Сега кога ми даде гомно, дај ми и лажица

06.11.2014 12:33
Сега кога ми даде гомно, дај ми и лажица

Со свои очи имам гледано како е кога ќе ти ги спржат крилјата. Еден ден мислиш дека со нив можеш да го прегрнеш целиот свет, а потоа утре имаш стврднато месо наместо раце и нозе, како сакатата Сава од „Виножитото“ на Шимуновиќ, на која свињите ѝ ги одгризеле рацете кога била бебе во колепка.
Ненад Величковиќ

Свињите што им гризат раце, нозе и крилја не само на сегашните туку и на идните бебиња и луѓе, овде во темниов вилает се викаат - груевисти. А државата во која зомби-груевистите оперираат (т.е. ампутираат) се вика вилаетот на ВМРО ДПМНЕ.

Сакам да кажам, меѓу другото: до скоро, кога зборувавме за зулумите на режимот, користевме стандардна формулација, историски речиси неспорна: груевистичкиот режим е најлошата власт што македонските граѓани ја имале од бугарската окупација навака. Но, како што врви времето, груевистите покажуваат дека апетитот за зулуми им е многу поголем од историските рамки! Дури и во пусто турско рајата имала повисок степен на предвидливост, што сака власта и до каде може да оди (на пример, Турците земале „десеток“). За груевизмот - само небото е лимит! Така што, со многу повеќе претпазливост во иднина ќе ја користам фразата „најлош режим во последниве 70 години“. Можно е дури и Турците да биле посолидни, почесни, поербап!
 

Да конкретизираме, со најнов пример за зулумќарството на власта. Намерата на режимот да воспостави драстични даноци за луѓето што живеат од хонорари во прв ред е нова дрска пљачка на народните пари. Сè потешко се финансираат лудачките политики на еден одамна забеган владетелски слој („Фамилијата“), а потребите за корумпирање од ден на ден стануваат сè поголеми. Во втор ред, воспоставувањето нови даноци и придонеси е уште еден удар кон сите оние кои директно не зависат од (не)милоста на режимот, т.е. не се закачени на коруптивните партиски (пардон, државни) цицки. Меѓу другото, тоа е удар за малкуте преостанати независни медиуми и невладини организации кои главно живеат од (странски) грантови и хонорари. Во трет ред, новото драконско брцање партиски прсти (т.е. државни) во џебовите на последните не баш сосема контролирани граѓани е и уште еден тест, до каде може да оди затегнувањето на сиџимот или јамката (намерата Фрчкоски да се исфрли од работа исто така е дел од тој тест: до кој степен вампирите можат да ги шмукаат своите жртви).

Притоа, „правната“ форма на партиската пљачка станува до тој степен апсурдна и произволна што почесно (па и правно поиздржано) би било да се признае дека даноци и придонеси во земјава ќе плаќаат само оние што не се членови на партијата. Вака работава е трагикомична: нови даноци и придонеси ќе плаќаат сите освен - (и тука следи список на цели категории повластени граѓани: професионални спортисти, функционери, пратеници, советници и други носители на јавни функции, односно избрани и именувани лица; од плаќањето нови придонеси изземени се и договорите за јавна работа склучени од страна на единиците на локалната самоуправа, надоместоците за судиите, поротниците, вештите лица, стечајните управници итн.).

Слични исклучоци има и во многу други законски решенија. На тој начин исклучоците стануваат правило во македонската апашка законска регулатива. Работата е сосема апсурдна (затоа и зборувам за држава-партија-Фамилија; забележувате дека големата буква се користи само кај „Фамилија“) бидејќи во повеќето закони уште на почетокот стои дека тие се темелат на одредени начела, пред сè на оние за еднаквост, непристрасност и објективност. Еднаквоста, непристрасноста и објективноста се суштина на правото! Но во дпмнеовската држава правото се мери низ ползата на Фамилијата.

Ќе го земам примерот на порталов чијшто сум уредник. „Окно“ се финансира од грантови. Нашиот годишен буџет е околу 15.000 евра. Сите пари одат за хонорари. Досега, значи, годишно дававме околу 1500 евра (10%) за државата-партијата. Другите пари одеа кај десетината хонорарни соработници. Од нова година на партијата ќе треба да ѝ плаќаме 6000 евра (40%). Нам девет - ним шест.

Во целиот нормален свет медиуми како „Окно“ се спонзорирани токму од државата, бидејќи се занимаваат со работи од јавен интерес (целата уредувачка политика на „Окно“ е во таа насока: јавен интерес пред сè во сферата на културата, но и на јавните простори, човечките права итн.). Во Хрватска, на пример, четириесетина портали делумно слични на „Окно“ (некои од нив на сличен начин жестоки критичари на владините политики) добиваат пари од државата бидејќи општеството согледало јавен интерес од нивната работа (листа на хрватски непрофитни медиуми финансирани од државата). Овде, во Македонија, за воопшто да може да постои, „Окно“ треба да плаќа рекет на партијата! (т.е. државата)

Ист е случајот со издавачката куќа „Темплум“, издавачот на „Окно“. Со години се обидуваме да преживуваме обезбедувајќи странски грантови за нашите непрофитни книги. Имало успешни години, имало катастрофални години (како последниве). И тука парите се трансферираат преку хонорари. Испаѓа дека ние независните културни продукции или медиуми треба да ги финансираме лудите издавачки и други културни проекти на Груевски и неговите! Значи, не само што што не нè помагаат (а би морале, зашто она што го прави „Темплум“ е неспоредливо покомпетентно и поквалитетно од режимските срања!), туку на разни начини се обидуваат да нè уништат! Меѓу другото, земајќи им ги парите на нашите хонорарци. За со тие пари режимот (на крадците на тела, и мртви и живи) да создава илјадници сопствени книги, споменици, „барокни“ згради, агенции, медиуми итн. - за кои, се разбира, со жиг на Фамилијата, вака или онака режимот е ослободен не само од данок туку од каква било одговорност (зградите на груевизмот се направени од стиропор, а нивните книги наликуваат на вештачките книги во салоните за мебел).

Гледајќи го секојдневното понижување што народот мора да го трпи од овдешните дпмнеовски дрматори ми паѓа на ум еден подзаборавен и зафркантски израз од детството: „сега кога ми даде гомно, дај ми и лажица“. И, стварно, нè качија на рингишпилот, цела нација, и, освен гомното, ни дадоа и лажици. До кога ќе ги сркаме нивните гомна - не се знае; рингишпилот не сопира, ги заматува главите, а и пророците фатија магла.

Во вакви краишта, во вакви темни вилаети, луѓето се благодарни дури и за годишните времиња, бидејќи така барем добиваат потврда дека времето (а не рингишпилот) стварно се движи. Има и едно друго име за ваквото време-невреме кое нè навјасало: стаорски час. Тоа е едно од немајкаде-имињата на инаку безименото време од легендите, ниту ноќ ниту утро, време кога - а ова е поентата - луѓето сакаат да бидат излажани. Во тоа доба од денот, во стаорскиот час, имено, лагата се вклопува во човека како стрела во рана, нежно и тивко. Луѓето, пак, во стаорскиот час се празни, оти се наполнети со лаги, како препарирани птици; празни се, ама со чувство дека се полни со себе, како бабушки.
.
Босанскиот писател Ненад Величковиќ дава убава поетска слика за тоа како гадовите нè уништија, како луѓето се прибраа во своите черупки, како крилјата се претворија во оклопи...

„Како од крила да се направи оклоп? Ќе се прегрнеш себеси најмногу и ќе се гушнеш најсилно, сè додека крилата не ти отврднат и оклопот не срасне со градите. Не ѝ даваш на смртта во себе, не му даваш на стравот од себе.“

Слики: Marcel Dzama

ОкоБоли главаВицФото