Проект на МОН: Размена на македонски и ескимски ученици

04.11.2014 09:39
Проект на МОН: Размена на македонски и ескимски ученици

Скопје, 4 ноември 2014

Проблемите со греење во неколку македонски училишта доведоа до плодна соработка со повеќе основни училишта од Гренланд и Алјаска, со кои е организирана размена на ученици.

Во рамки на проектот „Минус десет“ предвидено е учениците од Македонија да ги поминат најстудените месеци од годината во училиштата на Ескимите, додека учениците Ескими во истиот период ќе престојуваат во Македонија.

„Проблемите со греењето се одлична можност да воспоставиме поблиска врска со оваа за нас релативно непозната култура. Децата во основните училишта во кои нема греење се навикнати на студот и нема да имаат проблеми во северните краишта, а ќе запознаат една нова цивилизација. Од друга страна, и ескимските основци ќе се чувствуваат како дома. Иако до сега сме немале многу контакти, ние на некој начин сме браќа по температура“, објаснува Абдилаќим Адеми, министер за образование и наука.

На крајот од размената, стекнатото знаење на учениците ќе биде проверено преку екстерно тестирање, спроведено од комисија пингвини специјално ангажирани за таа цел. Учениците кои нема да ја поминат проверката ќе бидат испратени на дополнителни часови на крајниот исток на Сибир.

„Размената на искуства со други земји и култури е драгоцена. Ако проектот се покаже како успешен, не е исклучена опцијата да се остават без греење повеќе други основни училишта“, рече Спиро Ристовски, заменикот на Адеми.

Тој додаде дека уште еден позитивен ефект од проектот може да биде навикнувањето на македонските деца на екстремен студ, што би довело во порационално користење на паричните средства кои сега се издвојуваат за загревање на училиштата.

За сега, во проектот се вклучени основните училишта „Ѕивра“ и „Мразулец“ од Кичево, „Полар“ од Струга и „Снегулка“ од Скопје.