Белешки за културата, за образованието...

10.11.2014 13:01
Белешки за културата, за образованието...

На трети јули 2014 се одржа трибина „Што да се прави“. Говореа триесетина интелектуалци/ки, новинари/ки, активисти/ки... Деновиве се појави зборник текстови од тој настан. Следниве денови на „Окно“ ќе пренесеме неколку од тие текстови.

1. За вистинските прашања

Што да се прави? Најнапред треба да се разбере дека во својот изворен контекст ова прашање е поставено врз веќе развиена теорија на класно определената политичка акција. Денес главната пречка што треба да се надмине веќе не е поставена од осуетената волја за промени, туку од пребришаните сеќавања за утописките поттици, задушени во безизлезот на бесконечната сегашност. Прашањето, тогаш, ќе треба да се постави на следниов начин: Како да се мисли? Како да се мисли она што е незамисливо, она што се измолкнува пред секој обид за преточување во рационален концепт или, барем, во делотворна претстава на пожелните односи и состојби?

1.1. За тешкотиите на претставувањето

Стварноста, која треба да се дофати и прифати како единствена достапна суровина на мислењето и дејствувањето, претставува, едновремено, и средство и цел. Од достапноста на начините и можностите за нејзино уверливо претставување зависи и самото определување кон содржините и формите на јавниот интерес, односно кон пројавите на практично- политичкото. Меѓутоа, таа стварност е несогледлива за единката што е истоштена од дневната задачата да ги опредмети структурно неопходните фикции на животот: среќа, пари, имот, власт, правда, народ, достоинство, битие... слобода. Притоа, изгледа дека стварноста се повлекува и пред обидите за нејзина тотализација како нешто несомерливо со амбициите на просветителската замисла за универзалното, јавно и слободно знаење и творештво. Всушност, самиот обид за научен и уметнички увид во јадрото на историскиот систем на човековото секојдневје се наоѓа во завршната фаза од процесот на делегитимација и деконструкција – процес што е заснован и насочуван од идеолошки маневри затскриени под наметката на културата.

2. За овдешноста

Мислењето на македонскиот современ општествено-политички миг го носи белегот токму на таквата осуетеност. Имено, од поројот на експертизи, новински колумни, научноистражувачки проекти и политиколошки анализи, кои во изминативе децении го имаат преплавено македонскиот јавен простор, се гледа дека домашните состојби се толкуваат како локална аномалија на еден, инаку успешен, крајно делотворен економски модел и на неговите соодветни социополитички односи.

Тие разбирања ја покажуваат својата недоветност на неколку рамништа: пред сè, тука е неснаодливоста при разликувањето на настаните и опитот од цикличната историчност во светогледот на единката (локално!) од оние закономерности на еднонасочната општествено-економска, политичка и културна родова историја (глобално!); натаму, следува невешто сроченото барање за реставрација на „нормалноста“, за враќање назад кон (по)едноставните односи и облици на производство и размена во општеството; конечно, сè се довршува во несвесното прифаќање на честопати молкум искажаната согласност дека не може да се замисли локално одзглобување, територијална сецесија од детериторијализираниот светски економски, правно-политички, технолошки, комуникациски и вредносен систем.

2.1. За овдешното пресметување на времето

Следствено, би се рекло дека единствената терапија за закрепнување на заболениот македонски општествен организам, која ја пропишуваат домашните врачеви, се состои во некаква темпорална сецесија, поточно, во нерешителното, млако одречување на сегашноста, во црпењето поуки од знаењето за просветителското минато (образование?!) и во планирањето дејства насочени кон пристојната граѓанска иднина (култура?!). Понудена во разни варијанти на вкусови и ароми, ваквата препорака за реконструкција на општествената смисла, на значењето на единката и на историската целисходност, ја лоцира слепата точка во тековниот израз на некогашната носечка либерална реторика.

3. За рекурзивните историски равенки

Оваа штура мисла на запуштеното либерално класно знаење-идеологија, нема повеќе сили за проценка на историските претпоставки и разрешување на практично-политичките исходишта на сопствените барања за „повторно“ освојување на слободата од македонските зандани на глобалната стварност. Прво, бидејќи враќањето кон состојбите на слободата претполага обнова на еден комплекс историски нужности од кои, впрочем (секогаш, нужно и повторно), произлегува и дијалектиката на актуелните противречности;

второ, затоа што потрагата по нов политички дискурс на масовна мобилизација во образованието и во културатата, како традиционални бастиони на општествената и на индивидуалната слобода, претполага овие простори на самосвојноста сè уште да не се контаминирани од лошата стварност на упорното секојдневје и на напорната судбина.

3.1. За окупацијата и колонизацијата

Последната реченица налага дополнителни појаснувања, особено поради тоа што во неа неодложно се поставува и прашањето на некаква политичка акција – што да се прави? Барем за почеток, би требало храбро да се исчекори од улогата на „лојална опозиција“ и од практиките на безволно соучесништво; а, потоа, ќе треба и јасно да се согледаат состојбите од непосреден интерес: имено, дека просторите на образованието и на културата се веќе зафатени од доминантниот идеолошки дискурс и тоа во обратно поставена, длабоко иновативна структура на темпорализација на вечната сегашност.

Накусо, денес преку културата се колонизира минатото, а преку образованието – иднината.

3.2. За просторите на насилството

Симптомите на темпорализација во македонскиот тековен општествено-политички амбиент се најуочливи во остварувањето на ресорните интереси за ликовното творење и знаење, односно за уметноста и за нејзината историја. Но, тука треба веднаш да се истакне дека видливо е само тоа што му се нуди на погледот. Политичката дебата е вешто пренасочена (исклучиво!?) кон живото творештво и кон јавната критичка реч, разбрани како симптоми на акутните состојби, коишто навидум ги предизвикуваат отуѓената политичката моќ и голото институционално насилство. Вистинското, пак, хронично жариште на акутната болката е уште повешто затскриено под систематичната, длабока и тивка преобразба на установите на дисциплинарното знаење (како и на воспитно-образовниот процес, во целина) во казнено-поправни логори за социјален инженеринг и за психолошко кондиционирање.

3.3. За субјектите, носителите и функционерите на јавниот интерес

На планот на обуката и подуката, уметничкиот и критичкиот чин се преведени во оперативен збир на техники и приоди од областа на заштитата на културното наследство – на она наследство што не постои и што ќе треба „творечки“ да се реконституира и „научно“ да се легитимира. Со други зборови кажано, од учењето (на и за културата), воопшто, докрај е искоренета етиката на знаењето.

Така опредметеното знаење го пребришува субјектот на јавната, културна, политичка и општествена иницијатива, нудејќи ги позициите на носителот на јавниот сервис и функционерот на културниот капитал – како награди во општествената (државната?!) лотарија на идеолошката корупција.

4. За културните изворишта на политичкото самоволие

Дотука веќе треба да е сосема јасно дека претходните белешки и забелешки не содржат намера за сведување на македонската стварност до некаков општествен еквивалент на разбрани историски нужности (производни сили и односи). Обидот, всушност, е насочен кон скицирањето на еден психолошки еквивалент на стварноста, односно кон разбирањето на границите и условеноста на конкретното перцептивно искуство на апстрактниот човек... во овдешноста.

Врската со содржините на политичката акција е непосредна – културата е симптом, образованието е жариште на заболувањето, а, од неодамна, семејството е метастаза на фактичноста во која единката не може (не смее?!) да погледне.

Оваа позитивна повратна врска, ова циклично претворање на животот во тотализиран предмет на узурпираниот јавен интерес, мора да се раскине.

Искажано во термините на практично-политичкото, целта е разбивање на механизмите на отуѓената темпорализација, односно именување на сегашноста на културата и на образованието како нови лиценцирани дејности на морално- политичката подобност и на идеолошката хомогенизација на македонското општество.

4.1. Како да се мисли?

Именувањето на нештата и појавите – чинот на давање идентитет – претполага дека идентитетот веќе се поседува, дека се располага со сопственото име. На носителите на политичката реакција, на колективниот отпор и на личните незадоволства им е наложен (доделен) идентитетот на опозиција; тие не се субјекти на политичката акција што од новолибералниот универзум ќе ја разлачи и ќе ја издигне новопролетерската класа до свеста за себе, до идеологијата како класно знаење за светот и за сопствената состојба во него. Така е бидејќи отпорот е само тоа што е – маса единки со ограничени желби и неограничена омраза и страв, толпа што е несвесно обединета околу срамот и неизвесноста на сопствениот наемен труд.

Денес македонската (политичка) опозиција нема основа да го постави прашањето – што да се прави? Но, секако, таа треба да добие одговори што ќе помогнат при омеѓувањето, при обновената тематизација на утрините на јавниот интерес и на општествениот живот, веќе со децении необработени, запуштени.

Значи, еве за што би било полезно да се размислува: за процесите на класната диференцијација, наспроти социјалното раслојување како период на природното полураспаѓање на модерноста; за општествената интеграција, наспроти фиксацијата со државата и со апаратите на моќта и господарењето; за вклучувањето на работниот ден и слободното време во мантрата за слободниот пазар на пари, стоки и идеи; за ослободувањето како точка на пресврт, наместо за содржините на недостижната слобода... Сето ова, како неопходна подлога на политичката акција, се разрешува во мигот кога ќе се добие одговорот на едно сè уште актуелно барање, поставено во рамките на класниот и генерациски мотивиран активизам од минатиот век. Барањето гласи – именувај го системот!

5. За културата и образованието... повторно во овдешноста

Културата, очигледно, се распаѓа под товарот на новите налози и намени; таа е неделотворна како рецепт за залечување, за рехабилитација или за реинтеграција во некоја изгубена (замислена, измислена!?) златна доба на општественото единство и рамнотежа. Од своја страна, пак, ниту образованието ќе може своето вградено доцнење зад денешницата да го надомести со проекции од работилницата за поправки и исправки на лошата судбина и на историските грешки.

Времето за реформи веќе истекува, а деновите на промени се отаде хоризонтот на очекувањата. Сепак, нештата што се невидливи не се секогаш и непредвидливи; тоа ќе рече дека секоја половично смислена интервенција, секое изнудено дотерување и разубавување на општествената надградба е обично одлагање на ослободувањето – на целосната негација на тековната, крајно корумпирана политика на трудот и на нејзината идеолошка подлога.

Фотографии: ANTONY CROSSFIELD
Извор:
Што да се прави (зборник текстови, 2014)

ОкоБоли главаВицФото