Кинеските власти се плашат од „Аватар“

28.01.2010 15:03
avatar_poster.jpg

Во иднина, филмот „Аватар“во Кина ќе може да се гледа само во одбрани кино-сали и во 3D техника. Официјална причина: премалку посетители. Но аналитичарите тврдат дека филмот е хит во Кина. Зошто властите го прогонуваат „Аватар“?

Во Кина има околу 1700 кино центри со вкупно 4000 кино-сали. Во повеќето од нив гледачите можеа да го гледаат најновиот холивудски хит на Џејмс Камерун. И тоа го правеа со задоволство – бидејќи официјални податоци нема, според информациите кои се достапни, „Аватар“ во Кина уште сега е најгледаниот странски филм, и е на добар пат да ги надмине сите рекорди на гледаност, како и во остатокот од светот.

Наспроти ова, кинеските власти го повлекуваат прикажувањето на филмот од најголемиот број кино-сали, а ќе го замени домашниот филм „Конфучиј“ за животот и учењето на големиот филозоф. Образложението за овој потег е деловно: според Жанг Хонгсен, заменик шеф на Националната управа за радио, филм и телевизија, бројот на гледачи е премал и филмот повеќе не се исплаќа комерцијално да се прикажува: „Во кино-салите многу места остануваат празни, и нормално е класичната 2D верзија да се повлече.“ Во помал број кино-сали и понатаму ќе се прикажува 3D верзијата на филмот.

Но ретко кој верува во овие причини. Вистинската причина за протерување на „Аватар“ од кината се чини дека лежи на друго место – во реалните протерувања на вистинските луѓе од денешна Кина. Познатиот колумнист на дневниот весник „Чајна дејли“ Хунг Хуанг смета дека голем број луѓе во земјата се поистоветуваат со народот На’Ви од филмот и дека овде станува збор за вистински социјален феномен. Пред сè, се гледаат сличности со бројните акции на присилно преселување на главно селското население кога се работи за остварување на некои големи градежни потфати – без разлика дали се работи за нови индустриско-трговски комплекси или за енергетски проекти.

Радикален пример за ваква практика е големата брана „Три извори“ на реката Јангце. Таму за потребите на браната насилно беа преместени околу 1 милион и 400 000 луѓе, а токму деновиве беше објавено дека властите планираат да преселат уште 300 000 жители на околните места покрај идното вештачко езеро. Вкупно до 2020 г. сакаат да преселат околу 4 милиони луѓе. А таа брана само е најизразениот случај – постојат уште илјадници слични мали примери ширум земјата.

И сега таму доаѓа филмот „Аватар“ кој се занимава со слична тематика – плановите за преселување еден народ за потребите на ширењето и експлоатацијата од страна на друг. Поистоветувањето со страдањата на На’Ви не чуди, како ни фактот дека на плакатите на некои поголеми демонстрации за време на протестите против присилното преселување веќе се укажуваше на споменатиот филм.

Познатиот кинески блогер Хан Хан на својот блог напиша: „За гледачите од другите земји ваквото брутално протерување на населението е незамисливо. Ваквите нешта можат да се случат само на некоја друга планета или во Кина“. Дури и официјалната кинеска новинска агенција Ксинхуа наведува дека голем број гледачи во филмот препознаваат „социјални проблеми“ од своето секојдневие – уривањето на куќите проследено од присилното иселување на жителите за на нивно место да се изградат нови објекти.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото