Во чија корист е компромисот за Југохром?

03.11.2014 10:07
Во чија корист е компромисот за Југохром?

„Југохром“ мора за две години да ги исполни сите обврски предвидени со законот за животна средина, по што ќе може да добие интегрирана еколошка дозвола за работа. Бројот работници не смее да биде намален под 1100.

 

Преполовување на постојното производство на феролегури со што ќе се намалат испуштањата на штетни материи за 60 – 70 проценти, а во рок од две години треба да бидат исполнети сите еколошки стандарди и услови за добивање „А – интегрирана“ дозвола за работење – ова е компромисната одлука на македонската Влада во врска со случајот „Југохром“, која вчера (01.11.2014 година) ја соопштија нејзиниот потпретседател за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за животна средина Нуран Изаири на заедничката прес конференција во Скопје. Владата вака реши откако пред два дена комбинатот од Јегуновце поднесе ново, второ барање за пролонгирање на рокот за поставување неопходна опрема за спречување на испуштањата значителни количества опасен прав, чад и други состојки од индустриските оџаци. Вицепремиерот Пешевски образложи дека ваквата одлука е „заснована врз оптимална рамнотежа меѓу еколошките, социјалните и економските аргументи“, но и оти „нагласката била ставена на еколошките аспекти“.

„Владата ќе продолжи да инсистира на стратегијата, која ја зацртавме во изминатиот период: почитување на законите, но и водење сметка за интересите на граѓаните и за економските интереси на државата,“ кажа вчера Пешевски.

„Југохром“ ќе мора за две години да ги исполни сите обврски, предвидени со законот за животна средина, по што ќе може да се добие бараната интегрирана еколошка дозвола за работа. Според Пешевски, „од вкупно 29-те активности кои комбинатот ги набележал во својот оперативен план заради добивање 'А – еколошка дозвола', досега биле исполнети 21 активности. Владата преку својот потпретседател вчера напомена дека „се водело сметка и за социјалниот момент – за работниците“: „Без оглед што ќе му биде преполовено производството, 'Југохром' нема да има право да го намали бројот на работници од моментната бројка од 1.250 работно ангажирани лица под 1.100. Ќе може најмногу само 150 работници да ги испрати и тоа на привремени одмори од по шест месеци. По таа половина година и овие лица ќе мора да бидат вратени на нивните работни места. Ако се сопреше целосно работењето на компанијата, сите работници ќе останеа на улица, а регионот ќе станеше економски мртов. Од 'Југохром' директно живеат 1.250 семејства, но и уште 4 илјади други семејства егзистираат индиректно, како кооперанти. И работниците остануваат на своите работни места и се намалува загадувањето.“

Пред неколку дена ресорното министерство и Владата му порачуваа на јегуновскиот комбинат дека ќе мора да престане со работа заклучно со 31 октомври 2014 година, поради големите загадувања на околината, пред сè, на воздухот. Од 2010 година, откако сопственик на „Југохром“ стана руско-украинската холдинг компанија „Камелот груп“, воопшто не беше испочитувана законската обврска навремено да се обезбеди „А –интегрираната еколошка дозвола за работење“. Во големите електропечки во Јегуновце месечно се произведуваат околу 5.500 тони феролегури, но на индустриските оџаци во погоните нема никакви филтри. Од индустриските оџаци во воздухот во околината слободно се испуштаат десетици тони прав, чад, јаглероден моноксид и други гасови, што им го загрозува здравјето на околу десет илјади жители во општина Јегуновце, кои живеат на оддалеченост од само неколку километри од погоните. Националниот план за заштита на амбиенталниот план од 2012 година јасно имаше посочено дека јегуновскиот комбинат е еден од најголемите загадувачи на воздухот во земјата, бидејќи во него испушта прав, односно, таканаречени „суспендирани частички ПМ-10“. Триста луѓе во Македонија годишно умираат како директна последица на загадувањето на воздухот со прав и споменатите честички, кои ги испуштаат најразновидни претпријатија. Аерозагаденоста е директен предизвикувач на болестите на дишните патишта и на срцевоваскуларните болести.

„Југохром“ со план во наредните две години да вложи 10 милиони евра во систем за отпрашување на гасовите

На сопствената веб страница на интернет Југохром објави на 13 октомври годинава свој деловен документ насловен како „Политика на животната средина“, во кој наведува: „Врз основа на барањето од А – интегрираната еколошка дозвола воведен е ’ISO 14001: 2006' - стандардот, кој претставува систем за управување со животната средина. Водечка цел е спречување на негативните влијанија од технолошкиот процес и производите врз животната средина, врз здравјето на вработените и жителите на околните населени места. Ќе бидат набљудувани испуштањата на излезните гасови од печките и на отпадните води.“ „Југохром“ во март годинава најави дека „во наредните две години ќе инвестира околу 10 милиони евра во систем за отпрашување на гасовите“.

ДВ го праша Министерството за животна средина: ако, евентуално, ниту по две години не се испочитуваат стандардите за зачувување на околината и ако конечно сопрат со работа печките во Јегуновце, дали таквото третирање на оваа компанија со „валкана технологија“ ќе биде порака за индустриските компании, било странски, било домашни, дека во иднина ним мора да им бидат важни во исто време и профитот и животната околина во која ќе работат, заради што ќе мора да планираат издатоци за индустриски оџаци и пречистителни станици? „Еколошкото“ министерство одговара: „Сите инсталации кои работат во Македонија мора да се усогласат со законот за животна средина, мора да ги задоволат еколошките стандарди. Во спротивно, ќе бидат затворени. Ако се нови инсталации, нема да можат да почнат со производствениот процес до исполнување на тие стандарди.“

Универзитетскиот професор и поранешен министер за екологија д - р Зоран Шапуриќ се надоврзува: „Би дошло до огромни негативни социоекономски последици, ако се затвори 'Југохром'. Не смее да се дозволи работниците да настрадаат, бидејќи тие немаат никаква вина за оваа состојба. Тие мора да бидат обештетени, ако ги загубат работните места. Обештетувањето мора да го понесе како товар 'Југохром', ако се затвори. Сите кои што газдуваа со 'Југохром' имаа цели десет години да се усогласат со законот за добивање на интегрираните еколошки дозволи, но не го сторија тоа сè до денес. Значи, и покрај продолжувањето на рокот за уште две години за сегашниве сопственици, изгледа како и тие да немаат волја да ги спроведат во дело законските стандарди, кои се европски еколошки директиви. Македонија не смее повеќе да дозволува во неа да се внесуваат и да функционираат 'нечисти, валкани технологии'.“

„Да се истражат причините за зачестената смртност и разновидните болести во општина Јегуновце“

Дојче веле разговараше и со повеќе вработени во комбинатот и месни жители од Јегуновце и другите околни населени места. Тони Коцевски, градоначалникот на оваа селска општина, вели за ДВ: „Ставањето клуч на 'Југохром' е решение поразително од социоекономски аспект за локалната популација. Најдобро е заедничко решение на проблемот меѓу сопствениците на комбинатот и државните органи. Поволно е тоа што се овозможи уште едно пролонгирање на рокот за поставување на неопходната еколошка опрема.“

За разлика од Владата, која ја пројавува својата определеност повеќе за еколошките аспекти, вработените во „Југохром“ како да се принудени, поради острата социоекономска криза и влошувањата на стандардот, повеќе своите очи да ги вперуваат во тоа што имаат дома да јадат отколку во синкавиот, напати и темносив воздух насекаде околу нив, кој ги труе со децении. Вработен во „Југохром“, која бара анонимност поради страв да не остане без работа, вели: „Ако останам на улица, кај ќе најдам нова работа на моиве 46 години? На работа чекав десет години. Сега имаме плати од 200 до 300 евра месечно. Редовно ни се подмируваат и придонесите за здравствено и пензиско осигурување. Некои луѓе можеби умираат од болести, предизвикани поради загадувањето на околината, ама вака сигурно ќе почнеме да умираме и од глад, беда и стресови како да опстанеме со нашите семејства без егзистенција.“

Електроинженер кој пред десеттина години работел во погоните, категорично тврди: „Југохром никогаш и не требаше да проработи. Треба да се истражи зошто толку се зачестени во овие децении разни видови болести во општината. Зошто двапати се прошируваат селските гробишта во Јегуновце, зошто луѓето умираат зачестено и тоа не само од старост? Кога странските компании гледаат дека во одделна држава и во еден регион не се води сметка за здравата животна средина, тогаш тие одат таму и се однесуваат како да се во 'село без кучиња'. Зошто нема претпријатија со ваква и слична 'валкана технологија', на пример, во Норвешка? Зарем ќе дозволиме Македонија да стане како Венецуела, Иран и слични држави, каде што не е важна екологијата?

Неколку жители од Јегуновце и соседното село Раотинце, дополнуваат: „Секодневно живееме со стресови дали фабриката ќе се затвори, или не. Ако ги загубиме работните места, ќе настане катастрофа: луѓето нема да имаат пари за живот и ќе заглават со кредитите кон банките.“

Извор: Deutsche Welle