Разбирање на омразата

07.11.2014 11:17
Разбирање на омразата

Во приказната за теророт, стравот и ИСИС игнорираме една важна работа, а тоа е омразата кон Запад која не сакаме да ја разбереме. „Сосема е незамисливо тоа што многу млади луѓе кои се социјализирани во Германија и кои би требало да научат нешто за човечкото достоинство и почитта толку брзо се радикализираат и лесно ги отфрлаат своите и туѓите животи“, ја сподели со нас својата загриженост Томас де Маициере, министерот за внатрешни работи на Германија. Зошто е тоа „незамисливо“, навистина необичен избор на зборови - па тоа веќе се случи: атентаторот од Отава, трите млади жени од САД кои се приклучија на ИСИС во Сирија - а ќе се случува и понатаму.

Дури и Де Маициере наведе неколку можни објаснувања за тоа: човечкото достоинство и почитта не можат да се „научат“ ако се чувствувате непожелен, исклучен и маргинализиран. Тоа не се случува само во западните општества со имигрантите и бегалците, исклучените кон кои се искажува само недоверба, оние кои се обидуваат да ја прескокнат бодликавата жица во Мелиља или се дават во Средоземното Море. Тоа се случува и на глобално ниво, кога „остатокот од светот“ треба да се покорува пред западните интереси, а ако е тоа во склад со тие интереси, тогаш се разоруваат земји, се поддржуваат диктатури и се жртвуваат цели народи како што е сега, но и низ историјата, случајот со Курдите.

Кристофер Хиченс собра неколку од тие приказни. Книгата се вика „Судењето на Хенри Кисинџер“. Во неа не се зборува само за поранешниот американски министер за надворешни работи Хенри Кисинџер и неговата вина за масакрите во Виетнам, Чиле, Бангладеш и над Курдите, туку пред сè за структурата на самоволието и експлоатацијата кои беа и сè уште се суштински елемент на западната политика. Истото го мисли и човекот од ИСИС кого го интервјуираше Хаснаин Казим за Шпигел: „Кој го покори светот и се обиде да ги подјарми сите други култури и религии? Историјата на колонијализмот е долга и крвава и трае до денес. Таа е олицетворена во западното презирање на сè што е поинакво“. Покрај сета теофашистичка пропаганда, тој за ова е сосема во право.

Запад смета дека правото и историјата се на негова страна, напредокот е негово ветување, слободата е негова природа. Стварноста изгледа поинаку и крајно време е политичарите како Де Маициере да го урамнотежат наративот за злосторствата и ветувањата на Запад. Дали можеме да го очекуваме тоа? Политичари кои размислуваат пред да проговорат? Новинари кои објаснуваат наместо да шират страв? Во тој случај атентаторите, лудаците, радикалните проповедници, хомофобите, непријателите на слободата и понатаму ќе го мразат Запад - но овој пат од погрешни причини.

Одлуката за тоа што е Запад и што би требало да биде се донесува секој ден. На пример, во Њујорк, каде сега жестоко се расправа за операта „Смртта на Клингхофер“ и прашањето дали еден од пејачите во улога на палестински терорист смее да го изрази и објасни својот антисемитизам поради кој го убил Евреинот Клингхофер. Или во Париз, каде американскиот уметник Пол МекКарти на плоштадот Вандом постави огромна зелена скулптура на дување, која многумина ги потсетува на butt plug, секси играчка, значи на нешто што на христијанските фундаменталисти им е добро познато, а сепак протестираа против тоа уметничко дело бидејќи многу ги вознемирило, за на крајот да го издишат.

Ах, да, кинескиот претседател Кси штотуку најави дека во неговата земја повеќе нема да се градат некакви „чудни зданија“. Веројатно мислеше на облакодерите во облик на крофна и на спектакуларните зглобни згради на холандскиот архитект Рем Кулхас. Такво е нашето време. Слободата на мислењето, изразувањето, уметноста стануваат сè поомразени бидејќи нè предизвикуваат, комплицирани се, нè вознемируваат, можеби дури и навредуваат; Но, ќе мораме да ги толерираме; во спротивно - воопшто не заслужуваме слобода. Зарем навистина дојдовме до таму да ни е потребен ИСИС за да го сфатиме тоа?

Извор: Spiegel, 24.10.2014.
Слики: Frank Magnotta

ОкоБоли главаВицФото