Новинар од портал ја искористил втората наместо првата слика што ја нашол на Гугл

11.11.2014 16:35
Новинар ја искористил втората наместо првата слика што ја нашол на Гугл

Скопје, 11 ноември 2014

Новинар од порталот dez.info, пишувајќи статија за разбојништво што синоќа се случило во населбата Аеродром, ја употребил втората наместо првата слика од нож што ја нашол пребарувајќи на Гугл.

Ваквиот потег предизвикал негодување кај читателите, кои биле навикнати на старото добро решение - машка рака која држи крвав нож во крупен кадар.

„Срамота“, „вратете ни го ножот“, „до кога веќе со експерименти“ - тоа се само дел од коментарите кои незадоволните читатели ги оставиле на овој сајт.

Но, читателите не се единствените кои реагираа на непромислениот потег на новинарот. Се огласи и главниот уредник на dez.info, кој најави и казна за вработениот.

„Знаеме дека никој не е безгрешен, но сè има свои граници. На новинарот ќе му бидат одбиени 10 отсто од месечната плата за ноември и привремено ќе има пристап само до поставување статии од црна хроника во кои не е вклучено насилство со огнено и ладно оружје“, изјави за Пара вести уредникот на овој портал.

Во меѓувреме, на порталот беше вратена истата добро позната слика која се употребува во секоја статија од овој вид.