Скопска игротека не прима поддржувачи на ЛГБТ?!

29.10.2014 10:25
Скопска игротека не прима поддржувачи на ЛГБТ?!

Eдна скопска игротека за деца, по нападот на кафулето „Дамар“, јавно се „пофали“ дека нема да прима гости што ја поддржуваат ЛГБТ-заедницата, што предизвика лавина негативни коментари на Фејсбук и најави за бојкот.

 

Една скопска игротека на Фејсбук си навлече гнев од граѓаните, откако во статус на социјалната мрежа, ја нарече ЛГБТ-заедницата „лева“ и ги обвини хомосексуалците дека не дозволуваат децата да израснат во „нормални услови“ и како „нормални граѓани“. Згора на тоа, во нивната преписка со други Фејсбук-корисници, иницирана по инцидентот во кафулето „Дамар“ каде што минатата недела група хулигани изврши упад додека се одбележуваше годишнината од ЛГБТ-центарот, повикаа поддржувачите на ЛГБТ-заедницата да не им бидат гости во игротеката.

„Затоа јавно им порачуваме на сите што нѐ навредија и наводно нема да станат наши гости, воопшто да не пробуваат да се дел од нашите забави. Ние работиме со деца и за деца, и природно сакаме да има што повеќе поколенија израснати во нормални услови како нормални граѓани. Луѓето од таа популација не го овозможуваат тоа. Ние не оправдуваме насилство, ама не и прослави, паради и јавни плачки. Секој по дома што сака да прави. Затоа вистински луѓе, родители, кои се сложувате со нас, со чест ве очекуваме да сте дел од нашата игротека, а вие модерни мајки и татковци, не е тренд да поддржувате изопачени здруженија. Глумите проевропски, ама да ви дојде маката дома, ќе бидете прави Балканци. Затоа не се заканувајте, славете кај Европејците, ние сме уште по тоа прашање Балканци, ама без насилство“, пишува во статусот што се споделува на социјалната мрежа, а потпишан од игротеката.

Ваквата преписка набрзо потоа беше отстранета од нивната фан-страница, но корисниците на социјалните мрежи направиле фотографија од неа. Во дел од коментарите потпишани со името на игротеката, администраторот дава и препораки за ЛГБТ-заедницата:

„Затоа не славете ништо, седете си по дома, сакајте се по дома, парадирајте по дома. И после сѐ, дома си е дома кога различен си надвор. Не оправдувам насилство, ама не и јавно прикажување на своите мани“, пишува во статусот.

Дел од родителите се шокирани од ваквиот став на установата што приредува приватни прослави за различни прилики за најмладите. Едни повикуваат на бојкот на игротеката, а други потсетуваат на идејата на бизнис и пазарната логика, според која клиентот е секогаш во право. Според трети, ова е прашање на дискриминација, казнива со закон.

Еден јавен простор не смее да сегрегира кој внатре ќе прославува - коментира Никола Ш. од Скопје.

Преписката следува по нападот во кој беше демолирано кафулето „Дамар“, а каде што беа повредени неколку лица, а една девојка беше пренесена во Ургентниот центар минатиот четврток. За време на роденденската забава за одбележување на вториот роденден на Центарот за поддршка на ЛГБТ, кафулето беше демолирано, а насилна група со стаклени шишиња и гајби фрлала кон гостите.

Полицијата уште трага по сторителите и нема објавено никакви наоди од истрагата, а не се најдени ниту виновниците за претходните вакви напади врз центарот на ЛГБТ во Старата чаршија.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња