Време на ранливост

06.11.2014 11:05
Време на ранливост

Две нови истреажувања повторно покажуваат колку е сериозен проблемот со нееднаквоста која ги измачува САД. Прво, годишниот извештај на американскиот Завод за статистика за приходите и сиромаштијата покажува дека, наспроти наводното економско закрепнување од Големата рецесија, приходите на обичните Американци сè уште стагнираат. Медијалниот приход на домаќинствата, усогласен со инфлацијата, сè уште е помал од пред дваесет и пет години.

Некогаш се веруваше дека најголемата предност на Америка не е нејзината воена сила, туку економскиот систем на кој ни завидуваше целиот свет. Но, зошто другите би имитирале економски систем каде голем број – односно повеќето – жители гледаат како приходите им стагнираат додека заработката на оние на врвот скокнала до небо?

Второто истражување, Извештајот за општествениот развој 2014 на Програмата за развој на ОН, ги потврдува овие заклучоци. Секоја година, Програмата за развој на ОН објавува рангирање на земјите според индексот на општествениот развој, кој ги опфаќа и другите аспекти на благосостојбата освен приходите, како на пример, здравјето и образованието.

Според индексот на општествениот развој, Америка е на петтото место, под Норвешка, Австралија, Швајцарија и Холандија. Но, кога нејзиниот резултат ќе се усогласи со нееднаквоста, паѓа на 23 место – што е најголем ваков пад меѓу развиените земји. Америка паѓа под Грција и Словачка, држави кои вообичаено не се земаат како примери или конкуренти на САД.

Во извештајот на програмата за развој на ОН се истакнува уште еден аспект за влијанието на општеството: ранливоста. Се покажува дека, иако многу земји успеаја да се извлечат од сиромаштијата, многу од луѓето кои живеат во тие земји, сè уште водат несигурен живот. Некој мал настан или случка – да речеме болест во семејството – може да ги турне назад во сиромаштија. Надолната подвижност е вистинска закана, додека нагорната подвижност е ограничена.

Во Америка, нагорната подвижност повеќе е мит отколку реалност, додека надолната подвижност и ранливоста се добро познати искуства. Тоа делумно е заслуга на американскиот здравствен систем, кој сè уште ги остава сиромашните Американци во неизвесна положба, наспроти реформите на претседателот Барак Обама. Оние на дното се на чекор од банкрот, со сите придружни последици. Болестите, разводот или губењето на работното место често се доволни за да ги турнат преку работ.

Законот за заштита на пациентите и пристапната здравствена нега (односно Обамакер) требаше да ги ублажи овие ризици – и има силни показатели дека тој е на пат значително да го намали бројот неосигурани Американци. Меѓутоа, делумно заради одлуката на Врховниот суд и тврдоглавоста на републиканските гувернери и пратеници, кои во дваесетина американски држави одбија да го прошират Медикер (осигурување за сиромашните) – иако федералната влада ги покрива речиси сите трошоци – 41 милион Американци сè уште немаат здравствено осигурување. Кога економската нееднаквост ќе се преточи во политичка нееднаквост – како во многу делови од Америка – се покажува дека државата не им посветува доволно внимание на потребите на оние од дното.

Ниту Бруто домашниот производ, ниту индексот на општествениот развој, со текот на времето не ги одржуваат промените или разликите помеѓу ранливите земји. Но, во Америка и во другите земји се покажува значителен пад на сигурноста. Оние кои имаат работа се грижат дали ќе ја задржат, оние кои немаат работа се грижат дали ќе ја најдат.

Неодамнешната економска криза уништи многу богатства. Во Америка, дури и по закрепнувањето од кризата, медијалното богатство падна за над 40 проценти од 2007 до 2013 година. Тоа значи дека многу постари граѓани и оние кои се ближат до пензионирање, се грижат за својот животен стандард. Милиони Американци ги изгубија куќите, милиони не се сигурни дали ќе ги изгубат во наредниот период.

Ова се нови несигурности, а покрај нив постојат и старите. Во гетата, милиони млади Латиноамериканци и Афроамериканци се соочуваат со несигурноста на нефункционалниот и неправеден полициски и правосуден систем. Ако некој налета на полицаец кој станал на лева нога, може да го снајде неоправдана затворска казна – или нешто полошо.

Европа подобро го сфати значењето на ублажувањето на ранливоста и обезбедуваше систем за социјална заштита. Европјаните разбраа дека добар систем за социјална заштита може да доведе до подобар вкупен економски ефект, затоа што поединците се поподготвени за ризикот што води до поголем економски раст.

Но, денес во многу делови од Европа владее висока невработеност (12 проценти во просек, 25 проценти во најлошо погодените земји), која е во комбинација со намалување на социјалната заштита заради штедењето, а тоа доведе до незапаметен пораст на ранливоста. Што значи дека падот на општествената благосостојба е можеби далеку поголем отколку што покажуваат конвенционалните мерења на БДП – иако и тие бројки самите по себе се мрачни, затоа што во повеќето земји се покажува дека реалниот приход (усогласен со инфлацијата) по глава на жител денес е понизок отколку пред кризата – изгубена е половина деценија.

Во извештајот на Меѓународната комисија за мерење на економскиот ефект и општествениот напредок (со која претседавав) истакнува дека БДП не е добро мерило за ефектот на една економија. Извештаите на американскиот Завод за статистика и развојната програма на ОН нè потсетуваат на значењето на овој заклучок. Веќе се поднесени преголеми жртви на олтарот на фетишизмот на БДП.

Колку брзо и да расте БДП, економскиот систем кој не е во интерес на поголемиот дел од своите граѓани, и во кој сè поголем број жители се соочуваат со растечка несигурност, во суштинска смисла е пропаднат економски систем. А мерките, како штедењето, кои ја зголемуваат несигурноста и доведуваат до пониски приходи и понизок животен стандард, за поголемиот дел од популацијата во основа се погрешни мерки.

Извор: http://www.social-europe.eu/

ОкоБоли главаВицФото