Промоција на поетската книга „Низ темјанот, еден лилјан“ од Сузана В. Спасовска

29.10.2014 15:24
Промоција на поетската книга „Низ темјанот, еден лилјан“ од Сузана В. Спасовска

На 30.10.2014 (четврток) во Салон 19:19 со почеток во 19:19 часот ќе се одржи промоција на поетската книга „Низ темјанот, еден лилјан“, од Сузана В. Спасовска, објавена во издание на Антолог.

Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега објавила четири стихозбирки – И љубов и заговор (1996, Македонска книга), Смртно писмо (2004, Блесок), Божествена жена (2006, Темплум) и Низ темјанот, еден лилјан (2014, Антолог), а Смртно писмо е објавена и како е-книга. Нејзини песни се застапувани во некои од антологиските избори на современата македонска поезија. Во 2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија Пурпурни извори, во издание на Струшките вечери на поезијата. Од 2004 година е член на новата редакција на книжевното списание Разгледи. Пишувала и објавувала книжевнотеориски текстови во периодиката. Работи како професионален лектор.

Во поетската книга „Низ темјанот, еден лилјан“ од авторката Сузана В. Спасовска, во самото нејзино средиште се опева, а на места дури и се превреднува поставеноста на жената како принцип низ кој се пројавува божественоста. Таа поставеност се огледа низ лирскиот субјект кој проговара низ мноштвото ликови на жената.

Книгата ќе ја промовира проф. д-р Светлана Камџијаш, стихови од книгата ќе интерпретира Арна Шијак, артистка.

Во продолжение, можете да прочитате пет песни од книгата.


ПРОСВЕТЛЕНИЕ

Ќе ти се случи огромен блесок
по кој останува празнина

Ќе доживееш празен ум
ослободен од сеќавања

Со што ќе го исполниш

Ќе ги оправдаш ли неправдите
ќе ти се разјаснат ли недоразбирањата
ќе ги докажеш ли недореченостите
за одеднаш
сѐ јасно да ти стане
сѐ светло да ти биде
и со таа светлина ќе продолжиш ли понатаму
да ги осветлуваш сопствените темни лавиринти


БОЖЈА РАБОТА


Жените не се за Божјите работи,
вели еден мој пријател
ним не им треба тоа
ним само маж им треба
што кога за Бога дознава
на нив заборава

Жените не се за Божјите работи,
ним не им треба тоа
ним само маж им треба
со кого в кревет легнуваат
за да ги видат ѕвездите
и потем на нив да заборават


ПУСТИНСКА ЉУБОВ


Сред пустина ме остави
за природата на огнот да учам
а вкусот на водата да го замислувам

само камилата друшка ми беше

таа од милост низ пустината ме пренесе
до првиот извор, до првата оаза
сѐ дури огнот од очите не почна да ми излегува
сѐ дури главата со светлина не ми се овенча


ОТКРИВАЊЕ НА ЖЕНАТА


Жената е мистерија
најголемата мистерија
првин за себе а потем и за другите
не се знае дали нејзините деца се првите
меѓу најхрабрите
кои тргнуваат во поход по неа
испитувајќи го секој дел од неа
однатре
однадвор

Или можеби тој поход кон неа
веќе го сторил нејзиниот маж
за да ја открие во целост
секоја нејзина површина
секоја нејзина линија
секоја дамка
секоја бемка
и да ја проучи нејзината сенка
секое делче од нејзиниот грб,
од нејзиниот врат
од нејзината рака
од нејзината нога
небаре таа е неговиот аџилак
неговиот пат до Бога


НАЈТЕШКИОТ ПАТ

 

Најтешкиот пат на мажот и за мажот
е да се искачи
или да допатува
до она место
во кое срцето на една жена
чека да биде освоено

Многу јунаци
се откажуваат од тој подвиг
уште пред да се приближат
неговото пространство ги плаши
таа непозната земја
за мажот

Затоа тој секогаш трга во походи нанадвор
тој би сакал да ја освои најголемата жена
во Сончевиот систем
и откако ќе сфати дека таа не се освојува со сила
ја наведнува главата
и неговиот поглед паѓа меѓу градите
каде што срцето на една жена
чека да биде освоено


БАЛАДА ЗА МАЈСТОРОТ НА МОСТОВИ


Сум ти била жена
А ти мајстор на мостови
Учењето за градбата
од многу мајстори пред тебе
си го стекнал
но не си го усовршил


Многу од мостовите ти се рушеле
Си доаѓал навечер нажален
Сум те тешела
Утре мостот ќе држи
Но твоите мостови не држеле
Премногу биле тешки
Гравитацијата ги влечела надолу
Калта, глината, каменот


Требало да се вгради нешто полесно
Нешто прелесно
Пердув можеби
Мисла за возвишеното

Години поминувале
Полека си го учел занаетот

Твоите претходни мостови
Оние помалите
Оние дрвените
Те пренесувале до селската шумичка


Таму си гледал како скока еленот
Со каква леснина го прави тоа
Си одел скришум
си го учел секое негово движење
секој негов скок
Колку лесно скока над водата
Над реката

Си сфатил зошто животните му требаат на човекот
Што од нив може и треба да се научи
Можеби грешка било
што прво си сакал да ги припитомиш
да ги присвоиш
да ги отуѓиш од самите себеси
да ги доближиш до себеси
да ги направиш поблиски до човекот


Си ги носел дома
Засолништа си им правел
за одблиску да им ја гледаш
вештината на скокот

Но тие да скокаат не можеле
Ниту пак знаеле
Како се скока во толку тесно
Како се живее толку неслободно
Толку неприродно


Можеби грешка било што си решил
да направиш шумска куќичка
повторно за одблизу да ги набљудуваш
да станеш дури уште спијат
и да ги фатиш неподготвени
или да бдееш над нив
над секое нивно движење
небаре тие со часови вежбаат за својот скок
без да знаат дека секој нивни скок
е всушност неповторлив
засекогаш запаметен во моментот
а избришан од нивните сеќавања
но затоа зачуван во твоите


Си се преселил сам
Без жена, без деца
за да научиш
како се живее во моментот
како се живее лесно
без товарот на мислата
без товарот на вината
дека скокот е несовршен

Во себе си го замислувал
совршениот скок
на еленот
со него си се поистоветувал
за од него да ја научиш
леснотијата на лакот -
основата за твојот совршен мост