Како Македонците да не ги боли мешето

28.10.2014 13:00
Како Македонците да не ги боли мешето

Иако одамна систематски го одбегнувам следењето на режимските медиумски вести (бидејќи своеволно да си потураш в душа отровно пропагандно ѓубре е чин на перверзно самонасилство со јасни мазохистички мотиви), испаѓа сосем невозможно да ги одбегнам рикошетираните одеци на случувањата од претходните денови. Особено ако се така смешни и зловести каква што беше „владината сеопфатна кампања за подигнување на свеста на граѓаните“ и „за градење култура кон исхраната“. Оваа плиткоумна кампања, која има за цел „да се насочат граѓаните кон здрава храна“ и „да се афирмира здравиот начин на живот“, под мотото „Здравјето е избор“, ме достаса отпосле, но повторно потполно неподготвен за да ја поднесам хипокризијата и инфантилната глупоштија која зрачи од неа. Најболниот аспект на кампањата е секако немерливото лицемерие со коешто една нелегална, недемократска и антинародна диктатура која на народот му ги укина сите фундаментални услови за здравје (слободите, правата, стандардот, здравствениот систем, економските претпоставки за здрав живот итн.), сега пројавува некаква ѓоа грижа за здравјето на народот. Кој може да се подготви за веста дека еден клептократски режим кој ја претворил државата во монструозен механизам за грабеж и уништување на здравјето на сопствениот народ, сега промовира евтина грижа за културата на исхрана на тој ист осиромашен, депресивен и веќе десеткуван народ? И, што е најстрашно, оваа перверзна „благородност“ се темели на основната претпоставка дека среќата и благосостојбата на народот најмногу зависеле од личниот избор на начинот на исхрана и другите здравствени навики. Од личниот избор што палавиот народ досега очигледно не го правел паметно.

Оваа лицемерна и заглупувачка реторика ја практикувале практично сите тоталитарни режими, но морам да потенцирам дека личното ангажирање на Шефот на режимот во советувањето на нацијата „што да папа, како да ги мие рачињата, како да го брише газето и како вежбајќи да го намали мешето“, е реткост во тоа неславно друштво. Сепак, нагласената грижа за народното здравје на нашиот тоталитаризам произлегува директно од богатото искуство на тоталитаристичката парадигма - нацистичка Германија. Имено, Хитлеровата грижа за народното здравје била константа во неговата политика од раните триесетти години на минатиот век до самиот крај на режимот, но интензитетот на кампањата за „подигање на свеста“ кај народот германски за своето здравје и исхрана растел пропорционално со уништувањето на сите претпоставки за каков било живот и со масовниот гибел на населението. Таа „родителска“ грижа на Фирерот му послужила како ефикасно средство за патернализирање и покорување на населението, така што од нацијата создал „органско семејство“, а од возрасното население произвел армија покорни, зависни, немислечки и недозреани деца. Политиката на државната грижа за личниот избор на начинот на живеење, како и на културата и навиките на исхрана, од почетокот до крајот на неговото владеење беше еден од основните инструменти за суспендирање на индивидуалните слободи и права. Примери за ова има премногу, но интересно е дека „подржавувањето“ на индивидуалната исхрана и здравје било зацртано како базичен принцип кој треба да се „испие“ уште со мајчиното млеко. Тој е формулиран во Здравствениот прирачник на Хитлеровата Унија на млади сили, каде пишува дека „храната не е приватна работа“ и дека младите „имаат должност да бидат здрави“.

Жален факт е дека оваа лицемерна грижа на диктаторите за здравјето на нацијата не е историски анахронизам, туку е и ден денес совршено функционална техника за манипулација и покорување на населението. Тоа е пропагандна стратегија со која авторитарната власт ги затрупува граѓаните со баналности и општи места, со редуциран, инфантилизиран вокабулар, третирајќи ги како да се деца, како да се незрели и инфериорни поданици неспособни самостојно да ги прават и најелементарните избори во животот. Оваа учебничка патерналистичка техника ја има временски неограничената гаранција на производителот (Хитлер, Хес и Гебелс) дека од слободните граѓани произведува зашеметени поданици, возрасни деца кои треба да бидат трајно неспособни самостојно да одлучат што да стават во уста. Патернализмот од кој било вид е осуден за сите времиња уште од Кант, кој јасно напишал дека „татковската влада (imperium paternale), која ги присилува поданиците на пасивност, како деца кои не разбираат што е за нив корисно или штетно (...) претставува најголем можен деспотизам (уредување што ги укинува сите слободи на луѓето, кои така остануваат без какви било права)“.

И за крај, човек не може да не се запраша, што ги тера диктаторите да се прават како да знаат сè, и да ѝ се обраќаат на нацијата со тривијални пораки, за чиешто вистинско значење очигледно не знаат ништо? Каков е тоа екстремен, социопатски нарцизам, што диктаторите незадржливо ги тера во грандоманска илузија за сопствените (најчесто потпросечни) можности? Овој нарцизам – како во грчката митологија каде што Нарцис се вљубува во сопствениот одраз во водата – добива психопатски димензии, веројатно поради тоа што диктаторите ги залажува сопствениот лик што се одразува во кучешките очи на подлизурковците со кои се опкружени. Ова искривено огледало ќе да е одговорно за пореметувањето на личноста кое го карактеризира прекумерната преокупација со себеси, со сопствената моќ и суета, која ги тера диктаторите - дробејќи му мудросерини на народот - да ги манифестираат својата духовна сиромаштија, неписменост и неукост. Навистина, што знае Груевски за исхраната и здравјето, за заштитата од тешките болести и прераната смрт? Тотално и апсолутно ништо, при што таа темна празнина добива пародични елементи кога ќе го видите тоа незнаење како продуцира празен поглед и шупликава интонација како кога повторувачи читаат лекција во која не го разбираат значењето на зборовите. Да знаеше Груевски што е навистина здраво за народот македонски и да сакаше навистина да стори нешто да му помогне во таа насока, на брз и лесен начин ќе го отклонеше најштетниот фактор за пропаѓањето, болувањето и отселувањето на Македонците: ќе исчезнеше таму од каде што дошол.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат