Социјализмот е нужен, ако го сакаме

04.11.2014 09:53
Социјализмот е нужен, ако го сакаме

Прашањето за еден нов социјализам, наспроти јаловоста на актуелниот капиталистички „развој“, полека се пробива во свеста на луѓето. А, тоа тогаш значи и враќање на многу општествени проблеми за кои веќе многупати сме размислувале, но биле „решени“ на тој начин што насилно биле тргнати од хоризонтот на општествената проблематика. Белки потиснатото нема „самото“ да се врати. Притоа, не мислиме само на економијата, таа посебна наука, која со право би била во центарот на интересите кога би биле свесни дека оној што зборува за парите како пример, зборува речиси за сè, свесно и несвесно, за општествените, па и за државните односи. Мислиме на многу проблеми од филозофскиот, научниот и секојдневниот живот, како тие се прекршуваат и во економијата, а значително влијаат на нашите ставови наспроти општествените организации од една и тоталитетот на човечкиот живот од „друга“ страна.

Да земеме само еден само навидум апстрактен проблем како што е филозофското втемелување на одредени науки и веднаш ќе се соочиме со карпи и гасови (зависи како си ги претставуваме различните материјализми, односно идеализми) на мноштво, често и меѓусебно исклучувачки, погледи на светот. Во времето кое од модерно ретерираше кон проста „неутрална“ современост, таквите застарени прашања – па и заради „реформата“ на образованието која е во тек и оние веќе спроведените во медиумите – сè поретко се поставуваат. Значи, нашето време можеби повторно е наклонето кон социјализмот, затоа што сè повеќе луѓе согледуваат дека ова нема да трае уште долго. Но, нашето време и, се надеваме привремено, не е наклонето кон филозофијата. А, без филозофија која би можела да се „реализира“, нема автентичен социјализам. Да ја земеме, на пример, смислата на поимот хуманизам, кој не многу одамна беше лајтмотив на многу академски говори, дека тој предизвика, исто така академска противреакција во форма на теоретски антихуманизам. Денес, овие теми – хуманизмот и антихуманизмот подеднакво – исчезнаа од повеќето научни хоризонти, заедно со другите големи долготрајни прашања на хуманистиката, која насекаде (про)паѓа како прва жртва на „мерките за штедење“ на универзитетите. Додека, во медиумите ја замени одвратниот морализам.

Па, од каде тогаш младите да научат како може да се зборува за хуманизмот и филозофијата, барем на три начини, како што пишуваше белградскиот праксисовец и српски академик Михајло Марковиќ, пред да стане идеолог на Милошевиќ (и тоа како деснолиберален антикомунист, а не како марксист, како што беше претходно!). Како што вели Марковиќ, прво, постои збир од филозофски проблеми за кои велиме дека се хуманистички. Тоа се проблеми за утврдување на суштината на човекот, неговата егзистенција и слобода, смислата на неговиот живот, оценка за општествената реалност во која живее, критика на современата култура и перспектива на иднината. Второ, постои и хуманистичката ориентација како нешто пошироко од оваа хуманистичка проблематика. Тоа во филозофијата значи дека проблемите на човекот не се третираат како нешто одвоено и различно од проблемите на битието, мислењето, јазикот итн., туку сите тие се согледуваат во една одредена перспектива. Да се каже за некоја филозофија дека е хуманистички ориентирана значи дека зборуваме за општа филозофска теорија или поглед на светот, во која како појдовна точка е земен човекот и сите проблеми се решаваат во однос на него. Но, покрај овие два, терминот хуманизам може да има и трето значење. Кога зборуваме за хуманистичка активност на одредени писатели, уметници и филозофи, тој поим веќе нема дескриптивен или класификациски карактер. Тој сега станува вредносен суд и го употребуваме за да изразиме наш идејно емотивен став, да изразиме оценка за ставовите на другите од наш аспект. Во оваа трета смисла можеме да зборуваме и за социјалистички хуманизам!

За праксисовците кои одат по стапките на Марковиќ, марксизмот е хуманизам во сите три наведени смисли. Филозофијата која претендира да го менува светот, а тоа значи пред сè човечкото општество, мора да се занимава со условите на тоа менување. Критичарите на марксизмот, а нив ги има откако го има и ова, сакаат да докажат дека тој е нехумана и неморална филозофија. Аргументацијата може да оди во насока дека тој воопшто нема некаква концепција за човекот, затоа што знае само за капиталисти и пролетери, феудалци и кметови, робовладетели и робови. Но, не постои човек воопшто, како што ни материјата не постои воопшто, па ни капиталистот и пролетерот. Општото не можеме да го земеме како ентитет одвоен од посебните манифестации. Ако, пак, под општо сакаме да ги разбереме инваријантните карактеристики кои се повторуваат со текот на времето во различни специфични облици, тогаш можеме да зборуваме, на пример, и за општа марксистичка антропологија. Маркс ги разликувал постојаните човечки нагони, кои постојат во сите услови, од релативните нагони, кои се условени со одреден вид општествена организација. Спротивставувајќи му се на утилитаризмот на Бентам, тој во „Капиталот“ вели: „Оној што сака да ги критикува сите човечки акции, движења, односи итн., од аспект на принципот на корисност, мора прво да се занимава со човечката природа воопшто, а потоа со човечката природа модификувана во секоја историска епоха.“

Ако се согласиме со тезата дека во рамки на марксистичката филозофија во споменатата смисла може да се зборува и за човекот воопшто и ако веруваме дека човекот во својата суштина е активно и релативно слободно битие кое, во најмала рака, избира помеѓу различни, па и историски можности на своето дејствување (а чии рамки се одредени со општествените законитости на даденото време), дадени ни се сите теоретски можности за дискутирање на сите останати хуманистички проблеми. Да се сетиме само на некои од големите проблеми на загрозената хуманистика денес: односот помеѓу поединците и општеството, реалноста и идеалите, науката и човечките односи, конформизмот и волунтаризмот, рационалноста и спонтаноста, револуциите и моралот, перспективите на уметноста и, не најпосле, смислата на животот.

Значи, хуманистичките проблеми во современоста бараат филозофски метод, а таквиот метод кој ги задоволува сите овие барања е веќе пронајден и се вика дијалектика. Критичноста кон постоечката реалност и тенденцијата таа да се промени се значајни карактеристики на автентичниот марксизам. „Апологетскиот и догматскиот марксизам“, кои можат да постојат и постоеле, сепак се, токму во дијалектичка смисла, апсурдни изрази, затоа што апологетската и догматска доктрина не можат да бидат во духот на мислите на Маркс.

Ако е точно нашето почетно тврдење дека прашањето за еден нов социјализам, наспроти јаловоста на ваквиот капиталистички „развој“, полека пробива во свеста на луѓето, тогаш се соочува со критичко и дијалектичко „втемелување“ на нашата сопствена егзистенција, за која уште од Кант тврди дека ако можеме да направиме нешто добро, тогаш тоа и треба да го направиме. За нас социјализмот станува нужен, ако го сакаме.

Извор: http://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото