Зошто машкиот нос е поголем од женскиот?

07.11.2014 16:30
Зошто машкиот нос е поголем од женскиот?

Човечкиот нос постои во разни облици и величини. Но, се чини дека една особина е универзална: машкиот нос е поголем од женскиот.

Ново истражување на Универзитетот Ајова покажува дека кај европската популација машкиот нос е отприлика за 10 отсто поголем од женскиот. Научниците претпоставуваат дека разликата во големината на носот настанува поради разликата меѓу половите во градбата и потрошувачката на енергија. Мажите генрално имаат поголема мускулна маса, што бара повеќе кислород за мускулното ткиво за тоа да расте и да биде неоштетено. Поголемиот нос подразбира дека може да се вдише повеќе кислород во организмот, во крвта која ги снабдува мускулите.

Научниците забележуваат дека разликите во големината на носот помеѓу мажите и жените почнуваат да се покажуваат на возраст од 11 години, кога настапува пубертетот. Физиолошки гледано, мажите почнуваат да развиваат поголема мускулна маса од таа возраст, додека жените собираат повеќе масно ткиво. Претходните истражувања покажаа дека за време на пубертетот кај мажите отприлика 95 отсто од зголемената телесна маса се однесува на немасното ткиво (како мускулите), во споредба со 85 отсто кај жените.

„За оваа врска веќе долго време се дискутира во литературата, но ова е првпат да се спроведе лонгитудинално истражување кое сака да утврди како големината на носот е поврзана со големината на телото на мажот и жеата“, вели Нејтан Холтон, професор на Универзитетот Ајова на Отсекот за стоматологија и главен автор на истражувањето кое е објавено во списанието „Americal Journal of Physical Anthropology“. „Покажавме дека со зголемувањето на телесната маса кај мажите и жените за време на пубертетот, мажите покажуваат непропорционален раст на носот. Тој непропорционален раст оди заедно со некои други промени, како количината на кислород која е потребна за метаболизмот, барањата за дневно внесување на соодветна количина енергија во телото, за време на растот.“

Холтон исто така објаснува зошто нашиот нос е помал од носовите на нашите предци, меѓу другите и неандерталците. Причината за тоа е фактот дека нашите далечни предци имале поголема мускулна маса и морале да имаат поголеми носови за мускулите да добиваат доволно кислород. Модерните луѓе имаат помала мускулна маса, па поголем нос не е потребен.

„Носот се смалил бидејќи нашите тела браат помалку кислород од древните луѓе“, објаснува Холтон, и напоменува дека и градниот кош и белите дробови се помали кај модерниот човек, што само оди во прилог на идјеата дека повеќе не ни е потребен толку кислород за да ги задоволиме нашите потреби, колку што им требал на нашите предци.

Холтон и неговиот тим ја следеле големината и растот на носот на 38 поединци од европско потекло вклучени во проектот „Iowa Facial Growth Study“ од 3-годишна возраст па до средината на дваесеттите. Мерењата се извршувале на надворешниот дел од носот во редовно растојание и на секој поединец. Научниците откриле дека девојките и момчињата генерално имаат иста големина на носот од раѓањето до почетниот стадиум на пубертетот (околу 11 години). Од тоа време почнува да се наѕира разлика, покажуваат мерењата. „Дури и ако телата им се со иста големина како на девојчињата, момчињата сепак имаат поголеми носови. А дури во пубертетот почнува да се покажува таа разлика.“

Холтон претпоставува дека резултатите од истражувањата би биле исти и врз примерок составен од поинаква популација, бидејќи разликите во машката и женската физиологија ги надминуваат културните и расните разлики, иако дури понатамошните истражувања треба да го потврдат тоа. Едно претходно истражување е во согласност со резултатите на Холтон. Во 1999 година, научници во своето истражување (објавено во списанието „European Journal of Nutrition“) забележале дека потребите од енергија кај мажите двојно се зголемуваат во однос на жените во истиот период по пубертетот, што укажува на непропорционален раст на барањата за потрошувачка на енергија кај мажите во текот на развојниот период.

Уште еден интересен аспект на истражувањето е и влијанието врз нашата перцепција на носот. Носот не е само средишен украс на лицето, туку и важно продолжение на нашите бели дробови. „Според тоа, можеме да го сметаме за независен од черепот и телесно поврзан со останатите аспекти на човечката анатомија“, завршува Холтон.

Извор: The University of Iowa