Нечуениот говор на ректорот

04.11.2014 09:56
Нечуениот говор на ректорот

Ние се обративме до Министерството да ни го достави предлогот во писмена форма, штом ќе го добиеме ќе дебатираме заедно со сите засегнати органи. Не можеме да дадеме мислење за нешто што не сме го виделе. Ова им го кажа Велимир Стојковски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на студентите што под неговиот прозорец протестираа против планот на Владата да им воведе екстерен тест (државен испит) од кој ќе зависи дали тие ќе останат или ќе мора да го напуштат факултетот, откако завршиле четири години!

Тажно е кога кој било универзитетски професор вака „разговара“ за клучни проблеми на студентите, кога вака ги брани од закана што може да биде пресудна не само за нивното студирање, туку и за нивната иднина, а тешко може да се објасни колку е очајно кога човек со такви ставови и сфаќања ја води најстарата и најреномирана високообразовна институција во државата, и тоа во два мандата. Ректорот е единствениот што ниту видел што предлага министерот за образование, ниту слушнал што зборува премиерот. Наместо тие да ги слушаат и да гледаат како да ги спроведат неговите, односно предлозите на професорите.

Но, тој не мисли, а и не е поставен таму за да мисли на студентите, на автономијата, на улогата на универзитетот во општеството. Стојковски знае дека во вакви моменти најважно што треба да прави е да чека власта да му го достави НЕГОВОТО мислење, сеедно дали во писмена или во некоја друга форма. Сепак, и ваков, ректорот може да им биде пример на студентите. Лош пример.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња