Ќебапчилниците ќе работат пар-непар

28.10.2014 09:17
Ќебапчилниците ќе работат пар-непар

Скопје, 28 октомври 2014

Поради зголемената телесна тежина забележана кај сè поголем број граѓани, власта планира да воведе мерка пар-непар за ќебапчилниците, сендвичарите и рестораните за брза храна, открива премиерот Никола Груевски во изјава за магазинот „Здравје без убавина“.

Зимата е период во кој речиси сите граѓани ја зголемуваат тежината за по некој килограм, па властите преку оваа мерка ќе се обидат да ја спречат штетната појава.

„Брзата храна е нездрава. Со мерката пар-непар сакаме да ги поттикнеме граѓаните наместо сендвичи, тостови и скара да јадат по 115 видови овошје и зеленчук во текот на денот“, вели Груевски.

Тој додава дека стандардот на граѓаните во Македонија е висок, што го потврдуваат написите во Курир, Вечер, како и прилозите на Сител, Канал 5, Алфа и други телевизии, па граѓаните не би требало да имаат проблем да си ги дозволат најголем дел од 115-те препорачани намирници.

„Брокулата, авокадото, папајата, брусницата, ананасот и аронијата заменуваат точно 15 ќебапчиња со кромид, а се многу поздрави“, рече Груевски, покајувајќи се за неговиот прехранбен испад во старата скопска чаршија.

Доколку мерката пар-непар за ќебапчилниците, сендвичарите и рестораните за брза храна не ги даде очекуваните резултати, се планираат санкции за елегантно пополнетите граѓани.

„Ако оваа добронамерна кампања не вроди со плод, за жал ќе мораме да ги казнуваме дебелите граѓани што шетаат по улица, а казните ќе бидат повисоки за оние што ќе бидат фатени на лице место како купуваат опасни сендвичи“, нагласува македонскиот премиер.

Што се однесува до егзистенцијата на сопствениците на озлогласените угостителски објекти, премиерот порача дека нема место за паника, бидејќи никогаш не е доцна да се префрлат на садење брокула, за што наскоро се планираат и посебни субвенции.