Државата-лавиринт и маките на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај

11.11.2014 13:54
Државата-лавиринт и маките на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај

Го пренесуваме овој текст на една наша сограѓанка која сакаше да остане анонимна. Текстот зборува за тоа со какви сè пречки се соочува еден социјално загрозен граѓанин од страна на државата која според членот 1 од нејзиниот Устав треба да биде социјална држава. Воедно, Левичарското движење „Солидарност“ ги повикува сите граѓани што имаат проблеми на работното место и со остварувањето на правата како социјално загрозени лица, да ни пишат. Ќе ги објавиме нивните текстови. За жал, работите кои се опишани во овој текст не се доволно познати во јавноста.

 

Долго време размислував, дали мојот проблем да го споделам со јавноста, бидејќи во оваа сенка од држава, човек не може со никој ништо да сподели. Сепак, решив да напишам што ме мачи, што ми тежи на душата…

Накратко, ќе ви опишам како тоа во РМ се намалува бројот на оние кои примаат СОЦИЈАЛНА ПОМОШ и на оние кои АКТИВНО бараат работа. (уникатни сме во сè, па и во категоризацијата на баратели на работа-активни и пасивни (???) ). Не е битно која сум. Лојален граѓанин на оваа држава сум, кој и покрај големата беда, некако успева да ги подмири обврските кон неа. Пасош немам, ниту странски, ниту македонски, ама затоа документирано сум државјанин на РМ – за секој документ, ако се поминати 6 месеци од издавањето на државјанството, вадам нов. Академски сум образована, уште од времето кога на прсти се броеја магистрите и докторите на науки.

До ноември 2013 бев примател на социјална помош, која патем речено, не е ни милостина, а камо ли помош. Во декември 2013 не ги обновив документите за право на социјална помош, бидејќи Министерот за ТСП, господинот Диме Спасов, вовел „нови правила на игра“. Освен јас и сопругот, и моите деца мораа да одат во МОЦТСП за да пополнат барања. Требаше сите заедно истовремено да ги пополниме барањата во МОЦТСП… Јас и така не смеам на децата да им погледнам в очи, па уште да им го доуништат и тоа малку достоинство што го имаат, не ми паѓаше на памет…

Заради не обновување на документацијата, бев казнета 6 месеци.. По истекот на оваа казна, отидов кај директорот на МОЦТСП, за да видам дали може да поднесам документација. Се изненадив кога дознав дека во меѓувреме пак се вовеле „нови правила на игра“ – за да се добие социјална помош, треба и двајцата сопружници да бидат АКТИВНИ БАРАТЕЛИ НА РАБОТА. Немам право да поднесам документи, бидејќи во Агенцијата за вработување сум заведена како пасивен барател на работа. Не зашто јас сакав така, туку заради тоа што така сакаше референтот, вработен таму. Иако неколку пати му реков дека сакам да ме регистрира во активните баратели на работа, не сакаше. Потсмешливо ми рече дека сум стара, дека за младите нема работа, а камо ли за мене, допрва ли ќе сум работела, кој сакал да вработува повозрасни, до сега требало веќе да сум близу до пензија, а не да се мотам по вратите на агенцијата… и на крај рече „Не може како ти сакаш“… Што да ви кажам, разочарана сум од сè, деградирана до бескрај. Не ми е јасно каква е врската меѓу начинот на кој бараш работа и примањето социјална помош? Зарем воопшто се гледа како си регистриран во Агенцијата за вработување? Се знае за кого има работа, без разлика на тоа како си регистриран, без разлика на годините, образованието и интелигенцијата.

За крај, да ви објаснам уште нешто. И во двете горенаведени институции секој месец мора да одиш лично за да те евидентираат. Задоцнувањето од еден ден значи бришење и од двете институции и, се разбира, соодветна казна. После третата година од примањето на социјалната помош, се добива 50% од првичниот износ – КАЗНА затоа што за тие 3 години не си нашол работа! (ИЗНОС НА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ ЗА 2014 – едно лице 2.451 денар - 1.223 денари семејство и домаќинство со два члена 3.358 денари - 1.679 денари семејство и домаќинство со три члена 4.265 денари - 2.133 денари семејство и домаќинство со четири члена 5.173 денари - 2.586 денари семејство и домаќинство со пет и повеќе члена 6.081 - денари 3.040 денари.)

Знам дека има многумина како мене, но, за жал, се плашат да проговорат….

Извор: www.solidarnost.mk
Слики: Skidrobot