Вангел Божиновски: нанесена е ненадоместлива штета на македонската архитектура со пукањето врз владата

29.10.2014 16:07
Вангел Божиновски: нанесена е ненадоместлива штета за македонската архитектура со пукањето врз владата

Скопје, 29 октомври

Испукувањето на два проектила од сè уште непознато оружје врз недоградената нова фасада на владата, предизвика загриженост и паника во јавноста, но ги вознемири и архитектите, кои сметаат дека е нанесена огромна штета врз културното наследство на Македонија.

„Проектилите забиени во гипсот и стиропорот нанесоа навидум мала, но всушност ненадоместлива штета во ова скапоцено архитектонско здание. Секако дека штетата може да биде санирана со уште поубав и постар стиропор, но оригинал си е оригинал“, изјави архитектот Вангел Божиновски за Пара вести.

Авторот на новата фасада на владата, архитектот Жарко Чаушевски, видно вознемирен, во телефонски разговор со нашите новинари рече дека е штета што ова историско архитектонско наследство се оштетува уште недоградено.

„Нападот во 2007 година не ме вознемири толку, на крајот на краиштата, оштетувањата на стариот објект на владата не се страшни. Но, невиден вандализам е да ја оштетувате новата, уште постара зграда на владата“, рече Чаушевски.

Тој додаде дека сите незадоволници треба да најдат начин да го изразат незадоволството од работата на власта, макар и насилен, но така што нема да ги оштетуваат најважните архитектонски дела.

Неофицијално, дознаваме дека меѓу високите функционери од власта веќе се зборува за заштитување на зградата на владата со противракетен штит кој ќе го контролираат Влатко Ѓорчев, Илија Димовски и Коце Трајановски.

Слика: Свирачиња