Промоција на „Вистинска вода“, новата поетска книга на Владимир Мартиновски

08.11.2014 13:21
Промоција на „Вистинска вода“, новата поетска книга на Владимир Мартиновски

На 10 ноември (понеделник) во 20:00 часот во галеријата на Младинскиот културен центар, ќе се одржи промоција на новата поетска книга на Владимир Мартиновски „Вистинска вода“, која излезе во издание на Кликер Книги.

Промоцијата е најавена како „музичко-поетска пловидба“ со Оливер Јосифовски (бас), Ѓоко Здравески (глас) и Владимир Мартиновски (глас).

Во продолжение, претставуваме три песни од книгата.

КУЌИ, ПОЛЖАВИ

(Хаику-квартет)

1.

куќа без луѓе
врз покривот се сонча
полжав без куќа

2.

урната куќа
траги од полжави
кон задниот двор

3.

копаат темел
полжави летаат
над лопатите

4.

се гради куќа
полжавче во идната
детска соба

КАТА ЗА НЕВИДЛИВ ПОЈАС

(Борба со противници кои вешто глумат соиграчи)

Одбрани се прво од
ласкавците. Покажи им

дека не ти е гајле што сè
зборуваат зад твојот грб.

Одбиј ги нападите на
лажговците. И докажи им

дека вистината нема потреба
да напаѓа никого. Одбиј им

на глупост на лажните
пријатели. И остави ги

да копаат нови бунари.
Белки ќе наидат на вода.

ПИНГПОНГАРСКИ СОНЕТ

Дури да се загрееме, топчето ни лета
до аглите на собата и облекува пајажина.
Од нашата несмасност, како пијаница шета
и се губи под креветите. На веселата дружина

трапавоста ѝ се допаѓа: секоја наша асолна утка
го погодува центарот за сеир! Се смееме сè додека
не ги броиме поените... А потоа, тој што губи се шутка,
се јаде однатре, а и однадвор почнува да се гледа полека

дека не му е веќе до шега! Одеднаш не може да си ја прости
ниту својата најситна грешка. Ко да е загрозена рамнотежата
на светот. Небаре е крај на сè! Потоа почнуваат да летаат пцости

и обвинувања, кои најпрецизно на свет се префрлаат преку мрежата.
И тоа трае со денови... Со векови! Мечот не може никој жив да го сопре.
Сè дури не се потрошат и најпоследните сили: сè дури дното не се допре!