Со land art за спас на Радика

12.11.2014 08:22
Со Land Art за спас на Радика

Група активисти од иницијативата „Да ја заштитиме река Радика“ со поддршка на група уметници изминативе денови изработија гигантски симбол во облик на костур од риба во знак на протест поради идеите и плановите за изградба на браната Луково поле. Самиот симбол претставува своевиден ленд арт кој е лоциран во непосредна близина на месноста Мелнички мост преку Дебарското езеро, кој сега заради екстремно нискиот водостој на езерото всушност ги премостува Радика и сувото корито на езерото.

Иако во овој период на годината Дебарското езеро најчесто има низок водостој, екстремно нискиот водостој годинава за еколозите и претставниците на иницијативата Радика е потврда дека во Реката Радика нема доволно вода за да се изгради брана од која водата би се делела во два слива. Тие стравуват дека доколку се изгради новата брана и се остварат плановите на владата и ЕЛЕМ водите од Радика кои со милениуми течат кон Дебар и Дрим, вештачки да бидат пренасочени кон Вардар, реката Радика со тек на време сè повеќе ќе се намалува за на крајот да исчезне и остане само колектор на канализациите од селата во реканскиот крај.

Активистите со оваа акција сакаат да го свртат вниманитето на јавноста, особено на онаа меѓународната, која има важна улога во одобрувањето на средствата и плановите за изградба на браната Луково поле за опасностите по биодиверзитетот и по локалното население од дебарско и Река, кои со себе ги носи изградбта на браната.

Симболот во вид на стилизиран костур на риба под кој е изпишана пораката „Спасете ја Радика“ е долг 12 метри, широк 2,5 метри, а во него се употребени нешто повеќе од 2 метри кубни камен.

Адем Сулејмановски, ликовен уметник и автор на скиците, плановите и фотографиите од интервенцијата на брегот на Дебарското езеро истакнува: „Уметниците мораат да се вклучуваат во грѓанските движења и иницијативи, со оваа моја иницијатива која ја остваривме заедно со активистите мислам дека давам добар пример и за останатите мои колеги уметници да се вклучат во граѓанските движења и со нашите (уметнички) идеи да помогнеме да се зголеми видливоста на акциите и да се даде зголемен креативен момент и на тој начин да ги убедуваме јавноста и надлежните да ги корегираат погрешните политики и планови“.

Наредните денови фотодокументацијата од акцијата ќе биде испратена до сите релевантни домашни и меѓународни организации и институции за заштита на животната средина.

Извор: nikolapisarev.wordpress.com

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Активизам / Екологија / Уметност

ОкоБоли главаВицФото