Борба против чиста средина

12.11.2014 08:05
Борба против чиста средина

По повод „Меѓународниот ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот“ Еврејската заедница, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Институтот за културно и духовно наследство на Албанците и Институтот за национална историја потпишаа Mеморандум за соработка. Документот, како што објаснија потписниците, треба да биде пример за меѓуетничко и меѓуверско почитување и разбирање, со него треба да почне проектот „Соочување со минатото - граѓанска храброст во опасните времиња“ и да биде израз на желбата за спречување на омразата и насилството кон која било етничка или верска група.

Македонското општество е загадено со омраза и насилство во количини што се далеку над дозволената граница. Погонот на Илинденска постојано произведува и прогласува непријатели, ги жигосува сите што имаат свое мислење, повикува на пресметки, чистки, толерира агресија врз тие со различна ориентација. Преку своите медиумски оџаци без цивилизациски филтер веќе една деценија го труе населението и ја прави атмосферата неподнослива. Таму смислуваат непишани правила, кои овозможуваат непречено емитување и ширење на отровните честички.

Времињата се опасни и соочувањето со таквата реалност навистина бара граѓанска храброст, која е речиси изгубена. Во такви услови, шансите на Меморандумот се сведени на теорија. Што не мора да значи дека желбата е неостварлива. И најдолгиот пат, нели, почнува со првиот чекор.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото