Младата македонска поетеса Слаѓана Атанасова наградена на „Тера поетика“ во Украина

06.11.2014 12:37
Македонската поетеса Слаѓана Атанасова наградена на „Тера поетика“ во Украина

Младата македонска поетеса Слаѓана Атанасова учествуваше на меѓународниот поетски фестивал „Тера поетика“ во Украина, кој се одржа во градовите Киев, Житомир, Острог и Ривне, на кој беше наградена за нејзината поезија.

Атанасова досега ја има објавено поетската книга „Керубин во крчмата“ (2006) и „Луѓе во вакуум“ (2009), песни во проза илустрирани од повеќе македонски уметници. Нејзини песни се објавени и во збирките „Млада македонска поезија“ (2009, Скопје), „Големата мајка“ (2010, Скопје) и „Ликот на тишината“ (2013, Тирана). Од 20 до 25 октомври 2014 година учествуваше на поетскиот фестивал „Тера поетика“ во Украина. Нејзини песни се објавени и во збирките „Млада македонска поезија“ (2009, Скопје), „Големата мајка“ (2010, Скопје) и „Ликот на тишината“ (2013, Тирана). Од 20 до 25 октомври 2014 година учествуваше на поетскиот фестивал „Тера поетика“ во Украина.

Кажи ни нешто повеќе за фестивалот „Тера поетика“. Колкав е бројот на учесници и какви сè активности вклучува?

Дејството на поетскиот фестивал неофицијално започна на 19 октомври во министерството за култура на Украина, се сретнавме и запознавме поети од тринаесет земји. По исцрпувачкиот лет имавме можност да разговараме во релаксирана атмосфера, читајќи стихови без проценка на жирито. Вечерта бевме поздравени од почесниот претседател на фестивалот Борис Оленик. Првиот ден започна со читања и говори на учесниците во Националната академија Тарас Шевченко во Киев, каде имаше обраќања од деканот на академијата и од професорите од катедрата на филолошки науки. Фестивалот беше под покровителство на Министерството за култура, министерството за надворешни инвестиции, поддржан од претседателот на Украина, Друштвото на писатели во Украина, Фондацијата ,,Нови Традиции“ од Сергеј Бондарчук, Издавачите „Самит на книгата“, бројни медиумски партнери и коосновачот и претседателот на жирито на фестивалот, д-р Дмитро Дроздовски. Организатор и иницијатор на големиот фестивал е поетесата Лесија Мудрак.

Официјално фестивалот се отвори во националниот театар Иван Франко, го отвори вдахновената организаторка Лесија Мудрак, а потоа говори одржаа министерот за култура Јуриј Никитик, директорот на театарот Михаел Захаревич и претставниците на жирито. На отворањето никој не остана рамнодушен на режисерот на фестивалот Серѓеј Архипчук со специјалното исполнување на „Офелија“ на инструменталната музичка група. Понатаму следуваа настапи филхармонијата, балет, опера и други уметнички перформанси во склоп со читањето поезија. Следните денови поетските читања продолжија во градовите Ривне, Острог и Житомир, модерирани од познатиот актер Андреј Пармаков. Во Ривне се одржа прес-конференција следена од новинари кои постојано поставуваа прашања, а говор одржа и претседателот на регионалната државна администрација на Ривне. Се одржа и промоција на антологијата во која бевме застапени учесниците на фестивалот заедно со украинските поети, како и промоција на книга, превод на полски и украински на познатата полска поетеса Кристина Ленковска. Во Острог во Академијата бевме пречекани од директорот и се случија средба и читања пред студентите. Во Житомир имаше прес-конференција во општината, а читањата беа на повеќе локации, но главното се случи во Вселенскиот музеј. Сите поети учесници се вративме во главниот град Киев. Таму бевме координирани во повеќе групи. Една група поети присувствуваше на универзитетот Иван Гринченко, одговараше на прашањата на професорите и студентите, се одржаа креативни работилници за пишување; друга група беше во катедралната црквата свети Михаил, и на прошетка до Киевска Лавра. Затворањето на меѓународниот фестивал „Тера Поетика“ се случи во Дипломатската академија на министерството за надворешни работи во собраниската сала. Тоа беше местото каде свечено беа доделени наградите според резултатите од активното СМС гласање на публиката и оценката од жирито.

Колкаво медиумско внимание добива и колкава публика има фестивалот? Дали во Украина има поголем интерес за поезијата, во споредба со Македонија?

Украина е навистина поетска држава. Во големите сали каде што настапувавме беше преполно со публика, фанови на поезијата, студенти и професори со жив интерес за поетските настани, кои траеја речиси по четири часа, а публиката остануваше до крајот. Луѓето од публиката постојано поставуваа прашања и заинтересирано ги следеа настаните. Новинарите беа спремни, ги прочитале нашите дела и знаеја точно што да прашаат и кога. Присутни беа медиуми од повеќе краишта на Украина. На настапите на учесниците од сите земји имаше присувство на новинари, беше посветено посебно внимание на секој учесник, јас одговарав на повеќе прашања поетски, политички, од секоја сфера... Организацијата беше беспрекорна. Целта на фестивалот беше преку сите тие културни настани да се чуе гласот на светот со поезија за мир. Фестивалот беше посветен на 200-годишнината од раѓањето на Тарас Шевченко каде за време настаните се читаа и песни од Шевченко на различни јазици на светот.

Со кој дел од творештвото се претстави на фестивалот?

Претставив дел од мојата поезија од поетските збирки преведена на англиски на многу локации низ Украина. Дел од поезијата која ја интерпретирав беа и песните од антологијата на фестивалот во превод на Марија Џонова. Најпрво читав на македонски, а дел од моите песни беа испеани од Украинката Ирина Новоставска. Програмата на фестивалот беше интензивна, имаше доста читања, така што претставив поголем дел од поезијата.

На фестивалот беше наградена за твојата поезија. За каква награда поточно станува збор?

На фестивалот имаше директно гласање од публиката за време на настапите. Наградите беа доделени од жири во состав Дмитро Дроздовски од Украина и Морен Велдон од Велика Британија, а имаше гласање и од публиката преку СМС. Беа доделени три награди. Првата награда ја доби Дити Ронен (Израел), втората Хилари Шеерс (Англија), а третата награда беше доделена на мојата изведба на поезијата која ја претставив во текот на целиот фестивал. Големо изненадување ми приреди Друштвото на писателите на Украина, кое ми доделија уште една награда, што вклучува објавување на мојата поезија. Наградите официјално беа доделени во Дипломатската академија на Украина, во собраниската сала на МНР на Украина.

Каква е перцепцијата на Украинците, па и на другите учесници со кои се сретна, за македонската поезија и култура? Дали воопшто се упатени што се случува на поетски план во Македонија и колку?

Во Македонија го имаме меѓународниот фестивал за поезија СВП, кој им е добро познат на странските поети, а украиските поети што настапувале на нашиот фестивал во Македонија беа на „Тера Поетика“. Тие се ангажираат и ја преведуваат македонската поезија. Најпознат им беше градот Охрид и просветителите Кирил и Методиј. Доста знаеја и за политиката и историјата на Македонија.

Има ли изгледи за понатамошна комуникација и вмрежување со дел од учесниците на „Тера поетика“ кои ги запозна?

Се запознав со прекрасните украински поети и преведувачи на повеќе јазици, на кои им беше разбирлив и македонскиот јазик: како Дмитриј Чистак, Игор Павлук, Игор Астрапенко, Елена Херасимик, Вано Круѓер, Дмитриј Лазуткин, Ана Багриана која знае и македонски и живее релација Скопје- Киев. Тие се ангажирани и заинтересирани за понатамошна соработки со Македонија.

Кога можеме да очекуваме нова поетска книга од тебе?

Работам на новата поетска книга, ќе биде изненадување, нешто ново и современо. Ако сакаме нешто добро, потребно е повеќе време.

Фотографиите се од приватната архива на Слаѓана Атанасова

ОкоБоли главаВицФото