Издвоени од мислењето

11.11.2014 10:14
Издвоени од мислењето

Уставниот суд одлучи дека Законот за абортус е уставен, односно го отфрли барањето на здруженијата за човекови права Судот да ја испита уставноста на одредени членови од Законот. И во овој, како и во врска со случајот со бркањето на новинарите од Собранието, уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска имаше различно мислење од своите колеги. Во форма на таканаречено „издвоено мислење“ таа предупреди дека бремената жена е дискриминирана наспроти другите пациенти, дека во нејзино име државата одлучува дали ќе се случи прекин на бременоста, дека Судот не ги зел предвид меѓународните документи (конвенции за човекови права, против дискриминација), кои се дел од нашиот правен поредок и други забелешки, суштински и за правата и за здравјето, не само на жената.

Вакви „издвоени мислења“ не ја менуваат храбрата одлука на „органот“ (Уставен суд, Лустрациска комисија...) по секоја цена и без разлика на сѐ да застане во одбрана на владата. Тоа е резултат на еден од нејзините најголеми и најуспешни проекти – да ги одвои поединците од мислењето, да ги издвои сите што мислат и да ги прогласи за непријатели, не само нејзини, туку и на државата.

Затоа, овие ретки и, со самото тоа, драгоцени сигнали на нормалноста го менуваат, барем за момент, чувството дека сѐ е безнадежно потопено во морето наречено едноумие, дека во ова безумие неповратно е изгубена индивидуалноста, личниот став, накратко – мислењето.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото