Германската десница и исламот

31.10.2014 16:02
Германската десница и исламот

 „Денес колат овци и крави, а утре христијани“, се слушна во центарот на Келн на демонстрациите кои ги штитеа полицијата и уставот. Беше тоа собир на пријателите на хаосот и непријателите на демократијата. Нивната цел е „одбрана на Германија“ од салафистите, а всушност од сите муслимани и исламот. Полицискиот синдикат го оцени овој настан како „нов облик на насилство“. Но тоа веќе долго време тлее меѓу нас.

Низ Германија се шири исламофобија и сè подлабоко продира во политиката и медиумите. Омразата произведува насилство: од пролетта 2012 до пролетта 2014 се извршени 78 напади на џамии, а изостана масовна солидарност со муслиманите кои живеат во Германија. Таа омраза сега се излеа на улиците. Во Келн изникна семето на омразата кое исламофобите одамна го посеаја.

Неодамна во издавачката куќа Springer се случи необичен инцидент. Каи Дикман, главниот и одговорен урендик на Билд, повлече еден коментар од неделното издание Bild am Sonntag. Во него пишува: „Дали религијата е пречка за интеграција? Мислам дека тоа не е правило, но е кога станува збор за исламот... Не ни е потребен увезен расизам, ни она за што сега исламот се залага“. Дикман веднаш реагираше: „Во Билд и Axel Springer нема место за паушални и понижувачки изјави за исламот и луѓето кои веруваат во Алах.“

Одлично кажано, но за жал погрешно: Токму Спрингеровиот Die Welt, во кој Дикман не е уредник, стана упориште на германските исламофоби. Дикман пишува за „разликата помеѓу исламот и бруталната идеологија на исламизмот“. Луѓето кои пишуваат за Die Welt сето тоа прилично ги забавува: „Ако сега почнеме да повлекуваме вештачка граница помеѓу исламот и исламизмот, тогаш сè што е лошо нема никаква врска со исламот. Со тоа би дошле до многу интересни резултати, бидејќи во тој случај ни загревањето на земјината атмосфера нема никаква врска со климатските промени, економската криза со капитализмот или Die Linke so SED.“[1]

Овој судир во Springer е само симптом на далеку посериозната појава - германската буржоазија повторно се јави за збор. Време е конечно да раскрстиме со омразениот „хуманизам“. Толеранција? Опасна. Имиграција? Пропадната. Мултикултурализам? Шега.

Борбата против исламот во Германија е мешавина на различни појави: секуларна недоверба кон религијата, бес поради сексизмот во исламските држави, социјален расизам кон религиите на исклучените и вистински расизам кој го отфрла исламот како туѓо тело. На крајот сè се сведува на исто - предрасуди кон сите муслимани. Новата десничарска партија Алтернатива за Германија цвета на ова плодно тло.

Кога Европскиот суд за човекови права одлучуваше за француската забрана за носење бурка, двајца судии дадоа издвоено мислење. Тие сметаат дека во отворените европски општества никој не може да донесе закон со кој ќе ги спречи граѓаните „да се чувствуваат шокирани или испровоцирани поради некој облик на културен или верски идентитет“, кој отстапува од вообичаените норми „туѓи за францускиот или европскиот начин на живот“.

Но секој се бори со своите стравови на свој начин. Насилниот салафист оди кај радикалниот проповедник, а германскиот исламофоб го чита Die Welt или таканаречените авторски блогови како Оска на доброто, кој има посебно брутален и циничен пристап. Една од категориите во менито на овој сајт е и „работи кои немаат никаква врска со исламот“, во која се собираат застрашувачки приказни за силувањата и каменувањето на Блискиот исток.

Дури и да се точни овие приказни, тие не ја претставуваат вистината за исламот. Демагогијата води кон погрешна интерпретација на стварноста. Проблемот е во тоа што веќе сме фатени во таа стапица. Борбата против виновниците е работа на полицијата и тајните служби, но тие во Германија веќе на големо трагаат по супер-салафистот. Штутгартското одделение на германската тајна служба издаде упатство за откривање на непријателот: „Тоа се мажи кои не се држат за рака со жени и носат панталони до колената.“ Па не е салафист секој човек во скратени панталони.

Загриженоста поради крахот на арапскиот свет не смее да доведе до нов расизам. Сведоци сме на болен распад на постколонијалните држави. Меѓутоа, повеќето муслимани живеат во Индонезија, Пакистан, Индија и Бангладеш. Проблемите на арапскиот ислам не се нужно и нивни.

Всушност, злосторствата имаат помала врска со исламот од глупостите на нашата десница со нас.

____________________________________________

[1] Sozialistische Einheitspartei Deutschlands, партија наследничка на Комунистичката партија на источна Германија

Извор: Spiegel, 30.10.2014.

ОкоБоли главаВицФото