За некои поими на Лакановата психоанализа

06.11.2014 02:10
За некои поими на Лакановата психоанализа

(Фрагменти)

 

Бидејќи егото се формира со идентификација со двојникот или огледалската слика, идентификацијата е битен аспект на имагинарниот поредок. Егото и двојникот формираат прототипска двојна врска и се заменливи. Врската со која егото се конституира преку идентификација со малиот друг (мало а) значи дека и егото и самиот имагинарен поредок се места на радикално отуѓување; „отуѓувањето е конститутивно за имагинарниот поредок“. Двојната врска помеѓу егото и двојникот е фундаментално нарцистичка, а нарцизмот е уште една карактеристика на имагинарниот поредок. Нарцизмот секогаш е проследен со одредена агресивност. Имагинарното е подрачје на слики и фантазии, обмана и мамење. Главните илузии на имагинарното се целината, синтезата, автономијата, дуалноста и, над сè, сличноста. Затоа имагинарниот поредок е појава на површината која се состои од феномени кои ја кријат структурата што лежи во основата, кои мамат, но коишто можат да се видат; афектите се такви феномени.

(...)

А сепак, и имагинарното е структурирано од симболичкиот поредок. Во разгледувањето на стадиумот огледало од 1949 година Лакан зборува за односите во имагинарниот простор (го употребува изразот „имагинарна матрица“), што имплицира симболичко структурирање на тој простор. Во 1964 тој го разгледува начинот на кој визуелното поле е структурирано со симболичките закони.

Имагинарното ја вклучува и лингвистичката димензија. Додека означителот е основа на симболичкиот поредок, означеното и значењето се дел од имагинарниот поредок. Затоа јазикот поседува и симболичен и имагинарен аспект; во својот имагинарен аспект, јазикот е „јазичен ѕид“ кој го превртува и искривува дискурсот на Другиот.

(...)

Лакан негува картезијански сомнеж спрема фантазијата како когнитивно орудие. Тој инсистира, како Декарт, на супремацијата на чистиот интелект без зависноста од слики, како единствен начин за достигнување некакво знаење. Тоа е позадината на неговата употреба на тополошки фигури, кои не можат да се претстават во фантазијата, поради истражување на структурата на несвесното. Лакан ги обвинувал големите психоаналитичарски школи во негово време дека ја сведуваат психоанализата на имагинарен поредок: овие психоаналитичари за цел на психоанализата ја поставиле идентификацијата со аналитичарот а анализата ја редуцирале на двојната врска. Лакан ова го гледа како потполно предавство на психоанализата, девијација која само придонесува за поголема отуѓеност на субјектот. Против таквиот имагинарен редукционизам, Лакан изнесува дека суштината на психоанализата се состои во употребата на симболичкото. Затоа единствениот начин аналитичарот да го искористи имагинарното е да ги трансформира сликите во зборови, баш како што Фројд се однесува кон сонот како кон ребус: „Имагинарното е дешифриво само ако се претвори во симболи.“ Оваа употреба на симболичкото е единствениот начин за аналитичкиот процес на „преминување на нивото на идентификација“.

(...)

Одвојувањето на бебето од мајката е почетокот на „културата“, на симболичкиот свет. Тоа одвојување создава Загуба, и тој трагички момент е вграден во психоаналитичката теорија. Бебето кое не поминало низ ова раздвојување, кое има само потреби што можат да бидат задоволени, и кое не прави разлика меѓу себе и објектите што му ги задоволуваат потребите - постои, според Лакан, во подрачјето на Реалното. Реалното е место (психичко „место“, не физичко), кајшто се наоѓа изворното единство. Реалното е потполност и целовитост, каде што не постои потреба што не може да биде задоволена. И поради тоа што таму не постои ништо отсутно или загуба или недостаток, во Реалното не постои ни јазик.

(...)

Но, интересно е што, според Лакан, нашето сопство всушност е имагинарно, мамка. Тоа се главните тези на неговиот славен „стадиум огледало“. Детето смета дека одразот во огледало е неговото целокупно битие, неговото „сопство“. Овој процес на погрешното препознавање на себе во огледалниот лик го создава Егото, стварта која вели „Јас“. Зборувајќи со јазикот на Лакан, ова погрешно препознавање на субјектот му создава „оклоп“, илузија или погрешно гледање на целината; тоа е илузија на обединетост и тоталитет. За Лакан, егото или сопството, или идентитетот „Јас“ на некое ниво секогаш е Фантазија, идентификација со надворешна слика, а не внатрешно чувство на посебен, целовит идентитет. Поради тоа Лакан фазата на барањето (demand) и стадиумот огледало ги нарекува подрачје на Имагинарното. Идејата на сопството се создава низ имагинарната идентификација со ликот во огледало. Имагинарното е подрачје во коешто настанува и се одржува отуѓениот однос помеѓу сопството и неговиот лик. Имагинарното е подрачје на сликите, свесни и несвесни. Тоа е предлингвистичко, предедипално подрачје, но претежно е засновано на визуелна пеерцепција, т.е. на „огледалните слики“.

А за самото „сопство“ Лакан вели деа тоа всушност е „друго“. Идејата на сопството, внатрешното битие кое го означуваме со „Јас“ заснована е врз лик, врз „друг“. Концептот на сопството се потпира врз нашата погрешна идентификација со ликот/сликата на другиот.

(...)

Всушност, на ова поле лежат можеби клучните разлики меѓу Фројд и Лакан. Фројд се надевал дека со пренос на содржината од несвесното во свесното ќе може да ги намали репресијата и неврозата. Тој ја дава славната изјава за односот меѓу свесното и несвесното, велејќи: Wo Es war, soll Ich werden. Каде што било Она, треба да биде Јас. Со други зборови, „она“ (или ид, несвесно) ќе биде заменето со „јаство“, со свесен и сопствен идентитет. Целта на Фројд била да го оснажи егото, Јас, свесниот/рационалниот идентитет, за тој да биде посилен од несвесното.

За Лакан тој проект е неизведлив. Егото никогаш не може да го заземе местото на несвесното, или да го испразни или да го контролира, затоа што егото (Јас) е само илузија, производ на самото несвесно. А несвесното е темел на целото битие.

Слики: Paco Pomet
Извор: Dylan Evans, An Introductory Dictionary of Lacanian Psychoanalysis, 1996

Слични содржини

Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото