Зошто чувствуваме дека сме „скренале“?!

08.11.2014 11:13
Зошто чувствуваме дека сме „скренале“?!

Колку пати ви се случило тоа?! Стануваш наутро и си поуморен откога си легнал. Не од работа, туку од немање работа.

Како велеше Рацин: „Денови ли се – денови аргатски маки големи!“

„Стани си утре порано, дојди си вечер подоцна, наутро радост понеси, навечер тага донеси.“

Денешните аргатски маки се такви што ниту утрото радост носи, ниту вечерата тага, постои само една единствена, еднолична, секојдневна тага и депресија од немањето што да се прави, од изгубеноста, од бесперспективноста.

Настрана нашата режимска олигархија и малата група привилигирани кои имаат добра работа, добра заработувачка и гратификација од тој нужен процес, мнозинството наши граѓани, и млади и стари, тонат во депресија од немаштија и од небитност. Ваквата општествена состојба е повеќе или подеднакво тешка и таа се одразува на личните проблеми. Па, дали нормален Македонец денес се грижи за фамилијарни проблеми ако не се тоа индивидуални и финансиски проблеми на некој член или на сите од семејството?! Се грижи ли некој дали има сексуални проблеми или се грижи што не знае што со себеси, па тоа му ја убива и сексуалната волја?! Се грижи ли некој татко или мајка за односите со своите деца или се јадат кога ги гледаат дека немаат никаква иднина, дека немаат ниту сегашност?

Општествено-социјалните маки денес се поголеми и ги надминуваат приватните проблеми. Делумно затоа што приватните проблеми денес потекнуваат од нашата социјална мизерија и општествена нерелевантност, но и затоа што за првите сме научени повеќе да не ги третираме како табуа, додека од последните се срамиме, не знаеме како да се поставиме, како да ги решиме.

Нашите приватни животи се уништени од нашата социјална условеност и економска зависност како перманентен прекаријат, како модерни слуги, како нова класа на маргинализирани и отстранети од општествениот живот на нашата држава. И во модерните капиталистички општества проблемот е алармантен! Но, во режим каде сите наши слободи и права се најчесто погазени, немањето никаков лек за социјалните и општествени неправди и проблеми предизвикани од режимската олигархија и од нивниот клиентелистичко-коруптивен систем, значи дека ние сме осудени не само на економска и социјална мизерија, на материјално неквалитетен живот, туку на бавно и незапирливо ментално влошување, идентитетско губење и невротско-депресивно пропаѓање.

Историската сиромаштија во Макаедонија е причина поради која ние реално сме отпорни на економски кризи. Ние знаеме без пари и тоа не е најголемиот проблем. Но, не знаеме без односите од работата, без рутини, без социјална идентификација. Економската и социјална солидарност во нашата земја помеѓу самите луѓе е доволно голема за никогаш да не умреме комплетно од глад, но таа не може да ни помогне во одржување на нашиот статус, идентификација, ментално здравје. Ете, ние во режимот секогаш ќе преживееме, но ќе „скренеме“, односно веќе сме полудени што го трпиме, што сѐ уште бараме каква-таква работа, што молчиме. Треба од сѐ да се откажеме, и од барањето таква работа, и од трпењето, а и од молчењетo. И на ова лудило да му погледнеме во очи.

Опасна е психолошката стапица на режимот од наметната идентификацијата со невработеноста или вработеноста во нејзините институции.

Ако бараш и најдеш работа денес, во најголем дел нема да биде само потплатена, несоодветна на образованието и струката, туку ќе биде добиена на политичко-општествена основа која претендира дополнително општествено-политичко служење и погазување на сопственото достоинство, а воедно до тој степен зависна од режимот, да создава не само понизен, туку и идентификациски, идентитеtски однос со најголемиот работодавец- државата, партија.

Гледате, моќта на невработеноста и на работењето само за режимот е нешто по што ја согледуваме драматичноста на криминално-олигархиската компонента на еден тоталитарен режим. Има режими каде сите мораат да работат, мораат сите нешто да имаат, сите мораат да исполнуваат некаква функција и некаков статус. Е, кај нас случајот не е таков. Може да работат онолку доволно колку што служат како изборна машинерија, да имаат онолку колку што олигархијата ќе одлучи, а сите останати да бидат оставени без статус и функција и на тој начин, во исто време, пркосот и немирот да бидат анестезирани, уништени, невозможни.

Критични маси се раѓаат со работа, со труд и со креирање богатство и благосостојба за што поголем број граѓани. Кај нас процесот е обратен, треба луѓето до тој степен да се осиромашат, да се разделат, да се разголат од својот интимен и општествен идентитет, да се дотераат во таква депресија и несигурност, што еден ден ќе можат да работат само за ДПМНЕ, само со ДПМНЕ да се идентификуваат или да си останат во својата депресивно-вегетативна состојба.

Дури и кога недостасува тој аспект да се работи за режимот, станува збор за таква економска мизерија или несоодветна позиција, што индивидуата е комплетно неспособна да се грижи за своето илиза семејното секојдневие, а камоли да обезбедува нечија иднина, со што повторно се враќаме на општествено-социјални проблеми кои креираат лични проблеми и фрустрации. Од психолошки аспект, човек има два р’бета: приватниот живот и општествениот живот. Нам и обата ни се скршени.

Општествениот живот, односно есенцијално работата, креира идентитети. Немањето работа, имањето страв дека таа ќе се изгуби, во превод значи губење на самиот себеси. Е сега, ние треба да сме доволно свесни дека веќе сме изгубени и дека единствен идентитет кој можеме да го изградиме во ваква состојба не е преку мизерна работа, преку слугување на режимот или преку статичност, туку преку проширување на нашата свест и работење против системот кој сака да нѐ полуди.

Гледате, ние не патиме од економски систем кој е во криза и поради што ни е тешко, туку патиме од политички систем што индуцира перманентна економско-социјална и општествено-психолошка криза како инструмент за да ги краде, но и за да ги држи понизни граѓаните. И мене, на пример, не ме мачи крадењето на едно тесно малцинство, ме мачи депресијата и бесполезноста, изгубеноста на едно огромно мнозинство кое пати додека овие другиве уживаат. Ни крадат од сѐ: од сегашноста, од иднината, од нашето ментално и физичко здравје, но најмногу од сѐ ја крадат, односно, ја попречуваат можноста да се освестиме, да се обединиме и да излеземе од оваа депресија.

ДПМНЕ ќе беа чесни мизантропи или нихилисти да беа искрени во својата филозофија дека најголем број од луѓето не треба да работат. Да не профитираа политички и материјално од вака поставениот систем, ќе можеа да кажат: Човекот не е роден за да биде демократичен, не е роден за да биде еднаков, не е роден за да работи! Човекот е роден за „ништо“! Осуден на постоење без каква било смисла! А, работата постои токму за тоа, во спротивно сите ќе се убијат.

Но, ДПМНЕ гледа смисла во нашето постоење – тука сме заради нив. Гледа смисла во работата сѐ додека преку неа им служиме и слугуваме. И сакаат да бидеме еднакви, демократични во нашата мизерија, депресија и апатија затоа што на тој начин никогаш нема да бидеме демократични во нашето освестување и ослободување.

Ете, драги луѓе, вие како индивидуи не сте виновни, не сте кршливи, сите заедно сме виновни и затоа нѐ скршија. Не сте виновни! Но, ако оваа состојба ја разбираме, тогаш сме одговорни. Ова се времиња кога само луди мегаломани можат да опстанат, ние останатите ако сакаме да опстанеме, мора да се освестиме од каде ни доаѓаат проблемите и маките. Последно нешто што ни треба во вакви ситуации е ова лудило да го живееме во тишина или уште пострашно- да го негираме.

Извор: www.plostad.com.mk
Слики: Свирачиња