Димитар Гешоски (29.10. 1989 - 29.10 2014)

29.10.2014 18:42
Димитар Гешоски (29.10. 1989 - 29.10 2014)

Беше необичен, див, а разумен. Остар на јазик а праведен, арогантен а мек. Сакаше да разговара, но и да биде долго во молчалива осама. Заштитник. За него принципот на солидарност беше алфа и омега. Ученик на прилепската школа на животот и на Ченто. Комплексен во својата едноставност. Ги сакаше актерството и театарот. Ги сакаше Солженицин, Чехов, Кафка, Греам Грин и Достоевски. Не се плашеше и не се снебиваше в лице да каже сè што му е на ум, па колку и да е непријатно да се слушне. Не поднесуваше лицемерие, подаништво и подлизурковци. Ме учеше дека нема ништо пострашно од малограѓанштина и паланечки дух. Тврдеше дека треба постојано да се биде субверзивен и наспроти – тоа е хигиена на духот, велеше. Кај Јоле имаше своја маса, под дрвото, па и кога не доаѓаше, таа стоеше празна. Сега ја нема масата, а на плочата остана запишано: „Впечатлив актер и штедар човекољубец. Му придодаде и втисна на својот позив и на македонскиот дух, белези и својства на самосвојна питомина и финотија. Во високата школа на скопската боемија ја основа Катедрата за елеганција и благородство“. Да беше жив, сигурно жестоко ќе се бореше против стварноста која ни се случува, против привидот на животот кој ни се сервира. Оти тој имаше поинаква визија за животот, за политичкото, за естетското. Кога бев мала, ми пречеа целовечерните сеанси на татко ми, Петре М. Андреевски (побратим негов), Жоро Божиков, Бранко Заревски, Предраг Дишљенковиќ... Сега ми недостигаат... оти гледам дека тие имале сè, а ние ништо. Тие се имале себеси, секој со својата посебност, но во една бујна и креативна заедница. Ние... ние барем да си приспомнуваме на нив...

Извор: Фејсбук профилот на авторката