Реформите продолжуваат – фирмите секој месец ќе треба да купуваат нова фискална касa

05.11.2014 13:55
Реформите продолжуваат – фирмите секој месец ќе треба да купуваат нова фискална кас

Скопје, 5 ноември

Владата е неуморна, економските реформи продолжуваат со несмалено темпо! Доказ за тоа се најновите законски измени со кои на фирмите ќе им биде наложено секој месец да купуваат нова фискална каса.

„Знаете, во склоп на реформскиот процес, мислевме и размислувавме кој е начинот за да им овозможиме на бизнисите да се чувствуваат свежо и реформски, како да направиме секој месец да внесуваат новини во работата. И токму тогаш ни текна да ја воведеме оваа новина. Се работи за уникатен изум кој го нема никаде на светов, што значи повторно ќе бидеме лидери! Имено, воедуваме законски измени со кои фирмите секој месец ќе треба да купуваат нова фискална каса“, се пофали министерот за финансии Зоран Ставрески.

Како што кажа тој, оваа реформа ќе донесе многу придобивки за фирмите.

„Прво и многу важно – фискалните касни ќе бидат во различни бои и дизајни, во чекор со месецот и сезоната, што значи дека ќе бидат убави за око. Еве сега, тие што ќе бидат за декември ќе бидат во новогодишен дизајн, тие за јануари во божиќен и така натаму… И второ и исто така навистина важно – со купувањето на касите ќе овозможиме да се вртат парите, а не бизнисмените да ги чуваат под перница. И тоа парите ќе се вртат низ целиот свет, бидејќи фирмата која ќе ги носи е од прекрасното Белизе, а правилото нè учи дека – од прекрасно место доаѓаат и прекрасни производи, во случајов прекрасни фискални каси, за прекрасните македонски фирми“, потенцираше министерот.

Како што кажа тој, цените ќе бидат навистина прифатливи и ќе почнуваат од 500 евра па нагоре, во зависност од убавината на касата.

Оваа нова реформа веќе беше поздравена од стопанските комори како и од бројни бизнисмени кои, како што напоменаа, се воодушевуваат од реформските зафати на владата.

Извор: kozanostra.net