Овалниот портрет

29.10.2014 11:55
Овалниот портрет

Замокот во кој мојот слуга со ризик влезе насила, за да не ме остави сериозно ранет да ја минам ноќта под отворено небо, беше од оние огромни зданија - истовремено мрачни и грандиозни, чии контури веќе одамна се оцртуваат по Апенините, не помалку вистински отколку оние од фантазијата на Г-ѓа Ретклиф1. Според неговиот изглед можеше да се заклучи дека беше неодамна и привремено напуштен. Се сместивме во една од најмалите и не многу раскошно наместени одаи која се наоѓаше во една од поодалечените кули од зданието. Украсите беа богати, но сепак малку распарталени и ветви. Ѕидовите беа прекриени со таписерии и трофејни оружја од секаков вид и во најразновидни форми, но еднододруго со невообичаено голем број вдахновени и модерни слики во рамки со богати златни арабески. Мојот делириум во почетна фаза, ме туркаше кон овие слики кои висеа не само на ѕидовите, туку и во многуте затскриени агли и дупки на кои чудната градба на замокот им ја нашла таа намена, та длабоко се заинтересирав. Дури и го замолив Педро да ги спушти тешките кепенци - и онака веќе се беше стемнило - да ги запали свеќите од свеќникот кој стоеше до креветот и широко да го отвори балдахинот од црно кадифе обрабен со реси кој го опкружуваше креветот. Сакав сево ова да се направи за, ако веќе не на сонот, да можам да се предадам на разгледување на сликите, и да го разлистам книжето што го најдов на перницата, а кое имаше цел да ги опише и протолкува сликите.

Долго, долго читав, и предано и длабоко набљудував. Несопирливо и во занес минуваа часовите и дојде мрачна полноќ. Не ми годеше позицијата на свеќникот, па наместо да го разбудам мојот слуга, со тешкотија ја испружив раката и го наместив за да ги фрла зраците директно врз страниците на книгата.

Но со ова мое поместување се случи нешто сосема неочекувано. Зраците од многуте свеќи (а навистина беа многу) сега паднаа на една дупка во ѕидот која до тој миг беше во длабоката сенка на еден од столбовите на балдахинот. Тоа ми овозможи во јасно светло да видам една слика која претходно не се гледаше. Беше тоа портрет на една млада девојка која созрева во жена. За миг ја загледав сликата и потоа веднаш ги затворив очите. Зошто го сторив ова и мене отпрвин не ми беше јасно. И дур капаците ми беа така затворени, низ мојот ум ја барав причината за таквата моја постапка. Тоа беше спонтано движење со цел да одвојам малку време за да подразмислам - да се осигурам дека очиве не ме излагале - да ја смирам и совладам мојата маѓепсаност за да погледнам потрезвено и посигурно. По неколку моменти повторно гледав право во сликата.

Не можев да се посомневам дека добро гледам; веќе првите зраци од свеќите врз платното ја избркаа дремливата мемливост која ми ги беше презела сетилата и нагло ме повратија во јавето.

Портретот, како што веќе спомнав, беше од една млада девојка. Беа прикажани само главата и рамениците, како што тоа технички би се опишало – насликани во vignette (вињет) манир, нешто што многу потсетува на стилот на Сали2. Рацете, градите дури и краевите на нејзината блескава коса беа незабележливо стопени со нејасната, а сепак мрачна сенка која ја формираше позадината на целата слика. Рамката беше овална, изрезбана и богато украсена. Самата слика, како уметничко дело, беше достојна за најголема почит. Но, онa што ме трогна така наеднаш и силно, не беше ниту солидната изведба, ниту пак бесмртната убавина на девојката. Најмалку виновна е мојата замаеност која затресена од полусон, ме натера да ми се привиди како девојката да е жива. Уште веднаш забележав дека деталите на изработката, vignette стилот и рамката, ја оттргнуваа таквата идеја од мислите, а дури спречуваа и барем за миг оваа идеја да се појави. Длабоко размислувајќи за овие детали, полу седнат, полу легнат, можеби речиси цел час останав закован со погледот на портретот. По подолго време, наоѓајќи ја вистинската магија на портретот, задоволно се испружив назад во креветот. Волшепствотo на сликата беше во изразот совршено сличен со животот, што отпрвин ме изненади, за на крај да ме збуни, обзеде и крајно вознемири. Со длабока стравопочит го вратив свеќникот на претходната положба. Така, покривајќи ја причината за мојот длабок немир, ја побарав книшката која ги опишуваше сликите и по нешто кажуваше за нивната историја. На страниците кои се однесуваа на овалниот портрет ги прочитав следниве нејасни и чудни зборови:

„Таа беше мома со најретка убост, колку лична, толку и полна со радост. Зол беше часот кога сликарот таа го виде, се заљуби и се омажи. Тој, страстен, ревносен, помалу студен, веќе си имаше невеста - својте слики; таа, мома со најретка убост, колку лична, толку и полна со радост, сета в сјај и насмеана, разиграна и весела ко млада срна, љубејќи и милувајќи сè; полна со жолч само за сликите, нејзин единствен соперник; колнејќи ги палетата, четките и другите омразени помагала кои од неа го оттргнуваа ликот на нејзиниот љубовник. Затоа и беше страшно за нејзините уши да чујат како сликарот сака дур и својата невеста да ја наслика. Но сета скромна и покорна, таа седеше многу недели во високата мрачна одаја во кулата, каде зраците светлина само озгора сиромашно капеа на платното. А тој, сликарот, сиот облеан в гордост од својата работа, в треска сликаше долги, долги часови, кои се развлекоа во уште подолги денови. А тој таков, страствен, див и нескротлив, загубен во своите мечти, не виде како светлината која толку оскудно се пробиваше во осамената кула го подјарми здравјето и духот на невестата негова, дури и таа видно заслабна, за сите, сал не во неговите очи. Сепак таа сè уште се смееше, и понатаму, без трошка побуна, зашто виде оти сликарот, кој беше надалеку прочуен, чувствува силна и пламена страст во исполнението на својата задача, не штедејќи ни ден ни ноќ за да ја наслика неа, која толку го сакаше, и која секојдневно сè послаба и посвената стануваше. И со болка в душа и тажни зборој на усни говореле некои чиј поглед беше паднал врз платното, говореле ко за некој голем споменик, и не помал доказ за големата дарба на сликарот колку и за неговата безмерна љубов кон онаа што ја беше живописал толку извонредно. Како минеа дните, и работата наближуваше кон својот крај, никој не смееше в кулата да влезе, зашто сликарот веќе целосно маѓепсан со пасијата за делото свое, ретко погледот го тргаше од платното, освен за повремено да ѕирне кон ликот на жената своја. И тој не виде дека боите кои ги беше распослал по платното ја крадеа живоста од нејзините образи, а таа, пак, сал седеше крај него. Кога многу зли недели изминаа веќе, а работа остана уште малку, сал една четка да се повлече кај усните и нијанса да се нанесе на окото, духот пламна кај дамата како жарче в распретана пепел. Беше повлечена и последната четка, насликана и последната нијанса; во тој момент застана маѓепсан пред делото кое од него се изнедри; но веќ е следниот момент дур сè уште зјапаше во платното, тој се стресе и пребледе, и наеднаш сиот исполнет со страв, извика со громок глас: 'Ова е навистина Животот вистински!!!'; се сврте барајќ и ја со поглед својата љубена: А таа... мртва!“

1842.

_________________________________________________________

[1] Ен Ретклиф, англиска писателка (заб. на прев.)

[2] Томас Сали, американски портретист од XIX век (заб. на прев.)

Извор: Маската на црвената смрт, Темплум, Скопје, 2005.
Слики: Hsiao-Ron Cheng
Превод: Александар Михајловски


ОкоБоли главаВицФото