За скржавоста

05.11.2014 11:40
За скржавоста

Алчноста е булимична, скржавоста е анорексична, можеби највисока форма на анорексија. Или, со други зборови, скржавоста ја доведува алчноста до нејзината развиена форма.

Другите грешници ја создаваат заедницата, скржавците не, скржавецот е секој сам за себе, везден е сам, не се дружи со други скржавци за со нив да ги размени искуствата во однос на своите уживања. Гревовите, општо, социјализираат, поврзуваат, создаваат солидарност. Поубаво е да се греши заедно, гревот општо е општествена работа и ако грешиш сигурно ќе сретнеш многу повеќе луѓе отколку ако живееш крепосно. Дотолку, гревовите дури ја привикуваат организацијата - од играчниците и јавните куќи до мафијата, криумчарењето, дилањето дрога и порнографијата. Секој грев бара специјализирана институција и често тие институции според својата разгранетост и комплексност ги удвојуваат оние другите, „вистинските“ институции, како општественоста да се огледа во своето грешно друго како во свое огледало. И можеби е тоа непризнаено општествено врзно ткиво, заедницата на грешниците, нешто што потајум го држи исправено признатото и официјалното врзно ткиво кои би можело од такво едно упориште сериозно да се разниша...


...Така на едната страна го имаме романтичното, бунтовничкото и трансгресивното лице на желбата, а на другата сосема неромантичното, дури гнасното: а второто е веројатно вистината за првото. Би можеле да речеме: развратот заведува, а тоа би можеле да го земеме како општо упатство, мото (едно од мотата) на психоанализата. Со развратот секогаш е можно некакво помирување. Најпосле, општата претстава за пансексуализмот, што наводно го пропагира психоанализата, во само неколку десетлетија од табуизирана тема премина во гесло на сексуалната револуција и послужи за поставување нови норми (на пример, „кој не ужива, тој е против нас“), уште позадушувачки од претходните. Идејата дека човек несвесно не сака ништо повеќе отколку - нема да верувате - да го убие таткото и да спие со мајката, од шокантна хипотеза брзо премина во општата психологија на колумнистичките совети што ги делат различни agony aunts. Наспроти тоа, треба да истраеме на тоа дека за психоанализата вистината на желбата е на страната на скржавоста, а не на развратот. На страната е на таа сосема неромантична страна на желбата. Никаква разузданост, само дисциплина и пребројување на парите.

... (кај скржавецот) Тиранијата на светот над желбата се преобразува во тиранија на желбата над светот. Субјектот, кој сосема ги сузбил своите патолошки стремежи во име на алчноста по апсолутниот објект, така се покажува како најлош тиранин што не попушта - во однос на својата желба? Можеби станува збор за точката каде што „апсолутното попуштање на својата желба“ ја презема формата на својата спротивност и се покажува како „непопуштање во однос на својата желба“, точка на неразлачивост во којашто економијата на желбата доаѓа до својата вистина. Природата на желбата, која тука се покажува, не е онаа слика на желбата како постојано бегство, хистеричната желба, која при секој објект искусува дека тој не е вистинскиот, дека не постои објект по мера на желбата, слика на објектот како „ласица“ (le furet) итн. Наспроти тоа, тука желбата е како урочена, фиксирана, скржавецот прецизно знае што сака. Скржавецот е суштество на извесноста, не е колебливец и сомничавец, каков што е опсесивниот невротик, не бега од објект на објект како хистерикот. Ако едната страна на желбата се покажува како непостојана, ако преминува од објект на објект, хистерично неизвесна во однос на тоа што всушност сака (а опсесијата е само дијалект на хистеријата, вели Фројд), тогаш нејзината опачина, наспроти тоа, е страна на апсолутната фиксација, и оттаму деспотска, немилосрдна, неумолива и кон себе и кон другите, бандитска (harpo) и убиствена. Тоа е можеби другото лице на секоја желба, она коешто е толку одбивно што не сакаме да го гледаме одблиску. Желба во чист, развиен, до екстрем доведен облик, за што невообичаено сведочи веќе етимологијата. Францускиот збор avare (англиски avaricious, avarice доаѓа од францускиот) произлегува од латинското aveo avere - „мошне да се посакува, да се копнее по нешто“. И германското Geiz, geizig произлегува од индогерманското gheidh - снажно да се посакува. Словенските, пак, јазици ја сочувале среќната врска помеѓу скржавоста и шкопењето. Накусо, во скржавоста се поклопуваат желбата и кастрацијата. Јазикот тука, како што гледаме, не бил скржав со индикациите.

(И македонскиот јазик ја сочувал среќната и индикативна врска помеѓу скржавоста и ушкопеноста. Етимолошкиот речник вели дека словенечкиот збор скоп (шкрт, скржав) најверојатно е сроден со македонскиот збор скопец (на словенечки: скопљенец!); првобитното значење на скоп е: подрежан, закинат. Шкопење, пак, доаѓа од индоевропскиот корен ска-, скеп-, да се обработува со остро орудие, да се реже. Слична значењска конотација има и зборот шкрт, скржав. Можеби и името на градот Скопје има некаква врска со ова?! /заб. прев./)

...Скржавецот самиот себе се гледа како the man who knew too much, кој го знае она што останатите не се осмелуваат да го знаат. И тука е понатамошната разлика со зависта, предноста на скржавоста пред зависта: завидникот секогаш умислува дека постои уживање на другиот кое не му е достапно - кога би го имал она што го има другиот, би можел да ја задоволи желбата. Во зависта е вградена конститутивната илузија дека постои недостапното место на уживање на Другиот. Скржавецот не завидува - неговата драма токму е во тоа што точно знае што сака и што не завидува. Целата драма се одвива во односот помеѓу него и апсолутниот објект; другиот е aufgehoben, неговата желба како веќе да не е желба на другиот. Зависта е до крај доведената консеквенца на формулата дека желбата е желбата на другиот, а скржавоста таа формула ја преобразува во чист однос на желбата спрема објектот.

А можеби помеѓу љубовта што дава и љубовта што зема сепак опстојува врска. Дали навистина љубовта што дава е таква за да не зема? Дека дава без еквивалент? Што е тоа во љубовта како давање што може другиот да го рани, осакати, злоупотреби, уништи? („Те сакам, но затоа што необјасниво сакам во тебе нешто што е повеќе од тебе... те осакатувам“, Лакан). Каде е точката каде што безграничното давање изискува, да речеме, безгранично присвојување? Можеби цртата помеѓу едното и другото е тенка, мошне тенка, некоја сосема деликатна и фрагилна граница. Шајлок, млетачкиот трговец, млетачкиот Евреин, млетачкиот скржавец и лихвар, во одредена точка му ја дава раката на Отело, млетачкиот Мавар. Евреин и Мавар, обајцата во Серенисима.

Слики: Ерик Вајт
Превод: П. В.
Извор: Mladen Dolar, O skoposti in o nekaterih z njo povezanih rečeh: tema in variacije, 2002

ОкоБоли главаВицФото