Поправката поштетна од дефектот

27.10.2014 11:02
Поправката поштетна од дефектот

Има нешто полошо од штетите што ги предизвикаа големите промашувања на преродбата, таа елементарна политичка непогода што ја зафати Македонија, надградувани и проширувани со секое ново предизборно издание. Тоа е обидот на власта премолчано, „во себе“, да си ги признае грешките, а потоа да ги поправа јавно, пак на сметка на сите оштетени.

Идејата за државен испит или за екстерното тестирање на студентите е најдобар пример за тоа. Отворањето факултети не само во селата, туку и во помалите места, одеше експресно. Идејата беше што е можно побрзо, преку образованието, да се дисперзираат преродбеничките политики и никој не ги слушаше аргументите од струката. Резултатите стигнаа многу брзо: „Мора нешто да се промени, зашто имаме факултети, па и цели универзитети, каде студентите добиваат диплома без знаење и не можат да просперираат“, оцени премиерот Груевски. И реши да воведе државен испит или екстерно тестирање за сите, не само за студентите на проблематичните приватни факултети. Исто како и првата, и оваа одлука не зависи од укажувањата на професори и декани дека тестот не е решение, туку уште еден проблем.

Речиси секој што завршил некаков степен на образование, бил жртва на некоја реформа или експеримент. Последиците од преродбата во образованието се очигледни. Денес студентите, тие „инвалиди во своето знаење“ (Н. Груевски), се најисплашените, најпокорните, најнеорганизираните и најизманипулираните од сите луѓе. Тие се иднината на Македонија.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња