Говорот на омраза предизвикува насилство

29.10.2014 14:36
Говорот на омраза предизвикува насилство

„Некои се геј, кому му е грижа! Борете се против хомофобијата“ – слоган на навивачката група на Вердер Бремен на натпреварот во Бундеслигата со ФК Келн кој заврши 1:0 на домашниот Весер стадион. Фото: Bjørn Giesenbauer, 2010

 

„Новинарот… нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа “ (Кодекс на новинарите на Македонија)

 

ПОТПАЛУВАЧКИ ГОВОР ПРЕД И ПО НАСИЛСТВОТО ВО „ДАМАР“

Написот „SKANDAL: Homoseksualët nesër do të festojnë në Çarshinë e Vjetër, mediat heshtin!“ („СКАНДАЛ: Хомосексуалците утре ќе прослават во Стара чаршија, медиумите молчат“, 22.10.2014, преобјавен од порталот Ilirida - превод на веста на македонски јазик овде) е класичен пример за медиумски говор на омраза врз основа на сексуална ориентација.

Јазикот на хомофобичната омраза е препознатлив уште во првата реченица: „Старата чаршија уште еднаш ќе се извалка од хомосексуалци“. Организирањето настани од страна на организации за „правата на хомосексуалците“ во чаршијата се опишани како „дегенерирачки организирања“.

Непотпишаниот новинар признава дека „станува збор за еден многу дискретен настан“, но сепак објавува информација за местото и за времето каде што тој ќе се одржи. Притоа, го опишува „таквиот чин, во срцето на Скопје, односно Старата чаршија“ како „директна навреда на главниот град на вилаетот, особено за локалното население од албански муслимани, кои немаат такви дегенерирачки традиции.“

Во медиумското скандализирање околу „дискретен настан“ (кој воопшто и не бил најавен во медиумите), како и во потпалувачкиот тон и говор против хомосексуалците, препознатлива е намерата да се мобилизира „локалното население од албански муслимани, кои немаат такви дегенерирачки традиции.“

Откако се случи хомофобичното насилство на 23.10.2014, истите медиуми кои потпалуваа етнички, верски и хомофобични предрасуди и страсти објавија прилог во кој се оправдува насилството. Во прилогот „Demolohet kafeneja Damar në Çarshinë e Shkupit“ („Демолирано кафулето Дамар во скопската чаршија“, преземено од „Vilajeti“ - превод на веста на македонски јазик овде) акцентирано е следното објаснување за гневот на насилниците:

Ова доаѓа како резултат на гневот на овие момчиња, на едно историско место да има кафуле каде што ќе се собираат дилебри (хомосексуалци), тоа претставува директна навреда за муслиманското население, рече еден старец кој пиеше чај и го гледаше натпреварот помеѓу Партизан и Бешикташ.

Очебијно е дека изјавата на граѓанинот за „директната навреда на муслиманското население“ целосно се поклопува со претходно изнесената оценка дека „дискретниот настан“ бил „директна навреда на главниот град на вилаетот, особено за локалното население од албански муслимани“, што е показател за потпалувачко известување кое поттикнува и оправдува насилство.

(НЕ)ЕТИЧКО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА НАСИЛСТВОТО

Најголемиот број медиуми навремено објавија за демолирањето на „Дамар“, но јавниот сервис објави за настанот дури по 17-18 часа (Насилници го демолираа кафулето „Дамар“). Инаку, за насилството врз ЛГБТ лицата во Скопје информираа повеќе познати светски медиуми, како што се „Вашингтон пост“, „Фокс Њуз“, „Индепендент“, „Хафингтон пост“, итн.

Најголемиот дел од медиумите етички коректно известуваа за насилството врз ЛГБТ лицата, а некои го покренаа прашањето за претходните напади и за неуспесите на МВР во справувањето со маскираните хомофобични насилници.

Дел од медиумите во насловите на објавените прилози ги нагласија критичките оценки на жртвите од нападот (Кочо Андоновски: „Неказнување на насилниците значи дека власта ги охрабрува“, Цветковиќ: „Неказнувањето на насилниците е охрабрувачка порака за нив“).

Најсеопфатно покривање на прес-конференцијата на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија има во прилогот „Институциите соучесници во нападот на ЛГБТИ“, кој ја акцентира следнава порака:

Институциите на системот го охрабруваат и се соучесници во насилството против ЛГБТИ Центарот за поддршка со тоа што тенденциозно не ги казнуваат сторителите на ваквите грозоморни чинови.

Дел од медиумите сосема го игнорираа трендот на нерешени полициски случаи на насилство од омраза врз основа на сексуална ориентација, а некои испратија сосема збунувачки пораки. На пример, насловот МВР откри што се случувало во Дамар сугерира дека МВР го расчистило случајот, иако содржината на прилогот е дословен препис на дневниот билтен на МВР, со веќе познатата фраза: „Се преземаат мерки за откривање на сторителите“.

Исто така, во ТВ прилогот „Две лица повредени во инцидент во кафе барот „Дамар“ се испраќа следнава погрешна информација:

Досегашните инциденти кои се случиле во чаршијата се целосно расчистени. МВР потврди дека работи и случајот “Дамар“ да се расчисти во најскоро време.

Оваа информација не ја поминува „проверката на фактите“, затоа што ги игнорира неколкуте случаи на насилство врз ЛГБТ центарот во чаршијата, кои што досега не се расчистени од полицијата. Меѓу сѐ уште нерасчистените случаи од страна на МВР е и каменувањето на ЛГБТ центарот и учесниците на „Недела на гордоста“ (22.06.2013), при кое беше повреден и еден полицаец.

ГОВОР НА ОМРАЗА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Пред поранешните случаи на хомофобично насилство во Скопје бевме сведоци на дезинформирачки или потпалувачки медиумски содржини проследени со коментари во кои се повикува на насилство. На пример, по дезинформирачкиот напис „Од утре почнува Геј парада во Скопје“ сѐ уште можат да се прочитаат два коментари кои директно повикуваат на насилство против „педерите“. И во ТВ прилогот „Повреден полицаец по каменувањето на ЛГБТ центарот“ забележлив е коментар со говор на омраза, каде што жртвите на каменувањето се претставени како „настрани“ и „нездрави“ луѓе, кои „малтретираат“ и кои се одговорни за повредувањето на полицаецот.

Во последниов случај, говорот на омраза кој повикува на насилство беше најзабележлив на социјалната мрежа Фејсбук, во коментарите на страниците на одделни медиуми и новинари.

На пример, на Фејсбук страницата на Вечер под линкот со наслов „Повредена девојка: 30-тина маскирани демолирале на прославата на ЛГБТ“, е објавен коментар „гасна комора за педерите“. Под линкот со наслов „Полицијата сеуште трага по насилниците од „Дамар““ е објавен коментар кој директно повикува на насилство против ЛГБТ лицата („сечење глави на педерите“).

На Фејсбук страницата на новинарот Миленко Неделковски беа објавувани навредувачки и потпалувачки содржини и коментари кои поттикнуваат насилство врз основа на сексуална ориентација („треба сечење глави“). И на Фејсбук страницата на новинарот Јанко Илковски беа објавувени коментари со говор на омраза кој ги оправдува насилниците како „група на прекрасни личности воспитани во духот на христијанството…“.

Сите кои што јавно се претставуваат како новинар(к)и треба да знаат дека „говорот на омразата е неспоив со новинарската етика“ и дека „медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.“ (Прирачник за етиката во новинарството).

Новинар(к)ите воопшто не се исклучени од одговорноста за говорот на омраза кој повикува, поттикнува или оправдува насилство.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).