Земја на чудата

08.11.2014 12:43
Земја на чудата

Во последниот период во Русија се живее како во земјата на чудата на Алиса, од истоимениот роман на Луис Керол. Знаете, онаа книга за деца и возрасни каде во еден свет на илузии населен со чудесни, антропоморфни суштества, сè е доведено до апсурд.


Првин започна стрмоглавиот пад на рубљата. Руската национална валута деновиве не само што девалвира, туку се наоѓа во систематска криза и во изминативе неколку недели изгуби над 20 отсто од својата вредност.
Во Русија, курсот на рубљата не е фиксиран за една валута, како на пример денарот кај нас што е фиксиран за еврото. Овде тоа се нарекува „пловен курс“ и тој пред сè зависи од моменталната побарувачка на странска валута, главно американски долар и евро (затоа овде е развиено Форекс тргувањето и некои од тоа заработуваат добри пари), интервенциите на Централната банка на Русија со нејзините повремени емисии на девизи за мали корекци на курсот, како и општата доверба на инвеститорите. Сепак, најважното што досега го држеше колку-толку стабилен курсот на рубљата е цената на нафтата на светските берзи.

Од почетокот на октомври цената на нафтата започна да паѓа, со себе повлекувајќи ја и рубљата. Според своите перформанси, руската економија е слична на економиите на Аргентина, Венецуeла или Иран, кои зависат од извоз на суровини од тие земји, најмногу нафта. „Во таа смисла ние имаме целосно примитивна економија, економија на банана држава“, вели Борис Немцов, советник во собранието на Јарославска област, поранешен вицепремиер и еден од лидерите на опозицијата. „Оттука, лесно може да се предвиди курсот на рубљата кон доларот, бидејќи повеќе од половина од рускиот буџет се пополнува со давачки од извоз на нафта“.

„Формулата на Немцов“ за прогноза на падот на рубљата деновиве стана популарна по социјалните мрежи. Стабилноста на економијата на една земја зависи од државниот буџет; доколку има најави дека идната година ќе има буџетски дупки, тогаш и довербата на инвеститорите кон таа економија опаѓа и државните обрзници на таа земја стануваат поевтини. За буџетот во 2014 руските регулатори предвидуваа курсот да биде 37.7 рубљи за долар при цена на нафтата на светските берзи од 96 долари за барел. „Одовде, 37.7 помножено со 96 е еднакво на 3620. Значи, за да се пополни буџетот, курсот на рубљата треба да биде таков за добивката од барел нафта да е 3620 рубљи“, пресмета Немцов.

Според оваа формула, ако некој во Русија сака да го дознае утрешниот курс на доларот треба само 3620 да го подели со актуелната цена на нафтата, или 77 долари за барел од типот WTI. Одовде, гринбексите сега се продаваат за 46 рубљи за долар. Историски, ова е најниското ниво на рубљата во однос на долар/евро бивалутната корпа (околу 51 руб.) воспоставена од ЦБР. Аналитичарите и познавачите прогнозораат дека нема најава за сопирање на надолниот тренд.

И ова е толку апсурдно што од ден на ден нефиксираниот (пловен) курс на руската рубља се приближува до вредноста на македонскиот денар. Додека го пишувам текстов рубљата веќе падна на 47 за долар, по којзнае кој пат обновувајќи го историскиот минимум, и се израмни со македонскиот денар. Кој би помислил – според вредноста на домашните валути, во моментов инвеститорите имаат слична доверба како кон економијата на Русија така и кон онаа на Македонија. Нашата влада би требало да го искористи моментот и да го истакне тој факт при нејзините странски промоции на проектот „Инвестирајте во Македонија“. На пример со лозунгов: „Македонија, земја на можности – македонскиот домат и пиперка чинат колку руската нафта и гас!“

Шегата настрана, но Русија навистина се соочува со колапс на нејзниот финансиски систем. Берзите и инвеститорите овде се во паника и очај, а владата и ЦБР не можат да сторат којзнае што за да ја сопрат справедливата „невидлива рака на пазарот“ на Адам Смит. Овие негативни економски трендови за Владимир Путин се вторичен проблем – тој е зафатен со други, поважни работи, како окрупнување на територија и создавање на империја. Од друга страна, резултатот од колапсот на рубљата, како во 1998, би бил трагичен: народ на улица, социјални немири и возможно нов Мајдан, од што во Кремљ најмногу се плашат.

Навистина, како втора земја во светот по производство на гас и нафта, економијата и валутата на Русија едноставно не можат да бидат еднакви, ниту реално ниту во бројки, со економијата и валутата на малата Македонија. Во што е тогаш апсурдот? Има неколку макро-економски причини, како одливот на странски капитал кој од почетокот на годината достигна рекордни 110 милијарди долари, санкциите, кои им го затворија европскиот пазар за евтино кредитирање на низа банки, енергетски команиии и олигарси, а дојде време за исплата на старите долгови, како и поевтинувањето на нафтата.

Но, според мое мислење, најважната причина за надоаѓачката економска и финансиска криза треба да се бара во сферата на политиката. Војната со Украина, воената поддршка на сепаратистите во Донбас, присоединувањето на Крим, замрзнувањето на односите со Европската Унија и САД. За сето ова безумие и авантури на еден човек, плаќа целата земја. Поради негативната и искривена пропаганда по главните телевизии, мнозинството од народот верува дека сето ова им го прават злобните Амери и „Гејевропа“ – кованица на руските популисти и хомофоби кога се посочува кон некои земји од западна Европа.

Обезвреднувањето на заштедите и галопирачката инфлација е цената што обичните Руси треба да ја платат за, како што вели антикорупционерот и опозициски лидер, Алексеј Навални, империјалистичкиот жар и желба за „војна до победа“ на еден човек. Ова е цената што треба да се плати за покачување на неговиот рејтинг. Сите увозни производи во Русија денес се за 30-40 отсто поскапи за разлика од почетокот на годината. Од компјутери, до телефони, до Лего конструктри, и до Најк патики и Ливајс фармерки. „Така што, купувајќи патики што сега чинат 1684 рубљи повеќе, треба да се има на ум - вие плаќате за неговиот висок рејтинг“, вели Навални.

Од економија одиме во историја, со изјавата на Путин дека франко-англискиот сојуз e виновен за тоа што Хитлер убил десетици милиони, помеѓу кои и шест милиони Евреи. Како што напоменав, претседателот воопшто не е засегнат со случувањата во економијата и кризата на рубљата и од него не чувме никаква сериозна изјава или обраќање по тој повод. Тој спокојно лечи империски фрустрации и во меѓувреме, соодветно, се занимава со ревизија на историјата.

На една средба одржана неделава со историчари тој изјави дека немало „ништо лошо“ во Молотов-Рибентроп пактот и ги обвини Англија и Франција за почетокот на Втората светска војна. „Нема ништо лошо во нацистичко-советскиот договор за ненапаѓање“, кој доведе до поделба на Полска и почеток на војната, кажа Путин, чија изјава ја објави официјалниот сајт на Кремљ.

Внимавајте, во Русија денес функционира полудржавен антифашистички и антимајдански совет за лов на вештерки, се води турбо-пропаганда дека власта во Украина ја грабнале фашисти, неонацисти, бандеровци и кој ли уште не, а нејзиниот прв човек, шефот на државата, ги обелува постапките на нацистите пред 1939 и ги обвинува западните земји како Англија и Франција за војната што Хитлер подоцна ја разврзал.

Историските нијанси настрана – како, на пример, Минхенскиот договор од 1938 помеѓу Франција, Велика Британија и Германија за судбината на Судетска област во Чехословачка, но да се обвинуваат други за лудилото на Хитлер да започне уништувачка војна со целиот свет, е навистина... хммм, како излезено од Алиса во земјата на чудата.

Во списокот на земји за поделба во наци-болшевичкиот таен договор фигурирале Финска, Естонија, Латвија, Литванија, Полска и Романија. Некои со вознемиреност ја примија оваа изјава. „Кога Путин вели дека нема ништо лошо во Рибентроп-Молотовиот пакт, јас велам дека современа Русија се во голема неволја“, твитна Едгарс Ринкевичс, латвискиот министер за надворешни работи.

Руското општество моментно се наоѓа во состојба на империска наркотичка опијанетост (откако многумина ја изеле печурката на Алиса што ѝ ја подметна гасеницата). Но пијаната состојба не трае вечно, пијанката наскоро ќе заврши, а по некое време настапува мамурлакот.

Трезнењето секогаш е најтешко.

Слики: El Gato Chimney

ОкоБоли главаВицФото