Алиса во земјата на чудата од Дагмар Беркова

07.11.2014 14:05
Алиса во земјата на чудата

Дагмар Беркова (6 јуни, 1922, Виена - 29 мај, 2002, Прага) е чешка графичка дизајнерка, илустраторка, сликарка и аниматорка. И покрај богатиот опус реализиран во различни медиуми, најпозната е по своите илустрации на книги за деца. Најславни се нејзините илустрации на „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол, како и илустрациите за бајките на Ханс Кристијан Андерсен.

Своето образование го стекнала на Школата за применети уметности во Прага, а нејзиниот сензибилитет и начинот на кој ги изработувала илустрациите на книгите за деца неизбежно ја одвел во водите на анимираниот филм.

Најпознати се нејзините илустрации за „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол (1961), „Оревокршачка“ на Пит Френсис (1969), „Големата мизерија“ на Хелена Шмахелова (1969), „Волшебните рибји коски“ на Чарлс Дикенс (1971), бајките на Ханс Кристијан Андерсен (две различни изданија во 1979).

Беркова Работела на три анимирани филмови: „Сватоплук и неговите синови или вистинскиот крај на Големата Моравска Империја“ (1968, по сценарио и режија на Јарослав Боцек), „Вдовицата од Ефес“ (1972, сценарио и режија на Јарослав Боцек) и „Маришка во замокот на волкот“ (1979).

Во оваа прилика, ја претставуваме Дагмар Беркова со нејзините илустрации за славната книга „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол.

Извор: www.fairyroom.ru