1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 01:59
„Citizenfour“, новиот документарец за Едвард Сноуден кој го сними Лаура Поитрас, меѓу другото е и новинарски прилог за новинарството. Започнува со цитат од преписката меѓу Поитрас и нејзиниот нов извор, кој се претставува како „Citizenfour“. Се испоставува дека овој извор е Сноуден. Набрзо, Поитрас и Глен Гринвалд, во тоа време колумнист на Гардијан, патуваат во Хонг Конг да се состанат со Сноуден во хотелска соба.
Во тој момент сè уште не знаат дали Сноуден е навистина лицето за кое се претставува. Не знаат ниту дали неговите материјали се автентични. Па сепак, Поитрас веднаш ја вклучува својата камера. Гринвалд, кој студирал право, многу вешто го испитува Сноуден. Постепено, значењето на Сноуден станува јасно. Секвенцата е содржајна и напната и има многу впечатливи аспекти. Еден од нив е дека сведочиме историски важна пракса од известувањето и доверувањето на изворот во моментот додека се случува. Тоа е исто како Боб Вудворд да го снимел првиот свој состанок во гаражата со Длабоко грло.
Сноуден во филмот е прикажан како лукав, цврст и загадочен. Тој вели дека никогаш не разговарал со новинари пред да ја контактира Поитрас. „Не знаев ништо за медиумите“, изјави за Гардијан минатото лето. „Бев девствен извор.“ Ова не звучи сосема убедливо: можеби тој никогаш не разговарал со новинари, но се однесуваше исклучително софистицирано, и тогаш и подоцна - тој е многу далеку од типичен „наивен извор“.
Всушност, еден од најмалку коментираните аспекти на случајот Сноуден е дека тој со својот пример, како извор, влијаеше на подобрување на новинарската пракса. Како што е познато, кога Сноуден првпат го контактираше Гринвалд, исистираше овој колумнист да комуницира со него само преку кодирани канали. Гринвалд не го сакаше тоа. Дури подоцна, кога Поитрас му кажала на Гринвалд дека сепак треба да се потруди, го прифати Сноуден како соговорник.
Беше евидентно некое време пред да се појави Сноуден дека најдобрите практики во истражувачкото новинарство и заштитата на сведоците мораат да се сменат - во голема мера поради преминувањето на новинарството (и толку многу аспекти на животот) на дигитални канали. Третиот новинар на кој Сноуден му достави документи од Државната агенција за безбедност (NSA), Бартон Гелман од весникот Вашингтон пост, беше познат во својата редакција по тоа што рано ја усвоил праксата на кодирање. Но тоа беше тешка еволуција, од повеќе причини.
Новинарите многу комуницираат, а кодирањето ја прави таа навика понапорна. Повеќето новинари не поседуваат технички вештини самостојно да донесат одлука за тоа кои практики се најефективни и најефикасни. Исто така, истата дигитална револуција која ја донесе прислушкувањето и изворите како што е Сноуден, ги поремети новинските куќи и нивните модели на работење. Буџетот за обука се намали. Во такво нестабилно опкружување, во економска смисла и во смисла на публика, заштитата на изворот и интегритетот на независното новинарство во некои редакции се спуштија на листата на приоритети.
Сноуден сега даде многу видлив пример како во ситуации на висок ризик кодирањето може, па и во минимална мера, да создаде време и место за независните новинарски одлуки за тоа што да се објави и зошто. Сноуден не бараше неговиот идентитет да се заштити подолго од неколку денови - се чини дека мислеше дека тоа не би успеало повеќе од неколку денови, но сакаше и да ѝ се открие на јавноста. Па сепак, чекорите кои ги презеде за да ги заштити своите податоци и неговите разговори со новинарите им овозможија на Гардијан и Вашингтон пост да ги објават своите први приказни и да го свртат глобалното внимание кон Сноуден.
Беше потребен стручњак одвнатре, кој го ризикуваше својот живот и својата слобода, да покаже колку кодирањето и поврзаните мерки за безбедност се важни. „Немаше опасност дека комуникацијата ќе биде загрозена“, изјави Сноуден за Гардијан, реферирајќи на тоа како постапувал во својот однос со Поитрас и другите пред нивниот состанок во Хонг Конг. „Можеа да ме уништат, но неговото кодирање и другите практики за безбедност на податоците направија воопшто да не биде можно да се пресретне неговата комуникација со новинарите, освен ако новинарите намерно не ја проследат до владата.“
Во менувањето на праксата на независното новинарство, клучно е прашањето колку често и на кои начини владите - нашата и владите на другите земји - систематски и намерно ја прислушкуваат новинарската комуникација. Поради сите овие различни откритија за прислушкувањето, тоа е област во која случајот Сноуден даде најмалку одговори. Се чини дека можеме слободно да го претпоставиме најлошото, но, што се однесува до праксата на американската влада, постојат големи дупки во нашето разбирање. Наредбите на Белата куќа, Патриотскиот закон, Законот за прислушкување на странски агенти, сите можат да бидат основа за прислушкување на новинарите. Па сепак, владата никогаш не ја откри својата политика, ниту историјата на своите конкретни практики по нападот на 11 септември.
Во септември, Новинарскиот одбор за слобода на печатот и повеќе од дваесет медиумски организации го замолија Надзорниот одбор за приватност и граѓански слободи, независно државно тело, да се позанимава со овие прашања и да ги објави во јавност своите наоди. „Програмата за прислушкување поради државна безбедност не смее да се користи за да се заобиколи важната суштинска и процедурална заштита на која новинарите и нивните извори имаат право“, стоеше во нивното писмо. „За овие програми мора јавно да се објавуваат доволно детали, така што новинарите и нивните извори ќе бидат подобро информирани за собирањето и употребата на податоците од нивната комуникација.“
Од аголот на новинар, Сноудените на овој свет се појавуваат често колку и Халеевата комета. Не е можно ефективно и рутиснки да се работи новинарската работа ако работите така што секоја комуникација мора да биде посебно заштитена. Прашањето кои се најдобри новинарски практики и понатаму стои отворено, како и прашањето за заштитата на приватноста во поширока смисла.
Авторот е декан на Школата за новинарство на Универзитетот Колумбија и известува за прашања поврзани со разузнувањето и националната безбедност во САД и во светот.
Извор: The New Yorker