може да предизвика да исчезне. Заедницата не е кафуле или излог. Само ако се покаже дека не се толерира насилството, тоа е единствен начин да се спречи. Ако не се реагира во најјасните ситуации кога многу лесно се откриваат сторителите, тоа е многу јасна порака за нивно охрабрување“, додава Цветковиќ за Република.

Република 

Жарко Трајаноски: Како да ја наречеме државата во која не се казнува дивеењето на хомофобите?

Како да ја наречеме државата во која маскирани хулигани по којзнае кој пат ги напаѓаат активистите за човекови права, а полицијата не ги пронаоѓа? Како да ја наречеме државата во која не се казнува дивеењето на силеџиите-хомофоби додека владејачките партии спроведуваат хомофобични кампањи кои поттикнуваат говор на омраза и насилство? Како да ја наречеме „државата пред сè“, а да не им нанесеме „душевна болка“ на силеџиите, сеирџиите и пастирољупците?

Фејсбук

Андреј Анчевски: NO PASARAN!

Во нашата заедница, во нашата чаршија и во срцето на сцената која макотрпно и со голем труд ја градиме, во која со текот на времето ги надминавме сите етнички, политички и идеолошки бариери во потрага по места за излегување, танцување и славење на човечкиот дух и култура, едноставно нема место за фашистички гниди и хулигански гомна чија единствена цел во животот е да го уништат животот на подобри луѓе од нив.

Во очи на ваквите настани, „Дамар“, ЛГБТ центарот Скопје и целокупната Стара Чаршија ја имаат мојата најискрена и целосна поддршка. Се надевам дека целата авангардна младина, уметниците и прогресивните сили на овој град нема да чекаат заштита од државните институции кои зад кулисите го спонзорираат и поттикнуваат насилството и дискриминацијата, туку заедно ќе се обединат за заштита на нашата чаршија, нашите пријатели и нашата култура на толеранција, прифаќање и љубов.

ОВА НЕ СМЕЕ ДА ПОМИНЕ!

Фејсбук

Солидарност: Неказнувањето на насилството против ЛГБТ-активистите ги охрабрува насилниците

Левичарското движење „Солидарност“ најостро го осудува синоќешниот вандалски акт во кој беше демолирано кафулето „Дамар“ и беше извршен напад врз ЛГБТ активистите кои беа таму.

Жалиме што хомофобичните насилни акти земаат загрижувачки размери во нашето општество, а несанкционирањето на извршителите само ќе ги охрабри да продолжат да демонстрираат насилство врз ЛГБТ активистите и во иднина.

Цениме дека отсуствува политичка волја кај конзервативната власт за надминување на овие примитивни однесувања и шиканирањето врз ЛГБТ популацијата кај нас, но сепак се надеваме дека органите на прогонот овој пат ќе си ја завршат работата професионално и ќе ги пронајдат насилниците, со што ќе пратат недвосмислена порака дека нема да бидат толерирани таквите насилни акти во иднина.

Солидарност

ОкоБоли главаВицФото