Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2014

08.11.2014 12:53
Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2014

Издавачката куќа ТЕМПЛУМ по деветти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.

Ракописите кои се испраќаат по електронска пошта треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат.Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски...

Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2014 година.

Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.

Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми.

Важно: ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. 90.000 компјутерски знаци.

Ракописите можете да ни ги испраќате до 6 декември 2014 година на следнава електронска адреса: konkurs.novite@gmail.com

Ракописите можат да се остават и во ГЕМ клубот (над кафеаната Менада) во Стара чаршија (улица Караорманска ББ, Скопје).

За сите дополнителни прашања можете да се обратите на истата адреса на која се испраќаат ракописите.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус, Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон, Дејан Мирчески и Драган Георгиевски.

Во продолжение, претставуваме еден расказ од минатогодишниот победник на конкурсот.

Танц на сенките



Кога бев мал, многу мал и љубоморен на пролет, се собиравме неколку другарчиња кај мене дома, грицкавме сончоглед, пиевме цедевита и игравме „Танц на Сенките“. Играта беше доста глупава и се состоеше во следното – секој од нас, кога ќе му дојде редот, а не преку ред да се пика, треба ламбата да ја насочи кон себе и на ѕидот да се појави неговата сенка. После треба да ја одвои неговата сенка, да седне каде што седевме сите и да свири на кавал. Неговата сенка треба да танцува на музиката, и ние на крај да дадеме една оценка за танцот, за целокупната изведба, за сè. Оној, чија сенка најдобро танцува и има највисока оценка, е победник во играта, многу едноставно и многу глупаво.

Една вечер, за мојот роденден, се собравме петмина, Игор, Влатко, Бојан, Коста и Јас. Го изгаснавме светлото во собата и Игор почна прв. Ламбата ја насочи кон него, ја остави неговата сенка на ѕидот, седна и почна да свири на кавал. Неговата сенка навистина имаше добри движења, елегантни. Кога Игор заврши, си ја врати сенката и седна до нас. Оценувањето беше од еден до десет, па Игор доби една осмица. Можам да кажам дека беше задоволен од оценката, веднаш им се јави дома на неговите и им се пфали.

Следеше Влатко. Влатко го направи истото кое го направи Игор, но неговата сенка не беше баш нешто добра, нејзините движења беа премногу агресивни и по малку се губеше од ѕидот, играше и на прозорецот, и на регалот, па не можевме да ги забележиме сите движења. Влатко доби оцена пет. Не беше задоволен, но од друга страна тој не сакаше ни да игра уште од самиот почеток, тоа го правеше колку да не седи дома сам, па не му беше важна толку оценката. Се испоналапа грицки и испи литар цедевита.

Бојан и Коста се договорија заедно да ја изиграат следната. Никој немаше ништо против, тие беа хомосексуалци уште од мали нозе, па никој не се замараше нешто многу околу тоа.

Ја завртеа ламбата накај нив, ги отстранија сенките и заиграа некое си танго. Нивните сенки се држеа за раце, се допираа по телото, играа смирено и полека. Кога почнаа да водат љубов на ѕидот, моравме да ги прекинеме зашто може мајка ми да влезе и да се испобезуми. На крај, не беа лоши нивните движења и добија оцена девет.

„Девет. Па не е лошо. Не е лошо воопшто. Мислам дека девет воопшто не е лошо. Да добиеш девет, па тоа не е лошо. Деветка ако добиеш...“ Моравме да го прекинеме Коста зашто ќе зборуваше до сабајле, а сабајле сме на школо, па мораме побрзо да завршиме, барем пред четири саат. Коста седна до Бојан, го гушна и го бакна во чело. Бојан се насмеа и му даде да јаде перек.

Мене ми дојде редот. Морав да победам една деветка. Морам да победам. Ако не победам моите ќе ме остават без пари за ужина. Зедов залет, се подготивив, ја завртев ламбата накај мене, ја одлепив мојата сенка и ја оставив на на ѕидот.

Седнав и почнав да свирам на кавалот. Јас си имав посебен кавал, не сакав сите да се лигават на еден кавал. Мојата сенка стоеше на ѕидот и не се движеше. Стоеше залепена туку-така.

„Ајде сенко, играј!“ викнав.
„Не!“

Останавме целосно изненадени. До сега ниту еднаш не се случило сенка да ни прозбори.

„Па ти можеш да зборуваш?“ ја прашав мојата сенка со многу тенок глас, ама онака најтенок, ептен тенок, едвај ме слушна.
„Да. И не само тоа, можам многу работи да правам, а не само да играм по ѕидови. Ме прашал ли некој мене како ми е? А, дечишта? Сте размислиле ли малку?“

Ние, искрено, никогаш не сме размислиле како се чувствува една сенка. Во суштина, ние и не размислувавме многу, само понекогаш, кога ептен моравме да добиеме двојка за да не полагаме во лето и да одиме во Охрид.

„Имаш ли име? Како се викаш?“ ја прашавме.
„Имам, да. Се викам Имам“ рече.
„Имам, дали сакаш нешто да се напиеш? Имаме цедевита,“
„Не, не сакам ништо, сакам да си одам“ Имам се преобрази во птица со едно крило и излета низ прозорецот. Никогаш не се врати.

Од тој ден останав без сенка. Од тој ден шетам навечер и ја барам низ Скопје. Носам кавал со мене и свирам, во случај Имам да се предомисли и повторно да заигра на некоја зграда, на некој ѕид, во некоја темна уличка.

Доколку некој ја забележи мојата сенка, ве молам излажете ја со чоколадо, задржете ја и повикајте ме на кој било број што го знаете напамет.

Слики: Дагмар Беркова