Ајде, мори, бомбо, ќе пукаш или ќе нѐ заеваваш!

03.11.2014 11:06
Ајде, мори, бомбо, ќе пукаш или ќе нѐ заеваваш!

Можеби оние што в сабота ќе ги читаат овие мудросерини на Тричковски, ќе го знаат бројот на жртвите и износот на политичката корист или штета што ќе ја предизвика бомбата на Заев!? Ако се случи таа толку најавувана експлозија. Од која власта е, наводно, смртно исплашена, а опозицијата обнадежена!

Дали Македонија ќе го добие својот Санадер или тој што му го дал компромитирачкиот материјал на Заев имал на ум дека таа пеколна политичка машина може да експлодира и во рацете на опозицискиот лидер, останува да видиме, но мислам дека целата драма се врти околу тие опции.

Имам сериозни резерви во врска со „бомбастичните“ најави од Бихаќка, но ако некој ме праша дали јас би активирал експлозивна политичка направа што би ги разнела четирите свети букви на Македонците, тие блесави и блескави, самоубиствени илузионизми и сите нивни владини и невладини афилијации, во парампарчиња, одговорот е - да, секако, дури, би сакал на свој трошок да бидам на наплатната рампа на некој австриски автопат на кој полицајците ќе го сопрат нашиот „иво“, македонскиот репрезентативен боксер во перолесна и мува категорија, ќе му чукнат на џамот од комитската чеза и ќе му речат: ире документе, бите!

Како и да е, влегуваме во зоната на атентатите! Доста ни беше од политика! Во таа смисла беа моите резерви, почитувани читатели, оти нас за политика не нѐ бива, ама за атентати...

Иван Крстев се повикува на Росанвалон и заклучува дека општествените судири што го дефинираат политичкиот живот ќе се водат меѓу народот и елитата - не помеѓу левицата и десницата! И дека новата демократија ќе биде демократија на отфрлањето! На решенија и политички фигури.

Можат ли, прашувам јас, за скромните народи каков што е нашиот, да се одреди да исчезнат низ класичните методи на партиско-политичкиот мафиотизам оти на цел свет му е познато дека нема шанси Македонецот да загине во судир со својата елита?! Добро, нема шанси и да преживее, ако на некој повеќе му се допаѓа оваа варијанта!
Нема среќа за нас - тоа беше мојата прва реакција!

Јас верувам во овие проекции. Тие се темелат на анализата на општественото незадоволство, од Вол Стрит до Тахрир и почиваат на констатацијата дека политичкиот процес во неговата класична варијанта е отиден у курац и дека демократијата и институционалната мрежа на која се темелат се во тешка, можеби безизлезна криза. Затоа насекаде јакнат тенденциите кон авторитаризми!

Светот, значи, ќе мора да се подготви за таа продолжена агонија, но Македонецот секогаш бил со елитата дури и тогаш кога бил против неа оти секогаш му се чинело дека може и да ја мрази, ама дека не е паметно да ѝ се спротивставува.

Ние сме дел од тие процеси, макар што секогаш ни се чини дека заостануваме и дека нѐ нема во светските гибања. Нѐ нема во новите артикулации на незадоволството и во потрагата по нови решенија, но во дисквалификациите на политичкиот процес и на демократскиот и правен поредок, на парламентаризмот, на либерализмот и либертијанизмот, тука сме шампиони.

Бомбата на Заев, дури, ја најавува најфантастичната можност, која од нашата слатка вукојебина, која е лидер во сѐ и сешто, може да направи лидер уште во нешто: општествените судири што го дефинираат политичкиот живот, драг мој господине Крстев, да се водат меѓу елитите врз грбот на народот. Тоа ми делува многу помакедонски! Затоа јас сакам тука да викнам, цел свет да ме чуе: ајде, мори, бомбо, ќе пукаш или ќе нѐ заеваваш!?

Недостигот на историски напластувања во граѓанската и културната сфера како кохезивна сила на општеството и платформа за конфликтните предизвици на слободата, особено како кочница за политичките волунтаризми, авантуризми, месијанизми и пљачкаштва, заедно, се разбира, со самата социјална, национална и културна структура на општеството, ми се гледаа како убедлив аргумент за тврдењето дека Македонија нема да биде долгорочно можна во услови на демократија и слободен пазар! Без драматични промени во културниот код. Освен тоа, ми се стори дека во таа смисла неприлагодливата природа на Македонецот, закономерно ќе го води кон тоа да извлекува погрешни заклучоци и да носи погрешни решенија затоа што мислев дека е научен на својата историска егзистенција да гледа како на строго еднодимензионална работа што не дозволува да се гиба, имено, во тој код. Без смисла за новите форми на историската реализација, што станаа актуелни последниве две и пол-три децении, Македонецот ми се гледаше како пацер без минимални познавања на даминиот гамбит што требаше да го игра за да победи во новата партија со историјата!

Можеби тоа што денеска ни се случува е последен рефлекс на општествената свест за тоа, која се изразува преку илузијата дека работите може да се спасат така што ќе се елиминира демократијата и од правниот и институционален поредок ќе се направи вмровска мрежа за инфантилен спас на нацијата, државата и наивните граѓани! Проблемот е во тоа што е речиси сеедно дали ќе ја убиете Македонија со помош на демократијата или така што сосема ќе ја ослободите од предизвиците на демократијата! Таа прво одбиваше да се смени, а кога се смени под власта на вемерето, успеа да се смени точно така како што предвидував: во насока што ја максимализира штетата и го гарантира најлошиот можен исход!

Не сум радосен поради остварувањето на моите прогностички способности! Макар што имам многу причини да ѝ кажам на нацијата и на државата на кои им ја посветив својата кариера: цркнете, пичка ви лепа материна, државата и нацијата што така драматично ги изневеруваат своите верници, заслужуваат да се шутнат од брегот на времето и смислата! Но, сепак, не!

Втората прогноза која така убедливо се остварува, се однесува на СДСМ. Бев рекол неколкупати дека ако Социјалдемократскиот сојуз не се реформира под итно и тоа на строго модернистичка, проевропска и недвосмислено прозападна линија, ќе ги загуби сите шанси да биде субјект на промените и ќе се претвори во објект на тие промени, во партиско-политичко лисје што ќе го однесе виорот на историјата!

Во меѓувреме, тие стигнаа да го сведат своето општествено значење на нивото на некои неформални клубови по скопските кафулиња, меѓу кои со задоволство го истакнувам моето друштво од кафето „Пестициди“! Нашите потенцијали за спас на Македонија се неспоредливи. Имам впечаток дека поголема општествена резонанца имаат временските прогнози во телевизиските дневници, отколку нивните ставови за што и да е! Но, пострашно од тоа е нивната очигледна намера да истраат во таа насока до крај!

Јас на СДСМ гледам како на друштво што тргнало кон некоја цел со возот на историјата, па се симнале во Орешани, да речеме, на мочање и пиво, се запиле и заборавиле дека возот вози и други рибари и дека има свој возен ред!

Ниту една од нивните теми нема никаква општествена релеванција! Кај некои од нив се јавуваат првите знаци на свест за тоа, но и тие реагираат така што измислуваат нови теми, без општествена релеванција и резонанца! Кои се нивните теми? Дали ќе се врати Бранко?! Дали пратениците ќе се вратат во таканареченото Собрание?! Дали Заев ќе ја задржи позицијата пред притисоците на бранковистите!? Што ќе донесе бомбата на Заев?! Дали е здрава храната за сиромашните?! Со други зборови, тие се друштво што прета во живата песок на квазидемократијата и по таа линија не е без влијание на општата ситуација. Но, само по таа!

Не ми се верува дека бомбата на Заев може трајно да го рехабилитира СДСМ, дури и да ги убие сите вмровци! Нашиот проблем е смената на власта, но ако некој мисли дека тоа е сѐ - ние сме наебале! Затоа ние од кафето „Пестициди“ се залагаме за културни зафати, за филозофски односно интервенции во саморазбирањето, да има нешто кратерот да се пополни, да не правиме само дупки оти од дупки ни е доста, ние самите сме една голема дупка, дајте некој тампон, асфалт, павер, лепешка...

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат