Среќата и страдањето на германскиот ноември

09.11.2014 12:41
Среќата и страдањето на германскиот ноември

„Никогаш вредноста на слободата не била повидлива од тој четврток навечер, во ноември 1989“, пишува дизелдорфскиот Рајнише пост по повод 25-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. „Беше тоа раѓање на новиот германски идентитет. Жедта за слобода и самоопределување беше посилна дури и од режимот кој убиваше за да ја задржи моќта. Штази прислушкуваше, надгледуваше и малтретираше милиони недолжни граѓани - но не можеше да ги потчини. На крајот тоа беше успешна револуција, таа децениска борба на граѓаните против нечовечниот режим кој себеси лицемерно се нарекуваше демократски. (...)“ Разубавувањето на ДДР и денес е огромен проблем кој се засилува секоја година, со логиката на демографијата. Како што минуваат годините, погледот станува сè позаматен. Против тоа мораат да застанат сите вистински демократи. Застрашувачки е колку млади Германци на истокот на земјата малку знаат за ДДР. Носталгијата е длабоко вкоренета и во партиите“, додава весникот, мислејќи на партијата на Левицата која ја е наследничка на поранешната режимска партија на Источна Германија.

Меѓутоа, секоја годишнина од падот на Ѕидот носи еден страшен белег. На истиот датум (9 ноември) 1938 година се случи Кристалната ноќ. Затоа Штутгартер цајтунг пишува дека другите нации денот на обединувањето би можеле да го слават помпезно, но дека тоа не би ѝ прилегало на Германија „бидејќи ѕидот не би постоел ниту би можел да биде срушен ако не постоел националсоцијализмот, на чиишто погроми овој ден секогаш нè потсетува“. Вестфаленпост потсетува на тој погром: „Браон кошулите одеа по улиците, кршеа излози, дивееја, тепаа и убиваа. Ги фрлаа клавирите низ прозорците и се богатеа од она што еврејските соседи го чуваа во комодите. Лелекањето дојде дури подоцна, кога цела Германија беше во урнатини и пепел.“

Коментаторот забележува дека денес постојат луѓе кои ја одбиваат реалноста на нацизмот и онакви кои ја отфрлаат реалноста на ДДР со исти зборови: „Па не беше сè така лошо“ . „Двата периоди на вина имаат огромна разлика: ДДР беше неправедна држава настаната како погрешен одговор на периодот на нацизмот и на темел на комунистичките фантазии за семоќта. Меѓутоа, националсоцијалистите од почетокот имаа лоши, расистички и антисемитски идеи и со нив придобија застрашувачки многу поддржувачи. Тие два система не треба ниту да се споредуваат ниту да се спротивставуваат. Прашањето е единствено каде почиваше неправдата во едниот, а каде во другиот. Со тоа прашање Германците ќе се занимаваат сè додека постојат како народ. Иако ноемвриската среќа од 1989 е неспоредлива со ноемвриското страдање од 1938, секогаш е добро да се сеќаваме на овие два датума заедно. Германија не може дополнително да се излечи од својата двозначна историја“, додава Вестфаленпост.

Што остана зад падот на Ѕидот? Што значи тој ден за денешните генерации? „Тоа е пред сè слобода, таа ги поврзува Германците и таа треба да се брани и во време на масовна шпионажа и масовна манипулација“, пишува Лаузицер рундшау. „Времето на промени од пред 25 години денес можеби тешко допира до сеќавањето, но падот на Ѕидот остави нешто непобитно, нешто што можат да го сфатат и оние родени после Ѕидот. Слободата е сржта, таа останува, дури и кога минатото и историјата со тек на време се разводнуваат.“ Франкфуртер рундшау забележува дека многу разлики до денес не се надминати: „На исток е поголем ризикот од сиромаштија, помалку млади матурираат и населението е постаро. Меѓутоа, одлучувачко е чувството на запоставеност во оваа - повеќе не така нова - Германија, чувство кое од некогашните граѓани на ДДР се пренесува на нивните деца и внуци. Чувството дека западниот меинстрим ги задава темите и светогледот кои немаат ништо со секојдневието на истокот.“

Сабрикен цајтунг го поставува прашањето дали е воопшто можно да се учи од минатото, кога во него има толку среќа и случајност, како кај падот на ѕидот. Можно е, пишува весникот: „Прво, на секоја промена ѝ се потребни носители. Без храброста на граѓните и борците за слобода ништо не може да се помрдне од мртва точка. Можеме да научиме и дека најголема опасност за диктаторите е кога светот внимателно ги набљудува. Преку петиции, слики на Твитер, протести пред амбасадите. Трето, успешните ослободителни движења мораат да добијат масовна поддршка од странство за да не им се распадне државата. Без Западна Германија можеби ДДР би поминала како пропадната револуција, како државите од Арапската пролет. Слично може да се случи и во Украина, доколку ЕУ не се ангажира доволно.“

Угледниот Велт пишува: „Што направивме од подарокот од 1989? Премалку, за жал. Адам Михник, кој некогаш беше противник на стариот режим, еднаш рече: Најлошо кај комунизмот е што она што доаѓа по него. Долгата поделба на континентот и угнетувачкото владеење на комунимот создаваат тешко наследство кое нема брзо да исчезне. На исток, но и на запад. Германскиот 9 ноември може да биде добар повод за да се промисли повторно како средна и источна Европа да се направат простор на жива размена на мислења и заедничка историја. За да не важи некогаш: Најлошо кај Европската унија е она што доаѓа по неа.“

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото