Меѓу смртта и слободата, меѓу Македонија и Европа (За филмот „До балчак“)

27.10.2014 13:28
Меѓу смртта и слободата, меѓу Македонија и Европа (За филмот „До балчак“)

Одличниот филм на Столе Попов, „До балчак“, би можел да биде фина подлога - кога би го префрлиле на теренот на идеологијата - за некакво македонско национално помирување. Дури и повеќе од тоа, поетиката на филмот „До балчак“ би можела да биде подлога за мошне паметна и убава политичка платформа за една нова Македонија прилагодена на 21-иот век. Кои би биле главните столбови на таа платформа? Оние што се суштина на најновиот филм на Попов: демитологизација (национална дефрустрација), креативност, инвентивност, смирување на бујните разлики низ почитување, иронија, фантазија, хумор... (Впрочем, и културно-политичките стратегии на ЕУ одат во истата насока: шаренилото, умот, науката, културата... се европски вредности и предности.)

Супериорната уметност е над сè, а пред сè е над зовриениот котел на политиката&историјата - тоа е клучната позиција на филмот „До балчак“. Но, во филмот тоа не е само реторичка поза; Попов во прв ред со уметнички средства успева надмоќно да се постави над политиката и историјата какви што ни ги диктираат манипуланти и идиоти за сопствените политикантски и профитерски потреби. Всушност, „До балчак“ е една деликатна жица поставена врз два зашеметувачки брега: оној на смртта и оној на слободата. Уметноста, токму филмот, ги трансцендира смртта и слободата и ни овозможува да чекориме (во воздух?) и да ги доближуваме раздвоените брегови.

Ликот на Столе Попов (за момент да се оддалечиме од филмот) можеби исто така е интересна точка во која конвергираат македонскиот комунизам (Попов во осумдесеттите беше во највисоките ешалони на Сојузот на комунисти на Македонија) и македонскиот национализам (Попов е мошне близок до сегашниот криптофашистички и националистички режим; некои велат дека е еден од авторите на восочниот хорор во Музејот на ВМРО).

Но, независно од човечката (моралната или политичката) компромитираност на Попов, тој направил одличен филм! Компактен, питок (гледачот во еден здив ги проследува 165-те минути), со јасни хронолошки линии, со добро одмерен „суспенз“, со главно логични драматуршки односи, со одлично поставени контрасти чија динамика го влече дејството, со чудесниот лик на Тереза како столб на целиот филм... „До балчак“ е далеку над поновите македонски филмови со слична тема, оние на Митревски (Трето полувреме) и Поповски (Балканот не е мртов); веројатно е подобар и од „Прашина“, најдобриот филм на Манчевски (иако во тоа сепак не сум сигурен; одамна не сум го гледал „Прашина“; впечаток е и дека „До балчак“ е под одредено влијание на филмот на Манчевски). Во секој случај, интересна општествена поука е што еден ветеран го направи најдобриот македонски филм последниве години; во земја во која владеат млади и бескрупулозни имбецили (неспособни за каква било благородна акција и креација во кое било општествено поле, а најмалку на полето на културата) стариот мајстор уште еднаш покажа каква е реалната хиерархија кога станува збор за конкретен филмски производ.

Се разбира, ВМРО-ДПМНЕ му истресе на режисерот цела вреќа златници (да не се лажеме, државава е на партијата; го знае тоа Попов барем 40 години!) Велите, се спичкале многу народни пари, три-четири милиони евра? Па толку чинат само пет-шест имбецилни груевистички кампањи! Од стотиците! Или два-три споменика. Што е тоа за македонскиот народ? Ситница!

Надвор од мрачниве шеги, Попов сепак не направи филм наменет за потребите на националистичката власт. Дотолку, се чини дека Попов на моменти во својот филм го наслика токму денешното ВМРО (дозволете и такво читање на филмското дело) со не баш весели бои, но мошне реалистично: како банда недоветни десперадоси без каква било посуптилна политичка идеја; пљачка, дивеење, јадачка, пијачка, филозофија купи-ден-помини - тоа е ДПМНЕ. Во филмот се сјајно портретирани (впрочем, Попов е најголемиот портретист во историјата на македонската кинематографија, режисер со исклучителна дарба за човечкото лице и крупниот кадар) токму некои од перјаниците на современото ни ВМРО, на пример славните женски хероини Весна Петрушевска и Валентина Божиновска. Барабар со малоумните комити-разбојници прикажани се и двете очајни и ужасни малограѓанки - како надополна на целата ужасна слика на Македонија во почетокот на 21 век (пардон, на 20 век). Како политичко портретирање на сегашното ВМРО може да се разбере и сцената кога се расформира комитската чета (низ тоа филмско делче доминира креативниот и посебен епизодист Никола Ристановски). Целото расуло и дезориентираност доаѓаат до израз во таа сцена во која комитите всушност решаваат да се самоубијат (донесувајќи одлука да влезат во градот кој е за нив смртоносна стапица - ниту народот ги сака, ниту Турците ќе ги поштедат).

Велат, Милчо му ги начукал „Мајките“ на пастирот. Мој впечаток е дека на кутриот пастир Попов до балчак му го начука не само ВМРО туку и целокупната македонска историја сфатена како дизнилендска идолатрија (така пастирот и неговите ги разбираат историјата и нацијата). Да, Попов направил шпагети „истерн“ , но токму тој жанровски (или поп-арт) момент најмногу придонесува за демитологизација на лажливата и фалшливата македонска историја со чија манипулација современите разбојници нè работат како бавча.

Заправо, „До балчак“ не е „истерн“ туку е (шпагети) вестерн, според целокупната стилска постапка. Нема тука многу исток, главно се работи за запад, т.е. за западните филмови што го создале ракописот на Попов. Дури ми се чини дека и историската иронија (која го спасува филмот) Попов ја преземал од генијалниот „Џанго“ на Тарантино. „До балчак“ начисто би пропаднал без таа ирониска дистанца (која на места е речиси субверзивна, но сепак далеку од радикалниот исмејувач Тарантино).

Ми се чини дека Попов, како косценарист, ги извлекол најдобрите аспекти од сценариото на Горан Стефановски, кој инаку е склон кон реторика, патетика и не секогаш оправдано подигање на (националната) температура. И во тој сценаристички поглед, значи, Попов им одржа лекција на помладите колеги, Манчевски, Митревски, Поповски, Митриќевски, Блажевски, чии понови филмови токму страдаат од ужасни проблеми во сценаријата. Најголемата слабост на сценариото на „До балчак“ сепак е на моменти претераното инсистирање на „Македонија“ и „македонското прашање“ (тој неконтролиран и лажлив национализам го закопа, на пример, „Трето полувреме“); таквото неумерено користење на „националниот мотив“ (па дури и кога е во ироничен контекст!) може да заличи на памфлетизам и на испорачување на премолчените политички нарачки.

Што најмногу ми се допадна „Во балчак“? Преплетот меѓу лирското и епското, да речеме. Многу силниот женски елемент поставен наспроти разузданиот и трагичен балкански мачоизам. Сино-виолетовиот (хартиен?) цвет над кој се исчудува („овде нема такво!“) еден комита полулуд од страдања и од жестоки слики. Чудните звуци што со две желевца ги создава (одново) полуден и здивеан свештеник (?) кој талка низ шумата; или свирењето врз винска чаша на главната хероина, Тереза (преубавата и мошне интелигентна и актерски прецизна, словенечката глумица Инти Шрај со моќната женска сила им парира на сите турски и комитски чети заедно!; Инти Шрај за „До балчак“ е она што е Боб Мекелеб за македонската кошарка - пола репрезентација!). Многу ми се допадна мотивот на фазаните и мисирките кој се провлекува цело време, збогатувајќи ја не само ликовноста на филмот (ионака пребогата, благодарение на извонредната фотографија на Апостол Трпески), туку внесувајќи мистичност и толку потребен мир меѓу понекогаш преекспресивните и тегобни сцени. Ми се допадна што магарињата, кои се многу поавтентичен симбол на Македонија од лажните груевистички коњи, се третирани со достојна почит. Ми се допадна сјајно режираната и монтираната сцена со мечката во кафеана, која е своевиден климакс на филмот и квинтесенција на сите случувања; рускиот рулет на комитата (одлична улога на Драган Спасов) со мечката е антологиско парче, многу впечатливо, и одново ја лови „македонската суштина“: безвредноста на животот, здивеаноста, падот - но пак со некоја необјаснива лиричност и мудрост. Ми се допадна почетокот на филмот, хичкоковското излегување на локомотивата од тунел. Неверојатните фустани на ионака прекрасната Тереза! (костимографка: Емилија И. Атанасовска) Мајсторската музика на Дуке Бојаџиев, суптилна, ненаметлива, а сепак снажно присутна, неодвоива од богатата пастуозност (слоевитост) на целиот филм...

Вреди да се издвојат и неколку сцени: духовито и игриво е режисерското решение главниот лик, Тереза, да ја запознаеме индиректно, преку нејзините фотографии во возот; доаѓањето на возот во станицата е феноменално монтирано и усликано (во тој дел се некои од најдобрите фотографии во филмот) делче во кое се контрастираат (јукстапонираат) двата тотално различни света, оној на патниците на возот („Европа“) и оној на мештаните („Македонија“); прекрасно снимената пловидба со сплавови, кога на брегот се појавуваат живописни но речиси надреални ликови, во сета нивна здивеаност и оставеност; фино (нежно, лирски) е режирана и сцената со голите Филип и Тереза кои лежат во када полна со цветови и шампањ...

Повеќето актери се добри, на висина на задачата, но се чини дека сепак, освен Тереза, се еднодимензионални, малкуцка плакатски или стрипски. Можеби е тоа намерно, можеби се следи трагата на шпагети вестерните за кои се типични недвосмисленото карактеризирање, пренагласеноста, патосот... Во актерска смисла најслаб е Филип (Мартин Јорданоски), кој често преглумува и афектира. Но, можно е Филип да има слабости и во сценаристичкиот дел, можно е ликот просто да не е добро напишан и осмислен (како во земјава да не постои уметник кој еманципираниот маж /„европеецот“/ може да го прикаже како позитивец; ако си осетлив и паметен - немаш „муда“, педерче си; за фраер овде треба да си глуп и насилен; таа културна матрица си ја пренесовме и во политичкиот живот)... Слични проблеми во себедефинирањето има и Крсто (Сашко Коцев), кој не може да ја долови трагедијата на сопственото семејство туку решил да игра површно скопско фраерче. (Во филмот не е доволно работено на вербалниот говор: Крсто (Коцев) избрал некаков фриволен скопски сленг кој ја убива неговата трагичка црта; Музафер (Тони Михајловски), веројатно поради желбата да внесе и комична црта, избрал да зборува македонски со албански акцент - што одново го одвлекува вниманието од неговата - барем сценаристички - мошне комплексна психологија; Мики Манојловиќ на некои места мрмори, а тоа не е резултат на мозочниот удар, итн.) За разлика од Коцев и Јорданоски, пријатно изненади Сенко Велинов, кој во филмот е сосема „стишан“; со дискретни актерски средства ми се чини дека оствари многу поголем ефект од афектациите и патетичностите кон кои како актер е склон. (Во деликатните односи меѓу главните машки ликови, Крсто, Филип и Музафер, лежи потенцијалот за современото македонско обединување - да се вратиме на шегата од почетокот на текстов; Крсто, сировиот комита, и политички поразумниот Филип, парискиот студент, успеваат да се обединат - но во смрт; или во слободата која е само филмски замрзната секунда пред смртта).

Иако ликот на Тереза доминира со целиот филм и иако женскиот аспект е мошне изразен (што е нетипично и за Попов и за македонската кинематографија), ми се чини дека феминистичката субверзивност (во однос на балканскиот мачоизам) Стефановски и Попов делумно ја задушуваат (а ја градеа цел филм!) со тоа што ја разоткриваат Тереза како размазено и во суштина заштитено западно дерле кое со бокс треба да биде вратено таму каде што припаѓа - на запад. Значи, и покрај респектибилните напори што ги направија колку-толку да се еманципираат, Стефановски и Попов не издржаа да му се вратат на својот добро препознатлив балкански сексизам.

Каква ќе биде рецепцијата на филмот кај нас? Тоа е деликатно прашање. Судејќи по првичните реакции, пообразованата македонска публика филмот нема да го прифати, меѓу другото и зашто ѝ е преку нос од комитски митови, од Македонија на ВМРО, од насилство и дивјаштво (ионака тоа го гледаме осум години, во живо, па зашто би го гледале и на екран?). Значи, можно е Попов да го утнал тајмингот со темата; нему отсекогаш му било јасно дека за да снимиш филм во Македонија мораш да бидеш повеќе или помалку режимски миленик (а Попов се трудел низ животот главно да биде повеќе, а не помалку, режимски човек, што ги следи темите на власта; се разбира дека еден ден тоа може и да ти се скрши од глава). Можно е филмот не баш сјајно да помине и кај помалку образованата публика, токму поради својата иронија и софистицираност (на пример, простачките финти, карактеристични за повеќето македонски филмови, во „До балчак“ речиси ги нема; дури и ситните закачки - контра Грција, на пример - мошне се воздржани; нема ни нагласена еврофобија -„Европа е курва, разбираш“ - што би се очекувало, просто како општо место; сценаристите, за среќа, се воздржале од Тереза да прават „вавилонска блудница“, иако таа сепак завршува изебана од двајцата главни ликови (или таа ги изебува, како претсмртен подарок, „за збогум и добро сеќавање“); изебана - ама жива и супериорна; а ебачите гинат, се разбира, но барем успеале да се „прцнат“ со европјанката („што не се прца не се кози“ е една од паролите на филмот, заедно со главната: „Ебате животот ако не си спремен да умреш за него!“)

На крај, кога сме веќе кај ебењето: дали стварно некој од режисирите што од партијата добија милиони евра народни пари успеа да им го начука на пастирот&партијата? Или сите тие само му ги придржуваа тестисите на големиот ебач-раскинувач дур ја растураше заедничката им мајка Македоња?! А, да, повремено мудата субверзивно му ги пуштаа да се извалкаат во прашината!

Фотографиите се од филмот „До балчак“ (Столе Попов, 2014)

ОкоБоли главаВицФото