Најголемата левичарска сензација ја тресе Шпанија

04.11.2014 16:08
Најголемата левичарска сензација ја тресе Шпанија

Речиси незамисливи вести доаѓаат од Шпанија: додека значителен дел од Европа се врти кон реакционерната десница, овде незапирливо зајакнува нова партија од левицата. Партијата Подемос („Ние можеме“) е основана пред помалку од една година, во јануари годинава, но денес - според последните анкети - е најголема политичка сила во земјата. До парламентарните избори останува само уште една година - ова без сомнение се вести кои темелно ќе го потресат шпанскиот естаблишмент и двопартискиот систем кој доминира во земјата откако Шпанија се врати кон демократијата во 70-тите години по крајот на фашистичката диктатура на Франко.

Претставниците на партијата се млади луѓе кои не се воздржуваат јасно и гласно да ги истакнат своите „анти-естаблишмент“ ставови, модерни левичарски идеали и отворениот отпор кон темелите на системот кој овозможи последниве години финансиската криза во Шпанија да се претвори во катастрофа од која најмногу се погодени работниците, особено младите работници.

Растот е фасцинантен и вистинска европска сензација, доволно е за почеток да се погледне графиконот на кој се гледа растот на популарноста на партијата Подемос (означена со темновиолетова боја):

Зборуваме за незапирлив нагол раст кој со причина деновиве предизвикува паника во редовите на десниот и левиот центар, значи, оската на т.н. „двопартиски систем“ каде со децении на власт се менуваат речиси едните исти политички партии, исти луѓе и со иста темелна економска идеологија (приказна позната во многу земји во Европа).

Партијата на некој начин настана од протестното движење „Индигнадоси“, кое уште пред три години повика на нов политички модел, а во земјата се организираа масовни протести на кои често се собираа и десетици, па и стотици илјади луѓе. Оние кои тогаш, по малку цинично и злонамерно, тврдеа дека овие млади луѓе не се доволно „артикулирани“, дека не се во состојба „да дејствуваат политички“, дека сакаат да го заменат системот со „улица“, сега пред себе го имаат Подемос и устите им се затворени.

Дневниот весник El Pais денес објави нови анкети. Ваквите резултати пред 11 месеци никој не можеше да ги предвиди, но тие се тука. Кога изборите би се одржале денес, 27,7% од испитаниците би го дале својот глас за Подемос, за незгодните социјалдемократи би гласале 26,2%, додека владејачкиот десен центар, Народната партија, би добила 20,7% од гласовите.

„Политички потрес“ - стои како наслов на текстот во весникот El Pais до објавената нова анкета. Навистина, ваков потрес не се случува често, особено не во една Шпанија. Секако, нема сомнеж дека кризата послужи како катализатор за Подемос.

Партијата ја предводи 36-годишниот професор по политички науки, Пабло Иглесијас. Кога денес би имало избори, овој човек најверојатно би завршил како нов лидер на Шпанија.

Пред три години, десниот центар, Народната партија која ја предводи премиерот Маријано Рахој, освои апсолутно мнозинство, што ѝ овозможи да спроведе низа непопуларни мерки, наводно со цел обнова на економијата.

Рахој се надева дека економијата ќе почне да расте оваа година и дека тоа ќе им овозможи повторно да победат на изборите во 2015. Но, големо закрепнување на хоризонтот нема, здравството и образованието сè уште трпат поради длабоките резови, а невработеноста во земјата и понатаму е околу 24% и се очекува дека нема да се промени уште неколку години.

Ако на сето тоа се додадат и бројните корупциски скандали во кои се вмешани политиката и бизнисот, донекаде е разбирливо зошто толку многу расте популарноста на Подемос.

Интересен е и делот од анкетата според кој дури 91% од испитаниците сметаат дека политичката состојба во земјата е „лоша“ или „многу лоша“, а 81% не ја поддржуваат политиката на премиерот Рахој.

Зошто Подемос е толку популарен? Едноставно е - заговараат национализација на водечките компании во Шпанија. Во последно време донекаде сепак го ублажија својот став, па така сега наведуваат дека ќе бараат национализација на оние компании кои „нема да ја исполнуваат својата социјална должност“.

Да се осврнеме на уште некои основни точки на политиката која ја заговара Подемос:

-Закрепнување на економијата преку јавна контрола
-Основен приход за секој жител со цел намалување на сиромаштијата и зајакнување на општественото достоинство
-Контрола на лобирањето
-Спречување на избегнувањето на плаќање данок на големите корпорации
-Унапредување на слободата и еднаквоста на луѓето, со соработка и уривање на бариерите ширум Европа
-Редефинирање на државноста (суверенитетот) и отповикување или ограничување на Лисабонскиот договор
-Откажување или повлекување од некои договори, како на пример оној за слободна трговија
-Организирање референдум за сите поважни уставни реформи
-Обнова на земјиштето, намалување на потрошувачката на фосилни горива и поттикнување на јавниот превоз
-Намалување на индустриското земјоделство и поттикнување на домашното производство на храна од страна на малите и средните претприемачи

Извор: advance.hr

ОкоБоли главаВицФото